Старите досадни митови на Џордан Питерсон

Џордан Питерсон е студент по митологија, така што не изненадува што ја претставува својата интелектуална траекторија како приказна за смртта и воскреснувањето. Како што канадскиот психолог раскажува во својата прва книга, „Мапи на значењето“ од 1999 г, неговото разочарување во младоста речиси го довело до самоубиствен очај. Ја напуштил христијанската вера на мајка си кога бил тинејџер, но не нашол адекватна замена која би му дала смисла за животот. Подоцна како тинејџер, кратко бил привлечен од социјалистичките политики, но огорчено заклучил дека левите активисти биле помотивирани од нивната омраза кон богатите отколку нивната емпатија за сиромашните. Во раните 1980ти години, како студент за време на Студената Војна, можноста човештвото да биде уништено од нуклеарна војна му предизвикувало кошмари на Питерсон.

Питерсон наголемо се осврнува на овој личен пекол опишувајќи го како descensus ad inferos, споредливо со времето кој Исус го поминал во пеколот и со патувањата на Фауст и Данте. Како и овие рани истражувачи на погубноста, Питерсон наоѓа мудрост во неговото мачно патување. Спасен бил од перото на Карл Јунг, кој зборувал за тоа како светот не е безначаен, туку читлив низ повторливи културни шеми: митовите. Како и Јунг, Питерсон дошол до убедувањето дека учењето на „компаративни митолошки материјали“ е патот низ кој не само што ќе ја разбереме човечката психологија, туку и ќе најдеме личен мир и општествена хармонија.

Митовите за Питерсон не се само приказни, тие се формативни архетипи кои ја обликуваат човечката перцепција, учејќи не’ како да се издигнеме над хаосот на голото постоење кон редот на продуктивниот индивидуализам. Во „Мапи на значењето“, набиен академски трактат, тој се осврнува на митовите како на „дестилирана есенција од приказните кои си ги кажуваме самите на себе си за шемите во нашето однесување“. Митот, како и сонот, може да биде сметан како родното место на свесното апстрактно знаење, како матрицата низ која бликнуваат формираните идеи. Секој концет, без разлика колку ново и модерно изгледа, се родил од земја обработувана со векови со претходна интелектуална активност. Митот го припрема теренот за експлицитно разбирање употребувајќи го она што е познато во времето на неговото создавање…за да го претстави она што останува непознато.

Како и многу други „пророци“ пред него, Питерсон на почетокот бил игнориран: „Мапи на значењето“ се здоби со скромни критики. Но светот сега дури се заразува со Питерсон. Неговата втора книга, овогодинешната „12 правила за животот“ стана интернационален бестселер и го претвори Питерсон во еден од најславните и најполаризирачки светски интелектуалци. Книгата ја позајмува основната порака на „Мапи на значењето“ и ја преобмислува како водич за само-помош.

Митовите, како и секогаш, остануваат централни на неговата анализа. На неговиот отровен профил минатата недела, Нели Баулс, репортер за Њујорк Тајмс напиша дека Питерсон „ги илустрира неговите аргументи со бројни референци кон древните митови – спомнувајќи приказни за вештерки, библиски алегории и древни традиции. Питерсон продолжува кон аргументација за денешното постоење на вештерките и змејовите:

Тие само не постојат на начинот на кој што вие мислите дека постојат. А дека постојат – постојат. Може да речете, па, змејовите не постојат. Ама, да постојат – категоријата предатор и категоријата змеј се една иста категорија. Апсолутно постои. Таа е примарна категорија. Апсолутно постои повеќе од било што друго. Всушност, вистински постои. Она што постои не е очигледно. Ќе кажете „Да ама нема такво нешто како вештерки.“ Да, сфаќам што сакате да кажете, ама тоа не е она што ќе го мислите кога гледате филм за нив. Не можете да си помогнете да не западнете во овие категории. Од нив нема бегање.

