Поддржувачите на Корбин бараат враќање на историската Лабуристичка клаузула IV и „крај на капитализамот“

“Новиот лабуризам е мртов … време е да се вратат храбрите социјалистички политики”, бара групата Labour4Clause4, преку промена на симболичната реформа на Тони Блер. Стотици поддржувачи на Џереми Корбин започнаа кампања за повторно воспоставување на историската клаузула IV на Лабуристичката партија во обид “да се стави крај на капитализмот и да се донесе социјалистичка трансформација на општеството”.

Пратениците на Лабуристичката партија, советниците и активистите ги здружија силите со  синдикалци за да ја формираат групата Labour4Clause4, која сака да ги принуди идните Лабуристички влади да се придржуваат кон социјалистичките политики.

Спроведувањето на контроверзната клаузула ќе ја симболизира смртта на новиот лабуризам и крајот на наследството на Тони Блер во партијата. Старата Клаузула IV беше славно заменета од страна на  Блер во 1995 година, кога се обиде да ja реформира Лабуристичката партија и да го прошири нејзиниот углед.

По долга внатрешна борба, тој и неговите сојузници ја отстранија посветеноста на државните индустрии кои беа дел од целите на партијата од 1918 година. Промената стана симбол на агендата за модернизација на Новиот Лабур.

Сепак, како што Корбин ја зајакнува својата контрола врз партијата, сега се зголемуваат повиците за враќање на оригиналната формулација, со цел да се осигура дека градењето на државно контролирана економија ќе стане „главна цел“ на Лабуристичката партија.

Сегашната Клаузула IV вели дека Лабуристичката партија е „демократска социјалистичка партија“ која „верува дека со силата на нашите заеднички напори постигнуваме повеќе отколку што остваруваме самите“. Се обврзува да ја постави власта и можноста „во рацете на многумина а не на неколкумина”, но никаде не споменува национализација на индустриите.
Враќањето на оригиналнaта заложба би значело враќање на обврската за „колективна сопственост на средствата за производство, дистрибуција и размена“ и „заедничка администрација и контрола на секоја индустрија или сервис“.

Корбин претходно не даде прецизен одговор за изгледите за враќање на оригиналната Клаузула IV. Во 2015 година, тој изјави:

„Мислам дека треба да разговараме за тоа какви се целите на партијата, без разлика дали тоа е враќање на Клаузула IV како што беше првично напишано или се поинакви”.

Во скоро време, лидерот на Лабуристичката партија ги отфрли сугестиите дека би можел да се обиде да ја преработи клаузулата.

 

Кампањата Labour4Clause4 е поддржана од пратениците од Лабуристичката партија, Денис Скинер, Иан Мернс и Рони Кембел, како и претставници од неколку синдикати, вклучувајќи ги Сплотеност и РМТ. Филмскиот режисер Кен Лоуч, исто така, ги охрабри барањата за враќање на Клаузулуата IV.

Во една јавна изјава, поддржувачите на кампањата велат дека Клаузулата IV „е првична посветеност на Лабуристичката партија за ставање крај на капитализмот и доведување на социјалистичка трансформација на општеството”, пред заложбата да биде отфрлена од Тони Блер. Блер се обиде да ја „уништи Лабуристичката партија како социјалистичка партија“ и „се заложи за приватизација“, велат тие и додадаваат:

„Сега Новиот лабуризам е мртов. Партијата е трансформирана под раководство на Џереми Корбин. Време е да се вратат храбри социјалистички политики. Ние мора да ги научиме лекциите од минатите лабуристички влади. Не можете да планирате тоа што не го контролирате. И вие не го контролирате она што не го поседувате.“

Групата соопшти дека анкетите покажаа широка поддршка за ветувањето на Лабуристите за национализација на железниците, струјата и водата. Исто така, анкетата покажа дека половина од гласачите, сакаат да ја видат владата како ги превзема и банките.
Labor4Clause4 ја повика партијата да оди понатаму и да вети дека ќе ја преземе контролата врз „клучните профитабилни сектори – командните центри на економијата“ со цел да се изгради „социјалистичка планирана економија“. Ова треба да вклучува национализација на банките, земјиштето, транспортот, пошти, телекомуникации и градежништво и нивно ставање под контрола и управување на „демократските работници“, без да плаќаат никакви надоместоци на актуелните „дебело ситуирани“ сопственици .

Цитирајќи го манифестот на Лабуристичката партија од 1974 година, групата рече: „Ни’ треба лабуристичка влада посветена на целосно спроведување на социјалистичката трансформација на општеството, како што е напишано во Клаузулата IV. Ова би значело „фундаментално и неповратно поместување на рамнотежата на богатството и моќта во корист на работниците и нивните семејства“.

Запрашан дали Лабуристичката партија има какви било планови да ја врати оригиналната Клаузула IV, портпаролот на Корбин се осврна на веб-сајтот Индепендент и на коментарите направени од страна на лидерот на Лабуристичката партија минатата година, кога рече дека неговиот приоритет е развој на политика, а не препишување на партиски документи.

„Време е за разговор за развој на политиката – ги имаме принципите“, изјави Корбин минатиот октомври. „Не треба да го пpеработиме нашиот устав“, нагласи тој.

Teкстот е првенствено објавен на интернет страницата Independent на 27.03.2018 година.

|2018-03-19T09:58:37+00:0019 март 2018|Актуелно, Економија, Свет, Став|