Очекуваниот плач на текстилните газди

СКОПЈЕ, 08.06.2018 – Вчера на прес-конференција во Стопанската комора на Македонија, Кластерот за текстил и од Организцијата на работодавачи се заканија дека можно е да бидат отпуштени 5.000 работнички во текстилниот сектор доколку владата не им помогне со, според нив, „високата“ минимална плата од 12.000 денари.

– Нето минималната плата е 12.000 денари, а бруто минимална плата е околу 17.200 денари, при што придонесите се околу 4.600 денари. Предлагаме, 50 проценти од износот за придонесите, или околу 2.300 денари, да ги уплатува државата во Фондот за здравство и во Фондот за пензиско осигурување, но нас, како на работодавачи, да не ни се намалат расходите, туку тие пари да одат директно кај работниците – рече Маријана Перковска, претседателка на Кластерот за текстил.

Тие потенцираа и дека дел од компаниите веќе се затвораат а странски инвестиции се селат кај нашите соседи, а сево ова може да доведе и до 5.000 отпуштања.

Ваквите апокалиптични предупредувања, не се некое изненадување или новост. Откако Уставниот суд го укина нормираниот учинок како услов за исплаќање на минимална плата, сопствениците на текстилните фабрики на повеќе наврати во последниот период свикуваат прес конференции на кои испраќаат пораки кои јавноста често зне да ги прочита како закани.

И додека работодавците организирано водат кампања за да си го заштитат капиталот, останува фактот дека укинувањето на нормираниот учинок, е грст надеж за текстилните работнички кои се епитом за експлотација, притисок и скоро непостоечки работнички права.

Владата на овој газдински наплив, треба да одолее затоа што трудот на овие жени во Македонија е секогаш потценет и слабо платен. Имено, додека имаше еден генерален закон за минимална плата, во текстилната и кожарската индустрија – тој не важеше, иако и тие индустрии се дел од македонското производство. Неплатените саати, викенди и враќање на дел од платата се факти кои сме ги слушале често во сведоштвата на работничките.

Ако за нешто треба да се покрене кампања во овој сектор, нека биде за почитувањето на работничките права во овој сектор и за финансиската состојба на овие газди. Ова второто е потребно за да може јавноста сериозно да го сфати „плачот“ на текстилните газди. Па којзнае, може ќе се солидаризира и со нив.