Како што и наговестува неговата опсесија со митовите, Питерсон има старомоден светоглед. Тој е насилен адвокат на традиционалните родови норми, на кои тој гледа како на вкоренети во објективниот свет на природата и културолошките вистини на митологијата. За неговите следбеници, ова го прави еден херојски Св. Ѓорги кој се бори со змејовите на политичката коректност и социјална правда.

„Пораките кои тој ги праќа“ – вели Баулс – „се движат од преподобен говор за само-помош (исчисти си ја собата, исправи се кога одиш) до поретроградни и политички (општество уредено како патријархија има смисла и доаѓа најмногу од машката компетенција, идејата за белата привилегија е фарса). Тој е претставителен и со педигре, глас кој ја води групата на културни воини кои работат неуморно за да им се спротиставата на мејнстрим либералните напори за промовирање на еднаквоста.

Дрските политички ставови на Питерсон, особено на пример, неговата компарација на транс активисти со Маоисти, се дел од причината зошто тој е толку голема контроверзија.

Забелешките на Питерсон се можеби исто толку винтиџ колку и неговиот стил на облекување. Експертите кои тој сака да ги цитира се сите научници и мислители кои ги уживале нивните моменти на слава во средината на дваесеттиот век: освен Јунг, Питерсон често ги користи делата на книжевникот Џозеф Кембел, книжевниот теоретичар Нортроп Фрај, и историчарот на религии Мирча Елијаде, и тие го формираат столбот на митолошката анализа на Питерсон.

Јунг, Кемпбел и Елијаде верувале дека митологијата ги содржи централните вистини за човечката култура, и делеле симпатии кон реакционерните политики. Во 1930тите, тие до некаде и флертувале со политиките на крајната десница. Елијаде имал најраспространети врски, бидејќи бил симпатизер на Железната Гарда во неговата родна Романија. Кембел бил анти-семит, а Јунг ги симпатизирал фашистичките диктатури на Франциско Франко и Бенито Мусолини. Откако завршила ерата на фашизмот, и тројцата станале поконвенционални конзервативци.

Тоа што и тројцата водечки митолози и’ припаѓале на политичката десница не е случајност. Тие се обиделе да употребат компаративна митологија за да ја заменат природната теологија (која била потисната од подемот на науката). Покажувајќи дека постои општ комплекс на митови кои се карактеристични за сите човечки култури тие се обиделе да ја истакнат традицијата, која била под опсада на политичките предизвици на левицата и на општествените промени кои ги донела модерноста.

Во неговата книга од 1999 г, „Политиките на митот“ проучувачот на религии Роберт Елвуд од Универзитетот во Калифорнија аргументирал дека овие митолози го презирале модерното општество но „ја славеле традиционалната, вкоренета, народна култура, вклучувајќи ја и нејзината артикулација во митови кои не биле создадени од писатели туку од луѓе, и ништо помалку од тоа не ги фалеле харизматичните херои, и древните и модерните, кои наводно ги персонифицирале вистинските вредности на таа култура“. Елвуд исто така нотира дека „најдлабоката слабост на митолошкото размислување“ е „тенденцијата да се размислува во генерички термини како народи, раси, религии и партии“. Кај Питерсон, овој поглед се манифестира во неговиот поларизирачки поглед кон родот. Тој верува дека во митолошкиот свет, поделбата на машко и женско е апсолутна (а тој според него, е она што треба да ги води сите општества кои функционираат добро). „Редот и хаосот се јин и јанг од познатиот таоистички симбол, две змии кои се допираат од глава до опашка“ – аргументира Питерсон во неговиот „12 правила за животот“. „Редот е белата, машка змија, хаосот – нејзината црна, женска половина.“ Она што го прави Питерсон реакционер е не само фактот што го гледа светот исклучиво во вакви контрастни категории, туку што верува дека тие се непроменливи.

