Предлог буџетот на Општина Битола со „шминка“ решенија за загадувањето на воздухот

БИТОЛА, 18. 12. 2017 – Општина Битола на официјалната страница на интернет го објави предлог буџетот за 2018 година. Во делот за развој во буџетот има предвидено пари, кои ќе бидат наменети за гасификација, за репарација на Офицерски дом и за новиот стадион. Исто така се предвидуваат инвестиции наменети за областа кај некогашната касарна, а од друга страна некои населби во Битола се заборавени. Во буџетските категории, најинтересна за граѓаните претставува категоријата наменета за Развојниот буџет на општината и како парите на граѓаните се организирани и во кои домени ќе бидат инвестирани истите. Седницата за гласање на буџетот се’ уште не е најавена, а се очекува да биде свикана наредната недела.

Развојниот дел од буџетот опфаќа неколку ставки. Една од најважните и круцијални за Битола е загаденоста на воздухот и ургентноста за решавање на истиот. Оттука, предвидените средства за решавање со овој долгогодиштен проблем се заокружени на 15 милиони денари, односно околу 240 илјади евра. Проектот предвидува гасификација, чија цел би била намалување на загаденоста на воздухот. Меѓутоа, никаде не се објаснува и нема наративна експликација за тоа што и кои делови од градот бидат опфатени во овој проект, за колку време ќе се заврши, и во колку фази се предвидува гасификацијата.

Доколку се спореди оваа сума наменета за решавање на горливиот проблем на битолчани со други ставки, оваа сума изгледа несериозно и песимистички во однос на посакуваната цел.

За ревитализација на Офицерскиот дом се наменети 10 милиони денари, односно околу 160 илјади евра. Од друга страна, за изградба на фудбалски стадион според стандардите на УЕФА кој ќе има капацитет од 12 000 гледачи се наменети 80 милиони денари, односно околу 1 милион и 300 илјади евра.

Во развојниот буџет 1 милион и 569 илјади денари, односно околу 25 илјади евра, се наменети за монтажни објакти кои би биле во функција на простор во кој би се изведувало гласање и во кој би се држеле состаноци на урбани заедници.

Недостигот од дебата за јавните пари и идеи ги прави климави предлозите и можните решенија околу инвестициите на јавните средства. Особено доколку се земе предвид дека државата, но и градот на кој се однесува буџетот, т.е. Битола, со години алармира за еколошката катастрофа којашто му се случува на градот.

Безброј пати повторуваните бројки за секојдневното зголемување на заболените од канцерогени и кардиоваскуларни болести никако да ги отрезнат носителите на одлуки пофокусирано и поинклузивно, а пред се’ поефикасно да се занимаваат со овие проблеми.

Потребата од чист воздух и импликациите коишто го носи загадувањето и барањето за изградба на нов фудбалски стадион се најконкретните барања на битолчани во последниве неколку години. Околу изградбата на стадионот, локалните власти кои раководеа со градот предводени од ВМРО-ДПМНЕ, може да се каже дека ветуваа но не го исполнуваа барањето на навивачката група Чкембари.

Изградбата на стадионот низ годините беше средство за манипулација на политичките партии. Откако се случи промената во локалната власт, се чини дека идејата за стадионот добива некаков реалитет во имплементација на истата со наменување на парични средства. Меѓутоа, се поставува прашањето, дали со изградбата на стадионот може да се подобри состојбата на спортот во Битола. Фудбалскиот клуб Пелистер со години наназад е во топло-ладно ситуација. Успехот на ФК Пелистер се должи на инвестициите на локалните или националните олигарси, кои со инвестиции во клубот си ги перат рацете околу општествената одговорност.

Следствено на тоа, се поставува прашањето, дали може да има достојна спортска култура во еден град чиишто граѓани се најчести посетители на Клиниката за Онкологија во Скопје. Еден час спортување, 23 други часа живеење во своевидна комора, се чини дека не предизвикува поздрав живот. Едно од клучните прашања кои се наметнуваат е исто така, дали изградбата на стадион претставува само уште една популистичка мерка без есенцијална интервенција во суштината на проблемот во Битола.

Битола, низ годините многу се уназадуваше на економски и социјален план. Големите миграции од Битола кон Скопје и надвор од границите на државава се едни од показателите дека Битола е оставена на милост и немилост на инцидентни фактори.

Јавните пари како потпора за приватните градежни бизниси

Во делот за развој од предлог буџетот, неколку буџетски ставки се наменети за инфраструктурни решенија. Тие се сосредоточени на „изградба на систем за атмосферска и фекална канализација во АРМ“ за што општината ќе одвои 3 милиони денари, односно 48 илјади евра. Другата ставка се однесува на „изградба на улица СРУ1 во АРМ“, за која ќе бидат издвоени 2 милиони денари, односно околу 32 илјади евра. На крај, „изградба на осветлување и нисконапонска кабловска мрежа на улица СРУ1 во АРМ, за која ќе бидат наменети 1 милион и 850 илјади евра, односно околу 30 илјади евра.

Овие инвестиции се планирани да бидат направени до областа „кај касарните“ во Битола. Таа област во последниве неколку години срмноглаво се приватизираше и градежните компании изградија неколку станбени згради. Инвестициите во тој дел општината ги зголемува со тоа што ја „уредува“ инфраструктурната потреба на таа област.

Од друга страна, градот и општината целосно ги забораваат потребите на граѓаните од ромската етничка заедница. Тие граѓани живеат во населбата Баир во Битола и нивните потреби се исто така големи во однос на инфраструктурните инвестиции. Тој дел од градот е заборавен од страна на сите локални и централни власти во Македонија.

На сметка на интересите на жителите на таа населба, градот инвестира во подрачје коешто е под агресивна приватизација. Тука се поставува прашањето, дали локалната власт станува потпора за приватниот бизнис и компании коишто го приватизираат јавниот простор и го продаваат, а во тој процес учествува и локалната власт со пари на граѓаните на градот, како и тоа, дали на крај буџетот на градот станува субвенција за приватните интереси.

|2017-12-18T13:28:49+00:0018 декември 2017|Актуелно, Вести, Економија|