Позициите и задачите на левицата во Македонија (кога евро-атланските интеграции влегуваат во завршна националистичка фаза)

Се добива впечаток дека сите останати случувања на македонската политичка сцена се покриени со сенката на притисокот нашата држава да стане членка на НАТО до самитот во Јуни, со име што ќе го договорат Димитров и Коѕијас на некоја си средба некаде, пред самитот на НАТО во Јуни.

1.Што прават НАТОистите и анти-НАТОистите десничари

Начинот и условите под кои Македонија треба да влезе во НАТО и решевањето на етничките прашања пред социјалните, го јакнат македонскиот и албанскиот национализам. ЕУ-НАТО аспирациите се покажаа како климав кохезивен фактор меѓу македонците и албанците. Во текот на 90-тите, навистина двоецот НАТО – ЕУ беше виден како спасител од транзицијата за мнозинството македонци и за мнозинството албанци.

Она што е клучно во евроатланските интеграции е тоа што НАТО-ЕУ двоецот е виден како гарант за стабилноста, просперитетот и добрите меѓуетнички односи, а начинот на кој се одвиваат овие интеграции, токму ја подрива стабилноста, просперитетот и меѓуетничките односи!

Имено, улогата на НАТО двоецот во конфликтот/војната од 2001 година за мнозинството македонци беше видена како непринципиелна, неправедна и дволична. Македонците се почуствуваа предадени од двоглавиот спасител ЕУ-НАТО и нивните тогашни преставници, Хавиер Солана и Џорџ Робертсон. Тоа чуство продолжи да се засилува пред секој НАТО самит кога се отвора прашањето за неопходна промена на името на државата. ЕУ додаде дополнителна сол на отворена рана. Канцеларката Ангела Меркел, на средбата со Заев, во врска со преговорите за промена на името, порача „преговорите да се одвиваат зад затворени врати“. Со тоа се затвори последната врата од која пробиваше светлината на ЕУ дека тоа е принципиелен, транспарентен и демократски клуб за кој пекаме 25 години за прием.

Создавањето силна десница во македонскиот етнички табор ќе го запечати самиот влез во НАТО со променето име на државата и евентуално промена на Устав и било каква нова формулација во идентитетските прашања. Дека теренот за такво нешто е веќе подговтвен ни’ говорат и јавните настапи на двоецеот.

Проблематичниот закон за јазиците беше закон со европско знаменце. Каков што беше и законот за извршување од 2005 година, со кој се воведоа приватните извршителски канцеларии. Се покажа дека најпроблематичните закони се носат под покровителство на ЕУ. Дополнително, Јенс Столтенберг го пофали предлог законот за јазици и повика што побрзо да се донесе. Какви ингеренции има НАТО да го коментира овој закон „со европско знаменце“, отанува енигма. На забелешките за непочитувањето на уставот и демократската процедура при носење на законот за јазиците, Самуел Жбогар, амбасадорот на ЕУ во Македонија, само кратко прокоментира: “Мора да се прифати волјата на парламентарното мнозинство.“

Се добива впечаток дека всушност ДУИ ја претставува волјата на мнозинството. Во исто време ДУИ се претставува себе си за главен политички претставник на албанците во Македонија, а истовремено овозможи насилничко гласање на Законот за јазиците, со преќутна дозвола на СДСМ. Македонците го следат и однесувањто на останатите албански политички партии, кои за да се приграбат или одржат на власт, исклучиво се држат до националистичката реторика и практика.

Чуството на загрозен идентитет и државен суверенитет и итегритет, ја јакне десницата во македонскиот етнички табор. Десницата е колаж од разни групи, партии и човек партии. Сешто може да се чуе од овој табор: од „Македонија на македонците“ до  „Православна унија со Србија и Русија“. Предлози што водат во неминовна подлеба на Македонија. Затоа што во Македонија нема само македонци и нема само словени или само православни.

2. Што да прави Левицата

Левицата во Македонија има две опции каков пристап ќе има спрема националните прашања.

Едната опција е да се апстрахира од реалноста, да ги прогласи нациите за халуцинации, и немо да го посматра процесот на демонтирање на македонската нација. Тоа е опција која ја повикува левицата да се самозатвори во интелектуалната кутикула која не разбира дека правилното разрешување на класните прашања на Балканот, истовремено мора да се одвива со правилно разрешување на националните. Оваа опција дури ја обвинува политичката партија Левица, која јасно стои во одбрана на името на државата и нејзиниот Асномски карактер. Обвинувањето е дека Левица зазела став близок до десничарите, или дека Левица зазела опортунистички став.

