Петар Кропоткин: Различните сфаќања на слободата

На 8 февруари се навршуваат 100 години од смртта на големиот анархистички мислител Петар Кропоткин. По тој повод редакцијата на „Гласник“ ќе објави два кратки извадоци од неговите трудови. Овој извадок е од статијата на Кропокин „Комунизам и анархија“, првично објавена во 1900 година.

Дали анархистичкиот или слободниот комунизам исто така не имплицира намалување на индивидуалната слобода?

Всушност, во сите дискусии за слободата нашите идеи се искривени од преживеаното влијание од минатите векови на слугинство и религиозна опресија.

Економистите го претставија наметнатиот договор (под закана од глад) помеѓу господарот и работниците како состојба на слобода. Политичарите, повторно, таканаречената сегашна држава на граѓанинот кој станал слуга и плаќач на данок на државата. Најнапредните моралисти, како Мил и неговите бројни следбеници, ја дефинираа слободата како право да се прави сѐ освен повредување на еднаквата слобода на останатите. Настрана фактот дека зборот „право” е многу збунувачки термин предаден од минатите времиња, кој значи ништо или премногу, дефиницијата на Мил им овозможи на филозофот Спенсер, бројни автори и дури и на некои индивидуалистички анархисти да реконструираат судници и легални казни, дури до смртната казна, т.е. повторно ја воведоа, нужно, самата држава што тие восхитувачки ја критикуваа самите. Идејата за слободна волја е исто така скриена позади сите овие резонирања.

Ако ги тргнеме настрана сите несвесни акции и ги разгледаме само промислените акции (оние врз кои законот, религијата и казнените системи самите се обидуваат да влијаат), ќе најдеме дека на секоја акција од ваков вид ѝ претходи некаква дискусија во човековиот мозок; на пример, „Ќе излезам да се прошетам”, некој ќе помисли „Не, имам закажано средба со пријател” или „Ветив дека ќе завршам една работа” или „Ќе ми биде жал за моите жена и деца да ги оставам дома” или „Ќе ја изгубам работата ако не отидам на работа”.

Последното размислување го имплицира стравот од казната. Во првите три инстанци овој човек мора да се соочи само со самиот себе, неговата навика за лојалност, неговите симпатии. И тука лежи сета разлика. Ние велиме дека човекот што е принуден да размислува дека мора да се откаже од таков и таков ангажман поради страв од казна, не е слободен човек. И потврдуваме дека човештвото може и мора да се ослободи самото од стравот од казна и дека тоа не може да воспостави анархистичко општество во кое стравот од казната и дури несакањето да биде обвинет нема да исчезнат. Кон овој идеал маршираме. Но знаеме дека не можеме да се ослободиме ниту од навика за лојалност (од држењето до зборот) ниту од нашите симпатии (стравот од задавање на болка на оние кои ги сакаме и на кои не сакаме да им зададеме болка или да ги разочараме). Во оваа последна смисла, човекот никогаш не е слободен. [Робинзон] Крусо, на неговиот остров, не бил слободен. Во моментот кога започнал да го гради својот брод, да ја одгледува својата градина или да собира залихи за зимата, тој веќе бил заробен, апсорбиран од својата работа. Ако се чувствувал мрзливо и ако преферирал да остане да лежи во пештерата, тој се двоумел за момент, но сепак одел да работи. Во моментот кога добил друштво на куче и на две-три кози и, пред сѐ, откако го сретнал Петко, тој не бил апсолутно слободен во онаа смисла во која овие зборови понекогаш се употребуваат во расправите. Тој имал обврски, морал да мисли за интересите на другите, тој не бил повеќе совршениот индивидуалист кој понекогаш очекуваме да го видиме во него. Во моментот кога има жена или деца, се образовал себеси или се доверил на други (општеството), во моментот кога има домашно животно или дури само овоштарник кој треба да го наводнува во одредени часови – од тој момент натаму тој повеќе не е „безгрижникот”, „егоистот”, „индивидуалистот” кој понекогаш е претставен како слободен човек. Ниту на островот на Крузо, уште помалку во општеството од било каков вид, ваков тип не постои. Човекот ги зема и секогаш ќе ги зема предвид интересите на другите луѓе во пропорција со воспоставените односи од заеднички интерес помеѓу нив, а дотолку повеќе доколку другите ги потврдуваат овие сентименти и желби.

Оттука не наоѓаме друга дефиниција за слободата од следнава: можноста за делување без да се биде повлијаен во тоа делување од стравот од казна од општеството (телесни ограничувања, закана со глад или дури и цензура, освен кога таа доаѓа од пријател).

Разбирајќи ја слободата на овој начин – а се сомневаме дали поголема и истовремено пореална дефиниција за неа може да се најде – може да кажеме дека комунизмот може да ја отстрани, па дури и да ја искорени сета индивидуална слобода и во многу комунистички заедници имаше такви обиди; но тој исто така може да ја подобри оваа слобода до нејзините најголеми можности.

