Работниците од Веибо најавуваат радикализација на своите методи

KРИВА ПАЛАНКА, 13.02.2018 – Во последните два дена, се одржуваат протести и блокади на патишта од страна на текстилните работници од фабриката Веибо Груп. Тие веќе две недели протестираат пред вратите на фабриката и блокираат патишта барајќи си ги своите три неисплатени плати, придонеси за пензиско и здравствено осигурување и неплатени прекувремени работни часови.

Сопственикот на фирмата Мустафа Иршад Канџа од Р. Турција и управителката Кристина Јакимова од Скопје немаат слух за компензирањето на мачниот труд на овие луѓе. Минатата недела, управителката Јакимова, се сретна со Иницијативниот одбор на работници, при што побарала правен документ, што ќе го покаже застапувањето на  сите работници, за да понатаму, се склучи договор за подмирување на долговите.

Ова не се реализираше, а ние како работници во страв да не влеземе во правен лавиринт и да бидеме изманипулирани, побаравме Јакимова да ни испрати писмена гаранција со која ќе ги утврдат датумите кога би ни го исплатиле она што го должат. До петокот ние чекавме да ни вратат повратна информација, електронска пошта или што било, за да знаеме што ќе следува, но оттогаш наваму никој со нас не контактира од страна на раководството, рече Лидија Стеванова, поранешна вработена во „Веибо Груп“.

Прво, тоа што работниците се’ уште не добиле повратен одговор, зборува многу за „конструктивните“ намери на сопственикот на Веибо. Второ, барање за правен документ за репрезентација од страна на Веибо е само уште еден доказ за поигурување со трпението и волјата на работниците. За да сите 210 работници дадат правен легитимиет на Иницијативниот одбор на работници потребни се финансиски средства кои во моментот работниците ги немаат.

Неправдата која ги затекна работниците им нуди неколу разврски. Првата е по правните патишта која може да биде во форма на приватна тужба, ставање на фирмата под стечај, ликвидација или времена мерка со цел да се пломбира и попише целата фабрика. Било која од овие мерки да се оствари, треба да помине време коешто веројатно постепено ќе го намалува заедништвото, солидарноста и отпорот, за тоа крајно да резултира со резигнација и откажување.

Другата разврска е онаа која што работниците од Веибо во последниот период ја најавуваат, а тоа е вистинско превземање на работата во свои раце без да се чека на институциите или „конструктивност“ од самите лице кои ги оставиле самите работници без леб.

 

 

 

„Во ваква ситуација каде ни се одземени сите наши права, ние нема да мируваме. Канџа нека се обрати во медиум или до нас, а не да не оставаат на улица, на милост и немилост. Ниту раководството, ниту пак надлежните институции не се одзваа, па затоа, ќе го продолжиме штрајкот. Ќе одиме и кон по радикални чекори, како блокади на магистрални патишта, заземање на фабриката или слично“ – истакна Вирџини Јовановски, поранешен работник во „Веибо Груп“.

Ваквите најави влеваат надеж дека работнците конечно ќе го кренат својот глас, борејќи се за своите права и за тоа што им следува. Мерките коишто ги најавуваат работниците, кај нашиот сосед Грција функционираат веќе подолго време. Во видеото што следи може да погледнете пример од работничко превземање и функционирање  на фабрика за хигиенски производи кај нашиот јужен сосед.