Шумите – на удар на пожарите и немањето интерес

Неодамна, Заводот за статистика ги објави податоците за состојбата со шумите во минатата година. Тие податоци покажуваат дека лани во Македонија се пошумиле 965 хектари. Малку е тоа или многу? Сериозно се сфаќа прашањето на пошумувањето или тоа се прави колку да се рече дека нешто се прави? Треба тоа да нѐ интересира или не е баш нешто важно?

Веќе споредбата со нивото на пошумување во последната деценија, од 2010 до 2019 година, го покажува падот во пошумувањето до кое дојде во последните три години. Едноставно кажано, пошумувањето не било никаков приоритет на владата на СДСМ и ДУИ. Без разлика на потпишувањето на Парискиот договор за климата, без разлика на постојаното мантрање дека сериозно ја сфаќале животната средина. Последните три години од 2010-тите беа најлошите години во поглед на пошувањето во оваа деценија. Фактички, во 2010 година, за само една година, се пошуми поголема површина од сите три последни години заедно.

Извор: МакСтат база на податоци: Пошумување во и вон шума, по години

Но, овој податок не ја дава целосната слика за тоа колку потценувачки несериозно се пристапувало кон пошумувањето во последните години. Кога бројките за пошумувањето ќе се споредат со податоците на шумски површини уништени од пожари, веќе се добива поцелосен увид колку ваквото ниво на пошумување е недозволиво ниско. Во 2019 година биле пошумени 965 хектари, додека пожарите уништија дури 11 пати поголема површина шума – 10.661 хектар. При тоа, треба да се има предвид дека еден хектар пошумено и еден хектар опожарено земјиште немаат иста вредност од гледна точка на апсорбирањето јаглерод диоксид и создавањето кислород. Графиконот подолу посочува на уште еден катастрофален податок. Во сите години од претходната деценија без исклучок опожареното земјиште беше поголемо од пошуменото земјиште. При тоа, во три години имаше огромна разлика помеѓу опожарените и пошумените површини. Во 2012 година беше опожарена 14 пати поголема површина од онаа што беше пошумена, а во 2017 година – неверојатни 24 пати. Само во 2014 година бројките беа израмнети (1.150 хектари опожарена наспроти 1.064 хектари пошумена површина). Севкупно, во последната деценија беа опожарени 66.503 хектари, а беа пошумени речиси пет пати помалку: само 13.725 хектари.

Извор: МакСтат база на податоци: Пошумување во и вон шума, по години и Штети во шумите, по региони, по години

Колку се малку овие 13.725 хектари пошумени површини во последната деценија најдобро може да се види од споредбата со пошумувањето во претходните децении. Статистичките годишници на Заводот за статистика содржат податоци за пошумувањето во последните 60 години, од 1960 година до денес. Тие податоци многу добро покажуваат на кое ниско ниво е паднато пошумувањето не само во последните години, не само во последната деценија, туку и по преминот од социјализам во капитализам.

Извор: Завод за статистика: Статистички годишници

Како што може да се види од овој графикон, по осамостојувањето и преминот од социјализам на капитализам, нивото на пошумување бележи драстичен пад, при што во секоја следна деценија постои дополнителен пад во однос на претходната. Во 1990-тите, за десет години била пошумена речиси иста површина како и во следните 20 години, а за целиот капиталистички период е пошумена значително помала површина отколку само во 1980-тите (65.690 наспроти 76.582 хектари). Севкупно, во последните три децении од социјализмот во Македонија се пошумени 138.440 хектари, додека за трите децении капитализам пошумено е помалку од половина од тоа ниво (65.690 хектари). А колку навистина е ниско нивото на пошумување во последните три години? Толку е тоа ниско што 2017, 2018 и 2019 се трите години со најниско ниво на пошумување уште од далечната 1965 година! Од она време кога во тек беше Виетнамската војна и кога Гамбија стекна независност немало година во која во Македонија се пошумувала помала површина отколку што тоа беше случај во последниве три години!

Владејачката пропаганда милува да креира илузии дека капитализмот бил подобар дури и од оној фаличен социјализам што го имавме. Досието на пошумувањето во Македонија покажува дека тоа е едно од оние области во кои тотално депласирано е да се зборува за примат на капитализмот во однос на социјализмот.

Здравко Савески

|2020-08-25T11:40:45+00:0025 август 2020|Актуелно, Вести, Економија|