Потемкиновиот Пи-Ар на неспособноста

СКОПЈЕ, 13. 03. 2018 – На вчерашниот протест организиран од страна на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) пред зградата на владата на Република Македонија, поради заканите на функционери на владината ДУИ кон претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, учествуваа и претставници на власта и министерствата. Власта продолжува да упаѓа на протестите кои се организираат поради незадоволството од нефункционирањето на институциите со кои раководат тие.

Минатата година во септември, на протестот кој значеше аларм за загадениот воздух кој требаше да следува, претставници на извршната и законодавната власт присуствуваа на протестите.

Оттогаш, претставниците на власта не пропуштаат можност да излезат од своите кабинети и да протестираат против институциите коишто самите ги претставуваат.

Иако навидум сето ова изгледа како да е некоја пародија, меѓутоа и вчера претставниците и портпаролите на владата и на министерствата учествуваа на протестот организиран од страна на ЗНМ. Дури, Роберт Поповски, министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност  им се обрати на своите колеги со мегафонот со којшто претходно зборуваше и претседателот на ЗНМ.

Досега претставниците на власта се’ што успеваат да направат во однос на злоупотребите на моќ и нефункционалниот и индолентен систем е само „најстрого осудување“ на таквите дејности.

Од друга страна на јавноста и е позната структурата на власта и парламентарното мнозинство коешто е на стаклени нозе и зависи од волјата и расположбата на коалицискиот партнер на СДСМ, имено ДУИ, сепак тоа не го оправдува фактот што власта со свои обиди постојано ги киднапира протестите. Меѓутоа, контролата врз институциите е во рацете на овие две партии. Доколку СДСМ не е во состојба да воспостави контрола врз нив, тогаш и СДСМ и државата се наоѓаат во незавидна ситуација. Тогаш, се поставува прашањето за кадарноста на оваа партија да излезе на крај со опструкциите коишто ги носи „соработката“ со ДУИ, кои скоро во ист состав продолжуваат да функционираат во „реформската“ влада.

На овие случувања не треба да се гледа како нешто инцидентно, како некое дело на непримерни поединечни постапки, туку како функционирање на системот. Систем кој сака да управува преку покажување на моќ олицетворена во вербални и физички закани. Систем на кој му се сменети управувачите на јаслите, но не и самиот тој. Токму и инертноста, неодлучноста и несанкционирањето на овие моќници ја потврдува оваа теза која царува во неолибералниот капитализам.

Македонските новинари се соочуваат со различен вид на притисоци

Деновиве во јавноста се зборуваше доста за цензурираните делови од емисијата „Код“ на Снежана Лупевска Созен, којашто се емитува на телевизија Телма. Деловите содржеле „компромитирачки“ материјали за газдата на фабриката кон којшто се однесуваа тие компромитации.

Новинарката Лупевска Созен, се огласи во јавност преку својот фејсбук профил. Објасни дека двете трагични судбини на двајца работници од Кавадарци се влечкаат по судови, додека едниот после инцидентот умрел во фабричката хала, а пак другиот останал без две раце. Постапката за обештетување минува низ спорите ходници и судници на македонските судови, а за исход веројатно ќе се чека уште долго.

Оваа вест претставува своевиден доказ дека големите газди имаат влијание и моќ и онаму кадешто таа моќ треба да биде децентрализирана, односно растоварена од интересите на поединци крупни богаташи.

Со тоа може да се објасни и целокупниот систем како една спона до друга, коишто служат за едно полесно егзекутирање на доминацијата на богатите и моќните, додека останатите се осудени да бидат крајно објектифицирани и опредметени.

Исто така, може да се видат и можностите во еден политички систем кој е длабоко зависен од информацијата и нејзиното дисеминирање, дека моќта е тесно поврзана со интересите на богатството и нејзиното умножување. А тука, можност за пресек кој би бил различен од постојниов е многу тешко да се претпостави дека е можно да се случи.

Преземањето на протестите постојана пракса

Власта и пред неколку дена направи своевиден упад во маршот за осми март. Појавата на премиерот Зоран Заев на маршот беше проследена од страна на дел од членството на партијата со доста импресии. Иако станува збор за марш кој е посветен на женската еманципација и политичка позиција во општеството, сепак овој марш не помина без машкото лице во него.

За некои од присутните загрижувачки беше обидот, како што тие го нарекоа, „киднапирање на самиот марш“, сакајќи да се импонира целата политичка и партиска гарнитура на власта. Особено т.н. „гест на премиерот“, откако говорничката Димитрова се пожали на тежината на мегафонот и неговото ненадејно појавување и држење на мегафонот, со цел говорничката да си го додржи говорот.

Иако оваа владина гарнитура во целокупното свое владеење се соочува со многу ПР промашени обиди за прикажување на власта во пријатно светло, овој настан имаше своевидна позитивна намена за поените коишто би требало да ги добие како функционер. Но, се чини дека во однос на женската борба во Македонија, овој чин беше брутален.

Неолибералниот феминизам на власта 

Грубоста на политиката на сегашната власт неколку дена порано беше егзекутирана преку јавно искажаните ставови на еден од партиските настани по повод денот на борбата на жените. Во Куманово во неделата, Заев и дел од партиската експозитура кои се занимаваат со прашањата на женската борба искажаа ставови кои не кореспондираат со теориските, но и практични идеи на феминизмот и борбата за слобода и еднаквост на жената.

Повикувајќи се на антифеминистички и крајно шовинистички модели на политички лидери како Маргарет Тачер, зборува доволно за вредносната но и концептуалната рамка во која властодршците ја гледаат слободата на жената.

Една од маркантните изјави коишто Тачер ги соопштила своевремено е и онаа:

Феминистките ме мразат, нели?  Јас не ги обвинувам. Затоа што го мразам феминизмот. Тоа е отров“, изјави Тачер во 1983 година.

Оддекот на патријархалната приказна со целокупна вредносна и политичка инсталација многу јасно се поклопува со политиките на новата власт.

Цитатот на Тачер, кој го искористи Заев на тој говор објаснува неколку работи, особено оние кои се однесуваат на економските но и политиките на инклузија.

Политиките на се’ поголема приватизација преку користење на „современите“ модуси на јавно-приватно партнерство и различните форми на концесионерство, иследувањето на политиките поврзани со странските инвестиции низ економските зони, форсирањето на т.н. развојни политики преку необузданата привилегија на вицепремиерот Кочо Анѓушев, екоцидот, лажираните обиди за законско врамување на проектот за минималната плата со големи можности за „сопки“ при исплатата поради т.н. нормиран учинок, потегнувањето на законската иницијатива за промена на старосната граница за пензија и.т.н., говорат за неолибералните политики во економијата и социјалната сфера.

Иако замерките околу овие социо-економски принципи може да се каже дека немаат директна релација со родовите политики, кои во суштина во државава се многу инкомпатибилни со моќта којашто е концентирана кај мажите. Сепак, принципот на владеење на домостројување на капиталистичкиот економски и политички мозаик има форма на патријархална агресивна и исклучувачка вредност. Таа вредност е применета не само во односот кон женските движења, кои во државава се млаки, неорганизирани според принципите на автономни и прогресивни, пред се’ паралелни со државата слободни зони, туку и во однос на економските политики кои значат акумулација на моќ на една инстанца, или група која ги држи во раце уздите на државата и целокупната стварност.

|2018-03-13T14:56:17+00:0013 март 2018|Актуелно, Вести, Став|