Оваа опција повикува левичарите во Македонија да го отфрлат (секој посебно) својот национален идентитет и да бидат земјани, „граѓани на светот“ предвреме, иако е ова време на национални држави, во кое македонската е нападната од сите страни. Големите сили преку нивните партнери на балканот ја користат Македонија како полигон за вежби, судири во периферијата преку кои ги покажуваат своите мускули.

Другата опција за левицата во Македонија е да се даде принципиелен левичарски став за секое прашање, особено за секое прашање кое е во фокусот на вниманието на јавноста. Тоа го прави политичката партија Левица. Без бегање и без релативизирање, а во одбрана на правото на самоопределување на народите и самоименување на државите. Додека правото на самоименување на државите (вклучително и на Р. Македонија) е покриено со меѓународното право, правото на самоопределување треба да се дообјасни. Право на самоопределување – да, но кога е покренето од прогресивни политички сили какви што беа партизаните македонци, албанци, турци, срби и власи.

Нашата борба да ги претставиме нашите принципи правилно пред граѓаните, пред работниците во Македонија, е борба да не дозволиме мирното население (огромното мнозинство работници) да не ги оставиме, ни момент, во прегратките на оние коишто ги носат во ќорсокак. Зголемувањето на национализмот кај македонците, неминовно ќе доведе, до зголемување на национализмот кај албанците, и тоа е она што ќе биде кобно за Р. Македонија и работничката класа – меѓуетнички судири или меѓуетничка војна. Паралелено со тоа, Левица, мора да поработи повеќе на тоа да има повеќе кадри и повеќе симпатизери меѓу албанските работници.

Левица има расчистено со илузиите и не го поддржува македонскиот национализам, колку и да е во моментов романтичен, ненасилен, и најслаб во регионот. Особено што овој национализам, го бранат такви популисти и потрошени политичари чијшто опортунизам да дојдат на власт или да се приграбат до пратеничко место не бира средства. Многу такви ликови беа дел од протестите чија водечка иконографија беа знамињата од Вергина, коишто го задираат подолго време и го уништуваат Асномскиот карактер на оваа држава и идентитетот на овој народ, којшто пак успеа да добие држава низ народно-ослободителната борба.

На македонците не им треба Алекдандар Македонски и знамето од Вергина за да се горди. Она на што македонците треба да се горди е што националниот идентитет и право на државност на оваа држава, споредбено со останатите народи на Балканот, е извојнувано на најпрогресивниот начин.

За разлика од Балканските народи коишто во текот на 19-тиот век свои држави добија преку кралства и царства, коишто пак беа директно поддржани од страна на странските монархии, македонците, преку левото крило на Македонската револуционерна организација (менуваше неколку имиња во тој период), успеаја, па макар и за 10 дена да имаат Република, прва република на Балканот.

Додека македонците, албанците, турците и останатите етникуми во Македонија, за време на Народно-ослободителната борба, водени од Комунистичката партија на Југославија, успеаја да создадат заедничка држава, не за да се газди во својата земја, туку за прв пат го спречија разграбувањето на останатите балкански империјалистички сили на овој простор и ги спречија непрекинатите крвопролевања коишто почнаа од Балканските војни и траеја до крајот на втората светска војна.

3.Борбата е интернационална

На 5 Март во Скопје се одржа трибина на која гостуваа претставници од комунистички партии и организации од Грција. Оваа трибина покажа дека мирот на Балканот може да се одржи само доколку балканските мали империјалисти, што се околу Р. Македонија, бидат одвратени од своите намери. Грчите другари јасно и недвосмислено се спротиставуваат на големо-грчкиот национализам и притисок врз Р. Македонија и не’ опоменуваат какви „придобивки“ носат евроатланските интеграции. Имено, Грција е најзадолжена држава во Европа, и за сето тоа време мора да одвојува милијарди за задоволување на критериумите на членството во НАТО.

Наместо преговори за итен влез во НАТО, потребна е развиена, напредна, прогресивна социјална политика водена од левичарските партии и организации. Само така може да се надмине, оваа ситуација којашто, се’ повеќе изгледа како ненандминлива.

Поддршката на Левица во Македонија и на социјалистичките партии во соседните земји расте затоа што работниците на Балканот веќе немаат дилеми дека национализмот и транзицијата кон периферен капитализам ги врати во безнадежноста на 19-тиот век. Левицата допрва треба да се бори со сеништата од минатото на Балканот.

Автор: Зоран Василески, адвокат и член на Президиумот на Левица.

Фотографии: Сенада Ибраимова

|2020-05-21T18:42:03+00:0011 април 2018|Актуелно, Став|