Маска

Автор на фотографијата: Енрике Лопез Тапиа

маска – и. ж. р. (алб. maskë)(тоа што се става на лицето за да се скрие, односно да се измени ликот на тој што ја става маската, маска (алб. mushkë) истотака е домашно јалово животно што се користи за пренос на товар, а се добива од парење на коњ и магарица)

Mаска

Маската во ритуалите, во културата, во уметноста е многу одамна застапена во човековото живеење и творење. Во антиката на маските во театарот им се давало многу големо значење. Маските во драмата, пак уште од Аристотел се кажува дека имаат особено важно значење за самата драма, актерите и целокупноста на уметничкото дело што треба да се создаде. Но, маската многу ретко може да го скрие вистинскиот лик на човекот, па дури и кога маската е фигуративно ставена на нашиот лик, односно кога сакаме да ги сокриеме нашите мисли, расположение или попросто кажано кога сакаме да се „маскираме“ за да ги избегнеме прашањата кои ќе ни бидат упатени, а можеби прашањата кои не сме подготвени да си ги поставиме, ние и тогаш со маската откриваме нешто друго.

Во културата кај нас маската е втемелена на тој начин што ни овозможува да го видиме ликот на тој што е маскиран помалку или повеќе, но уште поважно маската е симболот со кој маскираниот ни ја отскрива неговата идеја за тоа што сака тој да претставува и што тој преиспитува. Така неминовно не може да се оценува само која маска најубаво изгледа на оној кој што ја носи, но и што таа ќе симболизира, а уште поважно што таа маска разоткрива. Идејата на маската можеби е да го скрие тој што открива нешто друго.

На овие простори маската има повеќе колективен карактер (да се напомене дека постојат многу видови на групни маски за различни обичаи, обреди), односно го опишува заедничкото помеѓу луѓето, маските се ставаат за одредени празници, за одредени манифестации, за одредени обичаи, не постои автономија на маската, истата таа што се носи на маскенбалот не смее да се носи утредента. Тоа значи дека сепак, на овие, а сигурно и на други простори мора да се почитува договорот за маската – тоа што се открива на маскенбалот не смее да се открие во друг ден. Стравот најверојатно не е од претераното маскирање, но од (не)допуштеното отскривање.

Маскенбалот пак, најверојатно е една форма на слободно движење на маската низ просторот (зашто маската сепак ја нема можноста слободно да се движи и низ времето), форма во која што маскираните сакаат да се изразат, како естетски, така и етички. Естетички во однос на скриеното, а етички во однос на откриеното.

Во нашата култура на живеење маскенбалот е една од побруталните форми на искажување на индивидуата, а и групата, односно преку затскривањето зад маската се откриваат можеби најгорливите сфаќања и поимања за светот околу нас и другоста. Зошто е тоа така? Затоа што максенбалот е еден од ретките фестивали кои што не можат да се претпостават предвреме бидејќи секому е дозволено да се маскира, тој може да се маскира во што сака, а без да знаеме зашто сакал така да се маскира и така да се изразува.

Без разлика каква е и што претставува маската на маскенбалот, маската која што има можност да го скрие маскираниот ја има можноста да ни го отскрие неговиот светоглед, а со тоа и целата размисла на општеството во кое што тој поединец се маскирал. Затоа и маската не може да навреди, маската може длабоко да не замисли, да не втурни во размислување за тоа како некој го гледа светот, но и како светот го гледа него. Маската попрво и повеќе би требало да предизвика страв отколку навреда, страв од непознатото, страв од постојното, но и голема можност постојното и непознатото повторно да се преиспитаат.

Маската може да се каже дека останува едно од најмоќните оружја на немоќните, односно оружје со кое може да се покажи сопствениот страв или срам без срам или страв само затоа што нечиј лик се наоѓа помалку или повеќе под маска, односно затоа што во рамки на тој договор, срамното станува бесрамно, а страшното бестрашно.

Како пример за двојната природа на маската ќе раскажам еден македонски обичај кој што го имам прочитано во една книга за феминизам, но пред тоа да кажам една охридска поговорка. Охриѓани често кога треба многу да се дотеруваат викаат „Ако е бал, нека е маскенбал.“, а истата изрека ја користат претежно за свадби. Свадбата сепак е еден вид на маскенбал и покрај тоа што никому не му е сокриено лицето, евентуално на невестата пред олтарот, но и тоа не е правило, но случај.

Кога невестата била невина, односно кога невестата ќе се покажела како чесна во брачната постела, поточно кога ќе имало видливи траги од крвта од дефлорацијата, неа ја носеле на блага ракија кај нејзините качена на коњ, а кога ќе се покажела нечесна ја враќале на маска (алб. mushkë). Тука маската делува и како маска, со таа маска се означува дека невестата не била невина, односно веќе имала коитус и пред бракот, но, тоа е едно читање на маската на маската. Може да се прочита и како обичај со кој се воспева борбата на жената да биде самостојна и пред мажот. Тоа што невестата ја носат на маска можеби означува дека ја враќаат со животно кое исклучиво се користи за пренесување на товар, но тоа домашно животно не се користи за приплод како што се користи кобилата, тоа домашно животно е пркосно и инаетливо. Маската не служи за јавање како што служи кобилата. Откривајќи го срамот на невестата, маската го поништува нејзиниот страв.

Какви маски ќе видиме денес или утре и што тие ќе ни отскријат?

Автор: Никола Шиндре

|2020-01-17T14:17:48+00:0017 јануари 2020|Актуелно, Култура, Став|