Плоштадот Скендербег мозаик на етноцентризам

СКОПЈЕ, 21.08.2017 – Мурални мозаици кои ја раскажуваат приказната на албанската идеја за независност и самостојност, се насликани на ѕидовите на плоштадот Скендербег, кој е во финална фаза на изградба. На мозаиците можат да се видат, Мајка Тереза, албанските партизани, борбата за ослободување на Косово, албанските преродбеници и сојузот на Лежа каде како централна фигура се јавува Скендербег. Тоа е накратко композицијата на најголемиот мурал, а од спротива е преместен споменикот на Скендербег во многу поголем постамент од оној претходниот.

Плоштадот Скендербег е дел од проектот „Скопје 2014“. На него можат да се видат етнички обележја на албанската нација. Според многумина иконографијата на овој мурал е етнонационалистичка, додека истиот се смета како логичка консеквенца на етнонационалистичкиот проект од „другата“ страна на реката Вардар.

Минатата власт на чело со ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ го „сработија“ проектот „Скопје 2014“. За истиот, потрошени се над 600 милиони евра и поголемиот дел од предвидените објекти се веќе изградени или пак се во завршна фаза на градење. Плоштадот Скендербег претставува парче од колачот на договорот помеѓу претставниците на македонскиот и албанскиот етникум. Имено, откако се реализираа голем дел од предвидените објекти поврзани со „Скопје 2014“ и македонската историја, на сцена стапи потребата албанските претставници на своите гласачи да им испорачаат дел од албанската историска и политичка култура.

Според сликата која произлегува од двете етнички глорификации на историјата во овој проект, помеѓу македонците и албанците нема никаква заедничка приказна. Македонците си ја слават сопствената приказна, додека албанците си ја слават нивната. Иако, помеѓу интелектуалците и политичарите во јавност може да се сретнат често и тонови на обвинување за национализам, никој не си го гледа сопствениот двор, а уште полошо секој смета дека државата и територијата по природа му припаѓа нему.

Минатата власт, направи нова етничка и политичка демаркација на присуство и влијание. Неформално, албанските општини и населени места беа раководени, уредувани и организирани од страна на албанскиот политички субјект ДУИ, а за македонците тоа го правеше ВМРО-ДПМНЕ. Бездната, којашто ги подели овие два народа се зголемуваше уште повеќе, но иако парадоксално, дијалогот и заедничкиот идентитет помеѓу политичарите од двете заедници беше на завидно ниво.

По објавувањето на т.н. „бомби“, од страна на СДСМ и Зоран Заев, ВМРО-ДПМНЕ го изгуби легитимитетот да владее со институциите, додека тогашниот лидер на опозицијата беше многу млак со криминалните релации на претставниците на ДУИ. Со тоа ДУИ си обезбеди уште еден мандат во новата влада. Денес ДУИ, како носител на политичките процеси и застапување на албанските етнички политички интереси го продолжува проектот, кој во својата срж нема никаква манифестација на соживот помеѓу албанците и македонците. Територијата одамна е мапирана и ограничена. Вие вашето, ние нашето  со културата, така со поделба на тендерите, така со парите. Денес таа партија, е дел од извршната власт во која учествува една од политичките партии која ги критикуваше културните, но и етнички политики на оваа партија.

Плоштадот Скендербег е компензација за другите два плоштади во Скопје. На овој плоштад, за разлика од другите два на кои стојат историски фигури со кои идентитетски се поврзува македонскиот етнички елемент, стои Скендербег. Скендербег претставува албанска романтичарска верзија на „таткото на нацијата“, а истиот неколкупати беше преместуван на повисок постамент од претходниот. Ова треба да биде местото на кое ќе разменуваат искуства македонците и албанците, исто како и на претходните плоштади каде „татковците на нацијата“ се Александар Велики и Филип Втори.

Со овие два непремостиви елементи, градот Скопје останува неспоива приказна на два формално слични, или исти политички пристапи на етнонационализам и културна и политичка непомирливост. Преку овие проекти, Скопје не сведочи за културна соработка и за заедничко споделување на вредности. Накратко, Скопје не сведочи една заедничка приказна на македонците и албанците.

Проектот е етноцентристички

Муралот претставува еден показател на фрагментиран и поделен режим на колективна меморија, смета Наум Трајановски, докторант на Институтот за филозофија и социологија при полската Академија на науки во Варшава. Муралот рефлектира етно-центристички модус на репрезентација на колективната меморија од проектот Скопје 2014 и е дел од политиката на поделба на градот кој преку националните симболи и митови служи за една рекреација на етничките граници на Скопје.

„Муралот директно и без скурпули одговара на прашањето чиј е плоштадот, како и чија историја и национална меморија ќе бидат предмет на комеморација на тоа јавно место. Интересно прашање е зошто елитата која беше вокална и гласна во критиките кон начинот на етно-центристичката дисеминација на историскиот наратив на Плоштадот Македонија, настапува со истата ексклузивистичка парадигма во случајот со новиот мурал на плоштадот Скендербег? Конечно, сметам дека е штета што просторот за мурал на самиот влез од Старата чаршија не е искористен за приказ на локалната (па дури и општинска!) историја, заедничкото минато и соживотот што чаршијата како институција несомнено ги генерира“, вели Наум Трајановски за Гласник.

Мариглен Демири, еден од авторите на книгата „Национализмот во(н) контекст“ смета дека, овој проект претставува најјасно огледало за тоа дека нашето општество ниту комуницира со другоста ниту пак има идеја за другоста, особено идеја која ќе ги осмисли другостите во една хармонична целина која ќе заедничари.

„Овој проект отсликува нешто што го живееме а не можеме во поим да го врамиме. Ние живееме како сепарирани културни и политички табори. Ниту се разбираме, ниту сакаме да се разбереме, политичарите кои генерално се неспособни да направат културна и политичка комуникација, го прават тоа само кога зборуваат со јазикот на тендерите. Генерално ние немаме ист свет. Едните слават едно, другите слават друго. И двете се крајно кичерајски манифестации на идеја која е презаситена од повторување и која ги изгубила сите вериги на денешните социо-политички контексти. Во 21 век, централна фигура да ви биде човек од 15. век кој притоа промовира вредности кои се во крајна дискрепанца со оние на кои се повикуваме ние и нашата цивилизација, е супстанцијална анахронија. Скопје не е град на луѓето, туку на етничките трибалистички конзервативни обрасци. Овој мурал е последица на целокупниот проект „Скопје 2014“, кој сеуште сведочи за тесноградоста, естетичкиот невкус и бурлеска, и грабежот на граѓаните што им го прават политичарите под приказната „патриотизам“, истакнува Мариглен Демири.

Автор: Мариглен Демири

Фотографии: Сенада Ибраимова

|2020-05-21T18:34:31+00:0021 август 2017|Актуелно, Вести, Култура|