Питерсон ги посочува класичните Дизни филмови како Снежана и седумте џуџиња како примери каде се почитуваат примордијалните родови улоги, но го критикува Леденото кралство (Frozen) бидејќи ги нарушува овие номи. „Може да се аргументира (како што беше со еден под последните филмови на Дизни, Леденото кралство, кој беше длабоко пропагандистички) дека на жена не и треба маж за да ја спаси“ – пишува Питерсон во „12 правила за животот“. „Тоа може да е точно, а може и да не е. Може да е точно дека само на жена која сака (или има) дете и е потребен маж за да ја спаси – или во најмала рака, да ја поддржува и да и’ помага. Во секој случај, сигурно е дека на жената и треба свест за да биде спасена, а како што наведов погоре, свеста е симболички машка и била таква уште од почетокот на времето (во форма на редот и Логосот, принципот на медијација).“ Аргументот овде е дека Леденото кралство е пропаганда бидејќи не ги почитува митските тропи кои постојат од „почетокот на времето“.

Но, дали се митовите навистина толку непремостливи и статични? По игра на случајот, постоел и еден друг канадски научник кој предавал, како и Питерсон, на универзитетот во Торонто, и кој го посветил животот на аргументирање против оваа претпоставка. Како и Питерсон, Нортроп Фрај, кој се издигнал како научник од 1940-та, па се’ до неговата смрт во 1991 г, пишувал културолошки анализи кои биле обликувани од делата на Јунг, Елијаде и Кембел. (Некогаш ќе имаме некоја културна историја која ќе објасни зошто Јунг е толку популарен во Канада. Трагите од мислата на овој психолог можат да бидат забележани и во делата на романсиери како Робертсон Дејвис и Маргарет Атвуд, и кај илустраторите како Дејв Сим.) Но, Фрај бил критичен кон латентниот конзервативизам на овие митолози.

Како што покажа Глен Роберт Гил во „Нортроп Фрај и феноменологија на митот“, најголемата иновација на Фрај како на книжевен научник била тоа да ја оттргне митологијата од етеричното царство на Јунговото „колективно несвесно“ (спекулативен долен свет кој и’ се противи на секаква емпириска потврда) и да ја врати во историјата. Во неговите студии за Библијата и литературата, Фрај покажал дека митските архетипи биле моќни и повторливи, да, но исто така биле и предмет на ревизија.

Големиот пример е Вилијам Блејк, кој ги земал митовите од Библијата и ги превртил на спектакуларен начин, замислувајќи го Бог како тиран, а Ѓаволот како бунтовник. „Причината зошто Милтон пишувал стиснато кога пишувал за Господ и ангелите, а слободно кога пишувал за Ѓаволот и пеколот е бидејќи тој бил вистински поет од партијата на ѓаволот, иако не знаел“ – напишал Блејк во „Бракот на рајот и пеколот“ (circa 1790).

Блејк ја реобмислил Библијата, исто како што и „Леденото кралство ја преобмисли типичната принцеза на Дизни, претворајќи ја традиционалната фигура на вештерка (надарената со магија Елза) во хероина. Така функционира културата. Митовите не се само пренесувани без да се менуваат; тие се пренаменувани, штимани, и некогаш превртувани. Контра Питерсон, вештерките не постојат. И што е поважно, културолошкото значење на вештерките се менува со текот на времето (како на пример со феминистичкиот напор да се присвојат вештерките како хероини).

Питерсон се гледа себе си како митски херој, како Прометеј кој му носи оган на човештвото. Но, apropos е еден лик од Викторијанската книжевност: во Мидлмарч на Џорџ Елиот, живата Доротеа Брук се мажи за Едвард Касабон, почитуван научник кој пишува том кој го ветува „клучот за сите митологии.“ Брук открива, иако предоцна, дека далеку од тоа дека е гениј, г-нот Касабон е обичен измамник.

 

Aвтор: Јeet Heer
Извор: newrepublic.com

|2018-05-23T07:46:55+00:0023 мај 2018|Актуелно, Култура, Свет, Став|