(Сигал Семјуел) И месото што го јадиме е ризик за пандемија

„Ако всушност сакате да создадете глобални пандемии, тогаш направете фабрички фарми.“

Некои експерти претпоставуваат дека новиот коронавирус направил скок од животните на луѓето на пазарите за месо во Кина, како и САРС-от пред него. Не изненадува што многу луѓе се бесни што овие пазари, кои беа затворени непосредно по избивањето на епидемијата во Кина, сега повторно се отвораат. Лесно е да се посочи прстот на овие „странски“ места и да се обвинат за создавањето пандемии. Но, да се постапи така значи да се игнорира еден клучен факт: начинот на кој луѓето јадат ширум светот исто така е голем ризик фактор за пандемии.

Тоа е зашто јадеме големи количини месо, од кои најголемиот дел доаѓа од фабричките фарми. Во овие огромни индустријализирани постројки, што обезбедуваат 90 проценти од месото на глобално ниво – и околу 99 проценти од месото во САД – животните се напикани едни до други и живеат во сурови и нездрави услови.

„Кога ќе пренатрупаме животни со илјадници, во збиени трла со големина на фудбалско игралиште, да лежат клун до клун или рилка до рилка, тука е и стресот што го уништува нивниот имунолошки систем, тука е и амонијакот од распаѓачкиот отпад што ги гори нивните дробови, тука е и отсуството на свеж воздух и сончева светлина – земете ги сите овие фактори заедно и ќе имате совршена комбинација за појавата и ширењето на болестите“, вели Мајкл Грегер, автор на „Птичји грип: вирус што ние го испиливме“.

За да бидат работите уште полоши, селекцијата на одредени гени кај животните што се одгледуваат на фармите (за да се добијат посакуваните карактеристики како големи пилешки гради) ги направи овие животни генетски речиси идентични. Тоа значи дека вирусот може лесно да се прошири од животно на животно без да се соочи со какви било генетски варијации што би можеле да го сопрат на неговиот пат. И додека брзо се шири во јатото или стадото, вирусот може да стане уште позаразен.

Грегер изречно кажува: „Ако всушност сакате да создадете глобални пандемии, тогаш направете фабрички фарми.“

Со години, експертските тела како Светската здравствена организација и Центрите за контрола и спречување на болестите предупредуваат дека најголемиот број заразни болести што се појавуваат доаѓаат од животните и дека нашите индустријализирани практики на одгледување го мултиплицираат ризикот. „Здравјето на добитокот е најслабата алка во нашиот глобален здравствен синџир“, забележа Организацијата за храна и земјоделство на ОН во еден извештај од 2013 година.

Знаеме од минатото искуство дека животните одгледувани на фарми можат да доведат до сериозни зоонотски болести (оние што се пренесуваат од животни на луѓе). Само помислете на 2009 година, кога свинскиот грип Х1Н1 циркулираше низ свинските фарми во Северна Америка, а потоа направи скок кај луѓето. Тој нов грип брзо стана глобална пандемија, убивајќи стотици илјади луѓе.

Јасно, научниците веруваат дека новиот коронавирус потекнал од дивите лилјаци, а не од фабричките фарми. Но, тој нѐ освести сите нас околу разорните ефекти што може да ги има една пандемија врз нашите животи. Сега кога се соочивме со оваа реалност, прашањето е: дали имаме политичка и културна волја да направиме нешто крупно – да го промениме начинот на јадење – за драстично да ја намалиме веројатноста од следна пандемија?

За што зборуваме кога зборуваме за пандемии

Кога зборуваме за ризикот од пандемии, ние фактички зборуваме за два различни вида на избивање и ширење. Првиот е вирусната пандемија; примерите ги вклучуваат пандемијата на грип во 1918 година и ковид-19. Вториот е бактериска пандемија; главен пример е бубонската чума, „Црната смрт“ што ја покосила Европа во Средниот век.

Фабричкото одгледување животни претставува ризик и кај двете од овие категории.

Соња Шах, авторка на книгата од 2017 година „Пандемија“, е загрижена и поради вирусите и поради бактериите. „Кога ја пишував мојата книга, ги прашував моите извори што ги држи будни ноќе. Тие обично имаа два одговори: заразен птичји грип и облици на бактериски патогени високо резистентни на лекови“, ми кажа таа. „И двете работи се поттикнати од натрупаноста во фабричките фарми. Тие се темпирани бомби кои отчукуваат.“

Да го видиме прво птичјиот грип. Тој е предизвикан од вируси и е огромен ризик што доаѓа од фабричките фарми (исто како и свинскиот грип). Тоа се должи како на тоа што птиците во овие фарми се натиснати едни до други со илјадници на блиско растојание така и на тоа што тие се одгледуваат генетски речиси идентични. Тоа е рецепт високо-заразни вируси да се појават, прошират и брзо да убиваат.

