Она што не сте го знаеле за биоразградливите кеси

Компанијата „Кесанова“, која се занимава со производство на хартиени кеси, на својата веб-страница објави напис што содржи корисни сознанија за биоразградливите кеси што се во оптек во Македонија, а на кои, многу често, е испечатена реклама која сугерира дека користењето на тие кеси значи некаков придонес кон заштитата на животната средина. Бидејќи сметаме дека овој напис содржи корисни информации што треба да се знаат, во продолжение го даваме нивниот текст. – „Гласник“

 Што значи зборот „био“ на пластичната кеса

Веројатно никого не би навредиле ако кажете дека „био“ е збор отпечатен на кесите за трговците и потрошувачите да се чувствуваат дека се на вистинската страна во битката со климатските промени. Понекогаш ова чувство се базира на лажни претпоставки, а понекогаш и не толку. Понекогаш трговците се свесни за тоа, а понекогаш не.

Во маркетите ќе најдете пластични кеси:

– направени од биомаса (растенија) и биоразградливи.

– направени од биомаса (растенија), но НЕ биоразградливи.

– направени од фосилни материјали (нафта) и биоразградливи.

– направени од фосилни материјали (нафта), но НЕ биоразградливи.

Последниов вид е вид на пластични кеси кои ги знаеме од порано. Тие се единствениот вид на кои отпечатениот збор „био“ би бил сосема погрешен. За другите три видови, можете да го најдете зборот „био“ отпечатен на кесата, а често пати во составот друг збор – „биоразградлива“ или „биопластика“ на пример.

Затоа, ако една кеса се нарекува биопластична кеса, тоа не мора да значи дека може да биде биолошки разградена. Може едноставно да значи дека е направена од биомаса.

„Биоразградлива“ не значи „природно разградлива“

Ниту една конвенционална пластична кеса не може да се разгради во природата, независно од тоа дали пластиката е направена од биомаса или од фосилен материјал. Микроорганизмите во природата не можат да ја разградат пластиката во рамките на временски период поимлив за човекот. Пластиката си е пластика.

Меѓутоа, кога станува збор за биоразградлива пластика, таа така се нарекува бидејќи можат да се додадат некои супстанции на пластиката кои им овозможуваат на микроорганизмите да ја разградат. Но потребни се некои особено поволни услови – кислород, прилагодена влажност и температура – за да се разгради биолошки пластиката. За тоа е потребна индустриска фабрика за компостирање.

Таква фабрика – според нашите сознанија – не постои во Северна Македонија. Очигледно, кислородот е клучен кога е потребно биоразградување на пластиката. Ако биоразградливата пластика заврши во морето или на дното на реката Вардар или во езерата, не прави разлика дали е биоразградлива. Таму ќе остане приближно засекогаш. Археолозите во иднината ќе се чудат зошто во наше време на пластиката било отпечатено „биоразградлива“ и потоа истата била фрлена во вода.

|2020-10-18T11:16:49+00:0018 октомври 2020|Актуелно, Вести, Екологија, Здравје|