Тања Симјаноски: „Власта ме принуди да останам без работа, за мојот случај сакам да дознае цела јавност, да види и чуе какви бездушници ја водеа и водат државата“

КИЧЕВО, 06.09.2018 – Деновиве на социјалните мрежи беше објавено писмо од наставничка која 12 години секојдневно патувала по 236 километри од Кичево до Љубојно Ресенско, а на барањето да биде преместена во местото кадешто живее со своето семејство ниту претходната ниту оваа влада немале слух, вели таа. На објавеното писмо медиумите останаа глуви.

Тања Симјановски во своето писмо упати остра критика до одговорните власти за непочитувањето на работничките права и како што вели нечовечкиот однос кон неа, што ја натерало да си даде отказ.

Исто така упатува критика до претседателот на Синдикатот за образование наука и култура (СОНК), Јаким Неделков, за кој вели дека тотално е неактивен и оти наместо да се бори за правата на членовите, тој оди на гозби со владини функционери.

На писмото реагираше Здравко Савески доктор на политички науки и член на Левица.

„Ова ни е Македонија! Наставничка патувала по 236 километри до работното место (Од Кичево до Љубојно, Ресенско) и по цели 9 години никој не го примени законот во нејзиниот случај и не ѝ го трансформира работниот однос во договор на неопределено време. Ниту пак се смилува да ѝ најде работно место поблиску до местото на живеење. На крајот, по долгогодишната голгота по патишта, таа беше принудена да го напушти работното место.

До кое ниво оди понижувањето на оние што имаат власт врз оние што се борат за егзистенција! Нечовечно! Едноставно нечовечно!“, напиша Савески на својот фејсбук профил.

Писмото на засегнатата наставничка од Кичево ви го пренесуваме во целост.

|2018-09-06T10:53:33+00:006 септември 2018|Актуелно, Вести|