Работникот го нема во равенката за текстилно производство

ШТИП, 07.05.2018 – На вчерашната средба помеѓу вицепремиерот за економија Кочо Анѓушев, директори на текстилни фабрики и претставници од Текстилниот кластер во Штип се разговараше за загриженоста на сите страни за конкурентноста на македонската текстилна индустрија. Учесниците понудија решенија за подобрување на ситуацијата, но без да се внесе директно гласот на најексплотираните во случајот – работниците.

„Првата работа е да се зголеми нивото на автоматизација, односно да се подобри технологијата со којашто се работи. Во тој дел , во новиот Закон усвоивме амандман со кој дадовме поволности за да текстилната и кожарска индустрија добијат повратни инвестиции без задоволување на сите критериуми како другите индустрии. Вториот проблем е недостигот на работници кој мора да се надмине со покачување на платите и тука државата мора да изнајде механизам за помош. Третиот проблем ќе се решава со целосни реформи во образовниот систем со кои на завршените кадри ќе им се обезбеди извесна иднина“, рече Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања.

Директорката на текстилната фабрика „Албатрос“ изјави дека најбитна е цената на производот, и оти најголем дел од трошоците одат за исплаќање на работниците. Според неа, токму за ова треба да се изнајде решение.

„Најважна е цената. За да зборуваме за формирање конкурентна цена мора да ги знаеме трошоците. Кај нас најголем процент од трошоците отпаѓа на платите. Доколку најдеме заедничко решение и разбирање во овој дел, верувам дека ќе има добра иднина за текстилната индустрија“, истакна Весна Миладинова, сопственик на ТК „Албатрос“.

На средбата како што можеше да се види, трошоците за платите се голем проблем за текстилните газди. Но, ако земеме предвид дека во Македонија просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во јануари 2018 година изнесувала 24 025 денари, оваа цифра е „научна фантастика“ за текстилната и кожарската индустрија кадешто во најголем дел се исплаќа минимална или под минимална плата, и токму оваа ситуација е загрижувачка.

На ваквите средби секогаш работниците (планирано) отсуствуваат. За да се слушне нивниот глас, се организираат штрајкови, протести и прогласи. А нивниот глас вели дека и минималната плата која е гарантирната со закон – не се добива. А и кога се добива, за неа треба да се работи многу повеќе од 40 часа во неделата, поради „нормираниот учинок“. Исто така, дел од работниците се’ уште враќаат пари на рака кај работодавците. Згора на тоа тие немаат никаква заштита и не се заштитени и безбедни на работните места.

Се поставува прашањето, до кога газдите на фабриките ќе остваруваат бланко средби со елитистите на власт без притоа да бидат поканети директно засегнатите, односно работниците!?