Сѐ зависи од фундаменталните идеи на кои се основа здружувањето. Не се работи за формата на здружувањето која што вклучува поробување; туку идеите на индивидуалната слобода кои ги носиме со нас за здружување се тие што го определуваат повеќе или помалку слободарскиот карактер на тоа здружување.

Ова се однесува на сите форми на здружување. Кохабитацијата на две индивидуи под истиот покрив може да води до поробување на едната од волјата на другата, како што може да доведе и до слобода за двете. Истото се однесува и на семејството или на соработката на две лица во градинарство или во издавање на весник. Истото е и во однос на поголемите или помалите здруженија, на секоја општествена институција. Оттука, во десеттиот, единаесеттиот и дванаесеттиот век среќаваме комуни на рамноправни, на луѓе кои се подеднакво слободни – а четири века подоцна ја гледаме истата комуна како повикува на диктатурата на свештеникот. Судиите и законите останаа, идејата за римското право, за државата стана доминантна, додека исчезнаа оние за слободата, за разрешувањето на споровите преку арбитража и за примената на федерализмот до највисок степен; оттука се појави ропството. Па, од сите институции или форми на општествена организација што биле испробани до ден денешен, комунизмот е онаа која гарантира најголемиот степен на индивидуална слобода – со тоа што идејата што ќе ја роди заедницата да биде слободата, анархија.

Комунизмот е способен да се стекне со сите форми на слобода или на угнетување, а што другите институции не се способни да го направат. Тој може да произведе манастир каде сите имплицитно ќе се потчинуваат на наредбите на нивниот претпоставен, а може да произведе и апсолутно слободна организација, оставајќи ѝ ја целосната слобода на индивидуата, постоејќи сѐ додека здружените сакаат да останат заедно, не наметнувајќи ништо никому, наместо да се биде анксиозен, да се брани, зголемува и проширува во сите насоки слободата на индивидуата. Комунизмот може да биде авторитарен (каде заедницата набрзо ќе се распадне) или може да биде анархистички. Државата, напротив, не може да биде ова. Таа е авторитарна или престанува да биде држава.

Комунизмот ја гарантира економската слобода подобро од било која друга форма на здружување, бидејќи може да гарантира благосостојба, па дури и луксуз, за возврат од неколку часа работа наместо целодневна работа. Сега, да се даде десет или единаесет часови слободно време (неработно) дневно од шеснаесетте што ги живееме свесно (спиејќи осум часа), значи да се зголеми индивидуалната слобода до онаа точка која беше еден од идеалите на човештвото веќе илјадници години.

Ова може да се направи денес во комунистичко општество, човекот може да има едно десет часа неработно време. Ова значи еманципација од еден од најтешките товари на човековото ропство. Тоа е зголемување на слободата.

Да се признаат сите луѓе за рамноправни и да се одбие власта од човек на човек е уште едно зголемување на индивидуалната слобода до степен до кој ниту една друга форма на здружување не го признава дури и само како сон. Таа станува возможна само откако првиот чекор е преземен: кога човек ги има загарантирано средствата за егзистенција и не е присилен да им ги продава своите мускули и својот мозок на оние кои се стремат да ги експлоатираат.

Конечно, да се признаат повеќе различни занимања како основа за сиот прогрес и да се организира на таков начин што може да биде апсолутно слободен за време на неработното време, истовремено да може да си ја менува работата, промена за која неговото рано образование и инструкција ќе го подготват – ова може лесно да се примени во комунистичкото општество – ова, повторно, значи еманципација на индивидуата, која ќе најде отворени врати во секоја насока за нејзиниот потполн развој.

За останатото, сѐ зависи од идеите врз кои е заснована заедницата. Знаеме една религиозна заедница во која на членовите кои се чувствуваат несреќно и покажуваат такви знаци на нивните лица, обично им се обраќа некој „брат“: „Ти си тажен. Сепак, направи среќен лик, инаку ќе им влијаеш на другите браќа и сестри”. А знаеме и за заедници од седум членови, едни од кои се поместија од одредувањето на четири комитети: за градинарење, начини и средства, одржување на домот, и извозување, кон апсолутни права за претседателот на секој комитет. Секако постоеле заедници основани или освоени од „криминалци на авторитет” (посебен вид препорачан за внимание од страна на г-дин Ломброуз) и голем број заедници основани од луди поддржувачи на апсорпцијата на индивидуата од општеството. Но овие луѓе не се производ на комунизмот, туку на христијанството (еминентно авторитарно во својата суштина) и на римското право, на државата.

Фундаменталната идеја на овие луѓе, кои сметаат дека општеството не може да постои без полиција или судии, идејата за државата, е постојана опасност за сета слобода, а не е фундаментална идеја на комунизмот – кој се состои од трошење и произведување без пресметка на точниот удел на секоја индивидуа. Оваа идеја, напротив, е идеја за слободата, за еманципацијата.

|2021-02-02T09:47:28+00:001 февруари 2021|Актуелно, Вести, Став|