Уште една темна страна на гасоводот: опасноста од експлозии која честопати носи жртви

СКОПЈЕ, 18.07.2018 – Кај нас, последните неколку децении актуелна е дебатата околу природниот гас. Според некои, природниот гас е почист енергенс од јагленот и нафтата и во услови на енормно загадување на воздухот во Македонија истиот се смета за решение на оваа еколошка криза. Природниот гас испушта околу половина од јаглеродниот диоксид по киловат час генерирана електрична енергија, и не исфрла честички, жива или сулфур диоксид во воздухот. Бидејќи постројките за природен гас можат да обезбедат поголема моќ на мрежата, заедно со брзиот резервен напон, природниот гас е логично фосилно гориво кое би требало да го замени јагленот и нафтата. Но, кога одблиску ќе го видиме производството и транспортот на природниот гас впечатокот е дека тоа e енергенс кој има негативни последици врз животната средина, здравјето на човекот и опстанокот на животинскиот и растителниот свет. Метанот може да избие во атмосферата за време на процесот на дупчењето и исто така може да се испуштат големи количини на метан кога цевките и другите делови од инфраструктурата протекуваат или пукаат.

Гасоводот скоро секаде каде што е имплементиран има своја историја на инциденти. Истекувањето на цевките за природен гас може да предизвика експлозии и пожари, што резултира со eнормно еколошко оштетување  а честопати и со жртви. На пример, во САД во периодот од 2010 до 2016 година имало 4.269 инциденти предизвикани од гасоводот, во кои 474 лица биле повредени а 100 лица починале. И знаејќи го ова, ако земеме предвид дека изградбата на гасоводот низ парк шумата Водно е правена без никаква транспарентност и во услови кога корупцијата резултира со тоа да државните институции ги фалсификуваат своите анализи и инспекции (најсвеж пример е рудникот Иловица – Штука), тогаш стравот и гневот на луѓето кои живеат во Скопје е целосно оправдан. Гасоводот што ќе минува низ парк шумата Водно има потенцијал да ја уништи целата шума која беше посадена по земјотресот од страна на институциите на Социјалистичка Македонија и бројни младински акции во кои учествуваа илјадници комунисти. Ерозијата на оголеното и без шума Водно беше една од причините за големата поплава во 1962. Со растот на градот по земјотресот, а особено во последниве 3 децении кога градежната мафија го уништи зеленилото во градот, Водно се претвори во белите дробови на градот. Место каде работничката класа, пензионерите и младината без никаков надомест имаат можност да се рекреираат и здивнат од токсичниот воздух во градот.

На глобално ниво, фосилните горива oбезбедуваат 85 % од вкупната енергија која ја користиме. Согорување на фосилни горива во атмосферата емитува огромно количество на штетни гасови. Со нивното согорување се создава ефект на стаклената градина која значително придонесува за глобалното затоплување. Потоплите температури влијаат на Арктикот и Антарктикот и предизвикуваат топење на  мразот, со што се зголемува нивото на морето и промена на составот на околните морски води. Тоа автоматски го загрозува животот на илјадници луѓе и нивното производство. Исто така, термоелектраните при согорување на јагленот предизвикуваат загадување на воздухот од кое првенствено страдаат вработените таму, а потоа локалното население. За ова најдобро знаат Битолчани. Има и други негативни последици од фосилните горива: киселиот дожд, загадувањето на океаните со дефектите на танкерите на нафта, загадувањето на почвата и реките, унишутвањето на огромни пространства кое може да се употребат за живеалишта, шуми, земјоделије и друго. И покрај сите овие причини, работите се придвижуваат бавно.

Еко активистите веќе подолг период повикуваат на глобална климатска револуција во која обновливи извори на енергија ќе ги заменат фосилните горива. Но, секогаш корпорациите со нивното лоби ги саботираат и ги обележуваат овие идеи како економски неоптимални и политички контрапродуктивни. Овие бизниси носат огромни профити кои со промена на енергетското производство би исчезнале. Во услови на глобален капиталистички поредок и намалување на демократските права низ светот под притисок и во името на акумулирањето на профит за малкумина,  трансферот кон обновливи извори на енергија се чини невозможен. Капиталистичкиот поредок тука се наоѓа испречен пред сите обиди да се зачува климата без која животинскиот и растителниот свет на планетава не може да опстојат.

Ситуацијата е слична и во Македонија. Наместо сонцето и ветрот одредени бизнис интереси имаат интерес да увезуваат природен гас од Русија, нафта од Блискиот исток преку солунското пристаниште и експлоатација на јаглен на сметка на здравјето на стотици илјади жители на пелагонискиот регион. Наредна жртва на овие корпоративни шеми во кои учествуваат политичарите од ВМРО/ДПМНЕ и СДСМ е парк шумата Водно. Граѓанското мобилизирањето околу овој проблем има потенцијал повторно да ја врати вербата во протестите и Петтомајската енергија. Додека дел од нашите политичари се купуваат и продаваат како и секоја друга стока на пазар, единствената надеж е во солидарноста и мобилизацијата на граѓаните, младината и работничката класа. Со правилно канализирање на гневот на граѓаните, виталноста и динамиките што ќе се појават на grass root ниво може да отворат нова ослободувачка и зајакнувачка политика која ќе води кон изградба на ново општество на еколошка и социјална правда.

|2018-07-18T09:17:53+00:0018 јули 2018|Актуелно, Став|