„Фабричките фарми се најдобриот начин да се селектираат најопасните можни патогени“, кажа Роб Валас, еволуциски биолог во Одделот за агроеколошки и рурални економски истражувања од Сент Пол, Минесота. Објаснувајќи зошто, тој понуди краток курс за зоонотската трансмисија, од гледна точка на патогенот.

„Ако вие сте патоген во некој домаќин“, кажа Валас, „не сакате да го убиете вашиот домаќин премногу брзо, пред да можете да преминете на следниот домаќин – во поинаков случај си ја прекинувате вашата линија на трансмисија. Затоа има горна граница на тоа колку опасен батка можете да бидете. Колку побрзо се умножувате толку поверојатно е дека ќе завршите убивајќи го вашиот домаќин пред да наиде следниот домаќин.“

Ако сте длабоко во дивината или на некоја мала фарма, вие (патогенот) нема редовно да наидувате на домаќини, па ќе мора да ја држите доста ниско вашата заразност, или штетата што му ја нанесувате на домаќинот – во поинаков случај ќе ви завршат домаќините. „Но ако навлезете во фарма со 15.000 мисирки или 250.000 кокошки несилки, можете да фурате“, кажа Валас. „Нема горна граница за тоа колку опасен батка може да бидете.“

Ова е дел од причините зошто фабричките фарми се далеку поголем ризик за зоонотски појави и ширења одошто природниот свет или малите фарми.

Биологот додаде дека поради тоа што сѐ повеќе тргуваме со живина и добиток преку меѓународните граници, ја зголемуваме опасноста уште повеќе. Нишките што претходно биле изолирани едни од други на спротивните краишта од светот сега можат да се рекомбинираат.

„Земете го грипот“, вели Валас. „Тој има сегментиран геном, па ги заменува своите геномски делови како играчите со карти во сабота навечер. Обично, повеќето од делењето карти не се страшни, но некои делења карти испаѓаат далеку поопасни. Зголемувањето на стапката на рекомбинација значи експлозија во смисла на диверзитетот на патогените што еволуираат.“

Светот веќе виде ваков навистина застрашувачки пример. Помеѓу 1997 и 2006 година, високо-патогени нишки на птичјиот грип Х5Н1 беа поврзани со живинските фарми во Кина.

„Целото наше разбирање за тоа колку лоша може да биде една пандемија се промени во 1997 година со појавата на птичјиот грип Х5Н1. Одеднаш, постоеше птичји грип што убиваше преку половина од луѓето што ги зарази“, кажа Грегер.

Кога луѓето се заразуваа со Х5Н1, тој имаше стапка на смртност од 60 проценти. За споредба, експертите проценуваат дека стапката на смртност на ковид-19 веројатно е некаде околу 1 до 3 проценти, иако овие проценки продолжуваат да се менуваат и варираат според земјите и возраста. (Ако се прашувате зошто Х5Н1 не стана толку голема работа како ковид-19, тоа е зашто тој главно ја заразуваше живината, а не луѓето; не беше толку добар во заразувањето луѓе како што, за жал, е коронавирусот).

„Овие нови вируси на птичји грип се поврзани со индустријализацијата – „тајсонизацијата“ – на нашето живинарско производство“, кажа Грегер, наведувајќи го доказот дека извозот на моделот на фабрички фарми во Азија доведе до експлозија без преседан на вирусите што ги заразуваат птиците и луѓето почнувајќи од 1990-тите.

Не треба да се грижиме само поради птиците. Имајте предвид дека свињите исто така се многу успешни пренесувачи на вируси. Една деценија пред да удри свинскиот грип во 2009 година, вирусот нипах се појави во малезиските свински фарми. Тој предизвика енцефалит (воспаление на мозокот) кај стотици луѓе, убивајќи околу 40 проценти од пациентите кои биле хоспитализирани со сериозни невролошки болести.

Фабричките фарми и ургентниот проблем на антибиотската резистентност

Другиот пандемиски ризик поврзан со фабричките фарми има врска со „облиците на бактериски патогени високо резистентни на лекови“, како што кажа Шах – односно со антибиотската резистентност.

Кога се воведува нов антибиотик, тој може да има одлични дури и живото-спасувачки резултати – на одреден период. Но, како што почнуваме да употребуваме и прекумерно да употребуваме антибиотици во третманот на луѓето, растенијата и животните, бактериите еволуираат, при што оние што имаат мутација да го преживеат антибиотикот стануваат подоминантни. Постепено, антибиотикот станува помалку ефикасен, а ние остануваме со болест што повеќе не можеме да ја третираме.

