Моментално во „Тафталиџе 1“ приватни фирми градат над 25 повеќекатници на сметка на зелената површина, граѓаните револтирани

СКОПЈЕ, 28.06.2017 – На иницијатива на граѓаните на населбата „Тафталиџе“ вечерва беше организиран собир пред новооградениот простор на улицата „Варшавска“ бр. 19, кадешто на местото на некогашна барака и зелена површина сега приватна фирма гради осумкатница

Граѓаните на населбата „Тафталиџе 1“ се револтирани од ваквиот однос на масовното и насилно „урбанизирање“ од страна на градоначалникот Стефче Јакимовски. Тие велат дека, моментално во населбата се градат повеќе од 25 висококатници на сметка на уништување на зелената површина. Бараат од општината да се изнајде решение за тековните проблеми со кои се опкружени.

Граѓаните на Тафталиџе се револтирани од односот на градоначалникот на општината Стефче Јакимовски. Тие сметаат дека, за сметка на зелената површина тој овозможува ширење и профит на т.н. „урбана мафија“

Тие денес под паролата „Стоп за урбаната мафија во Карпош“ се собраа пред новооградениот градежен простор на улицата „Варшавска“ бр. 19, кадешто од страна на извесна фирма Аполо во изградба е осумкатница на местото кадешто имало само една барака и зелена површина.

„Ние не знаевме за ситуацијата. Не е проблем што градоначалникот и’ даде на фирмата да гради зграда, туку зема голем дел од игралиштето и од паркот. Значи му додаде на тој што гради плус земјиште од општината. Тука имаше дрвја, се’ испосекоа“, вели загрижена граѓанка од населбата.

Како што пишуваат на својот фејсбук профил од граѓанската иницијатива „Зелено Тафталиџе“, целта на овој собир е организација на граѓаните од оваа населба, за да се сопре масовниот замав на урбаната мафија во населбата, пред да биде предоцна.

Според една жителка која учествуваше на собирот, а чиешто име сакаше да остане анонимно, паркот за деца којшто е изграден спроти новооградениот простор е само ширење на демагогија од страна на градоначалникот.

„Овој парк за деца не е ништо друго туку ширење демагогија и замајување. Овде ја срушија бараката и ги исекоа дрвјата. Го направија ова детско игралиште меѓу бетон. Ние сигурно нема да ги пуштиме децата да си играат во смогов, кога ќе го исечат и овој последен бор, чиишто гранки веќе ги исекоа.“

Паркот за деца е изграден меѓу новооградената површина кадешто се исечени дрвјата и се гради осумкатница и контејнерите со смет.

Граѓаните исто така се пожалија на неприсутноста на медиумите. Сметаат дека, доколку немаат медиумска поддршка, нема лесно да успеат во својата борба, бидејќи нема да им биде слушнат гласот.

Текст и фотографии: Сенада Ибраимова

|2020-05-22T07:37:48+00:0028 јуни 2017|Актуелно, Вести|