Судот пресуди во корист на Орданче Бошковски (Бошката), тој се враќа на своето работно место во фабриката

КАВАДАРЦИ, 24. 10. 2017 – Основниот суд во Кавадарци, донесе пресуда по повод тужбата за случајот на Орданче Бошковски. Орданче Бошковски (Бошката), во април оваа година поднесе тужба против Друштвото за ископ на руди, производство на метали, трговија и услуги „Фени Индустри“. Со одлуката на судот се поништува одлуката на фабриката за негово отпуштање од работа.

Бошковски, беше отпуштен од работното место во фабриката „Фени Индустри“, поради напишан статус на социјалните мрежи. Иако според него, причините се повеќеслојни и се однесуваат на неговите синдикални активности за што своевремено Гласник пишуваше, а коишто имаа за цел вмрежување и заштита на работниците.

Основниот суд од Кавадарци деновиве донесе пресуда со која ја поништува одлуката на извршниот директор на АД „Фени Индустри“, Јусуф Миракмедов. Со оваа одлука, му се раскинува договорот за вработување без отказен рок.

„Задоволен сум и среќен што по осум месеци неизвесност, денеска добив позитивен одговор по основ на тужбата која ја поднесов во врска со мојот отказ за кој јавноста и колегите од првиот момент знаеја дека е монтиран случај. Бев избран за другите да видат што ќе им се случи доколку и тие го подигнат гласот за неправда“, коментира за Гласник, Бошковски.

Позитивниот исход од пресудата и новиот менаџерски тим во фабриката според Бошковски, ја враќа до некаде надежта, дека ќе дојдат подобри денови за фабриката и за вработените и дека во иднина синдикалните активности нема да бидат забранувани, и истите ќе ги решаваат проблемите на вработените.

„Ова што ми се случи ми остави трага по социјалниот живот на мене и мојата фамилија. Сакам јавно да им се заблагодарам на сите коишто ме поддржаа, од адвокатскиот тим, па се’ до медумите кои ме следеа. На крај, победата од оваа битка, треба да биде инспирација за сите работници, коишто се соочуваат со вакви или слични проблеми“, истакнува Бошковски.

Во меѓувреме, топилницата се соочуваше со многу финансиски проблеми. Неисплаќањето од страна на доверителите ја одведе фабриката во стечај. Миракмедов беше главен и одговорен менаџер на фабриката пред да се случи стечајот во фабриката. Во негово време, на сметка на фабриката беа трупани долгови и кратени плати на вработените. Пред неколку дена „Фени Индустри“ доби нови менаџери кои ќе ги исплатат долговите направени од претходното раководство, за коешто кривичната одговорност барем засега претставува фантазија.

Случајот на Бошковски претставува своевидна победа на еден работник во општество, коешто се соочува со една долга низа порази во сите области на живеењето.

|2017-10-24T18:31:05+00:0024 октомври 2017|Актуелно, Вести, Економија|