Центрите за контрола и спречување на болестите известија во еден важен извештај од минатата година дека пост-антибиотската ера е веќе тука: живееме во време кога нашите антибиотици стануваат бескорисни, а бактериите отпорни на лекови, како C. difficile и N. gonorrhoeae, можат многу лесно да го десеткуваат нашето здравје. На секои 15 минути, едно лице во САД умира поради зараза што антибиотиците веќе не можат успешно да ја третираат.

А сепак, продолжуваме да раздаваме премногу антибиотици, поттикнувајќи ја резистентноста. Одгледувачите на животни обилно употребуваат антибиотици на добитокот и живината, понекогаш за да надоместат за лошите услови на индустриското сточарство.

„Имаме обилни докази што го документираат фактот дека кога ќе ги ставите животните во натрупани, несанитетски услови и кога ќе употребите антибиотици со ниски дози за спречување на болести, воспоставувате совршен инкубатор за спонтани мутации на ДНК на бактеријата“, кажа Роберт Лоренс, професор-емеритус за еколошко здравје на Универзитетот „Џон Хопкинс“.

„Со повеќе спонтани мутации“, објасни тој, „се зголемуваат шансите една од тие мутации да обезбеди резистентност на антибиотикот што е присутен во средината.“ Тие отпорни бактерии можат да станат нишки што ќе се прошират во целиот свет. „Тоа е најголемиот човечки здравствен ризик од фабричките фарми.“

Всушност, фабричките фарми нѐ соочуваат со двоен бактериски ризик. Да речеме дека се појавува зараза кај кокошките. Живината може да ни ја пренесе таа бактерија нам на луѓето, предизвикувајќи сериозно заразување. Потоа ние обично сакаме да користиме антибиотици за да ја третираме таа зараза, но токму поради тоа што веќе прекумерно сме користеле антибиотици на нашите животни на фармите, бактеријата може да биде резистентна на антибиотикот. Ако се погоди заразата да биде таква што лесно се пренесува помеѓу луѓето, можеме многу лесно да завршиме со бактериска пандемија која не може да се третира.

Кога го прашавме за споредба меѓу ризиците од пандемија кои ги претставуваат фабричките фарми со оние што ги претставуваат кинеските пазари за месо на кои има живи животни, Лоренс рече: „Со фабричките фарми, можноста да започне вирусна пандемија можеби е помала, но можноста да се добие бактериска инфекција која е резистентна на антибиотици е поголема.“

 Фабричките фарми го ставаат во ризик и здравјето на нивните работници – вклучувајќи го и коронавирусот

Уште една вознемирувачка реалност на фабричките фарми е начинот на кој тие имаат тенденција да ги третираат не само животните, туку и човечките работници како делчиња од големата машина.

Лошиот третман на работниците беше проблем многу пред ковид-19, но сегашната пандемија го доведе проблемот до особено опасно место. Гледаме скок на бројот на случаите на коронавирус помеѓу работниците во фабриките за месо во САД. Стотици луѓе се тестирани позитивни во фабриките на „Каргил“ и „Смитфилд“, во државите од Пенсилванија до Јужна Дакота. Неколку од нив и починаа.

Ен-пе-ер извести дека во еден од случаите градоначалникот фактички го принуди „Смитфилд“ да ја затвори фабриката: „Бројот на позитивни тестови на коронавирусот помеѓу вработените во фабриката во Сијукс Фолс достигна 350. Тоа претставува речиси 10 проценти од сите работници во фабриката и 40 проценти од сите случаи на ковид-19 во Јужна Дакота.“

Работниците во фабриките за месо обично се распоредени многу блиску едни до други на производната лента, што го прави социјалното дистанцирање речиси невозможно. Некои работници излегоа на протест поради условите за работа.

„Компаниите бараат од нив да бидат присутни, но ковид-19 ги убива. А очигледно е зошто е така: тие мора да стојат рамо до рамо со своите колеги, додека ние останатите сме на две метра едни од други“, кажа Лија Гарсес, претседателка на „Милост за животните“.

Знаејќи дека месото се произведува на грбот на работниците што се лошо третирани, мора да прашаме: дали тоа навистина вреди? За Гарсес, одговорот е јасен. „Тоа е апсурдно жртвување да се направи за една кокошка“, кажа таа.

Статијата е преземена од овде.

Превод: Здравко Савески

|2020-05-05T09:20:47+00:005 мај 2020|Актуелно, Вести, Здравје|