Лицитации со имиња, наместо сериозна политика

1. Приоритети

Изминува седмиот месец откако СДСМ ја презеде централната власт во свои раце, седум месеци во кои СДСМ имаше шанса да спроведе сериозни структурни политики предвидени во т.н. „План за живот“. Сериозните мерки застанаа на половина пат. Минималната плата се зголеми, но наместо 15 илјади, таа се закотви на 12.000, притоа врз база на остварен учинок, а со соодветно државно субвенционирање. Даночната реформа ги опфати само работниците со повисоки примања, односно не ги опфати газдите, поточно корпорациите – местото каде што лежат неоданочените милиони неопходни за потфати од јавен интерес. Премиерот, одговарајќи на новинарско прашање дополнително реши да ги успокои странските инвеститори, нагласувајќи дека, зголемување на данокот на добивка (или корпоративен данок) нема да има ни во блиска иднина.

Од веќе виденото, очигледно е дека новата власт нема намера сериозно и сеопфатно да се позанимава со реанимација на економијата преку даночни реформи. А за да ја задржи својата „реформаторска слика“, владата на премиерот Зоран Заев се истакна со неколку инстант популарни мерки како: укинувањето на екстерното тестирање за средношколците и студентите, и укинувањето на обврската на граѓаните да поднесуваат даночна пријава. „Реформаторската слика“ очекувано застрани и во технички области, конкретно во веќе насетуваната улога на новата власт како „нов кум“, улога којашто е доста карактеристична за владеењето на ВМРО ДПМНЕ. Најново на „листата на приоритети“ на СДСМ е најавата за преименување на скопскиот аеродром… Во ситуација кога предлог буџетот на министерството за финансии го дуплира износот, којшто е издвоен од буџетот за патни трошоци на функционерите, јасно е зошто името на скопскиот аеродром е навистина приоритет од високо значење за функционерите, кои многу лесно, односно бесплатно, ќе го користат во наредните четири години.

2. Аеродром „Киро Глигоров“.

На премиерот Зоран Заев му се допаѓа идејата на Дипломатскиот клуб, аеродромот „Александар Велики“ во Скопје да се преименува во „Киро Глигоров“. На прес-конференцијата за предлог буџетот за следната година, Заев изјави:

На прва ми се допаѓа идејата. Но, одлуката ќе оставиме да ја донесат граѓаните низ јавна дебата. Мене, како граѓанин, ми се допаѓа“.

Изминуваат седум месеци откако Заев е премиер, а нејасно останува кои граѓани низ јавна дебата даваат предлози кои владата наводно ги консултира пред да ги спроведе истите. Понатаму, за идејата аеродром „Киро Глигоров“, Заев потенцира дека му се допаѓа „како граѓанин“. Интересно потенцирање, во ситуација кога истиот предлог подеднакво им се допаѓа на сите членови и симпатизери на СДСМ.

Како и да е, да се осврнеме накратко на поддржувачите на оваа идеја, кои не доаѓаат од таборот на СДСМ, туку доаѓаат од страна на граѓаните.

Еден дел граѓани велат:

На скопскиот аеродром му доликува да го носи името на првиот претседател на самостојна Македонија.Киро Глигоров е еден од ретките чесни политичари кој не го делеше народот на „наши и ваши“, тој ја остави партиската книшка во мирување додека беше претседател, зад неговото име нема корупциски скандали.

Интересен е култот на личноста кој се гради за Киро Глигоров на темели на заборавот. Имено, после политичкото осамостојување на Македонија, кое согласно искуството, автоматски значеше и вовед во економска транзиција, Киро Глигоров за да измие раце и непреземе одговорност, го остави 29 годишниот Бранко Црвенковски да ја води партијата и од позиција на премиер да ја спроведува приватизацијата што значеше испуштање на десетици илјади работници како „технолошки вишоци“ и стечајци. Не постои индивидуален корупциски скандал кој може да го засени генералниот скандал на процесот на приватизација. Тој процес започна доволно долго пред трагичниот настан со обидот за негов атентат. Киро Глигоров не ги превенираше погубните политики на СДСМ од деведесетите, а подоцна, не се одважи да ги осуди истите. Тој се фалеше со Македонија како „Оаза на мирот“, додека истовремено Македонија се претвораше во пекол за работниците. За потсетување, Киро Глигоров беше учесник и записничар на Првото заседание на АСНОМ, кога се удрија темелите на Социјалистичка Република Македонија како федерална единица на СФРЈ и беше носител на високи функции во Комунистичката партија на Југославија (подоцна Сојуз на комунистите). Како главен авторитет во СДСМ, тој сноси голема одговорност за погазените идеали и заложби на комунистите и залудните жртви на партизаните.

Друг дел граѓани велат:

Сосема нормална работа е аеродромите да се именуваат по претседатели. Далеку поголеми аеродроми добивале имиња по претседатели. Примери: Аеродром „Шарл де Гол“ во Париз, аеродром „Кемал Ататурк“ во Истанбул, аеродром „Џ.Ф. Кенеди“ во Њујорк...

Во историјата на народите, татковците на нацијата често се дестилирани од негативните аспекти на нивното владеење. Ако за Киро Глиговор претходно беа објеснети таквите негативни аспекти, да кажеме збор два и за искуствата на останатите земји низ наведените примери, кои некритички ги следиме поради нашата колонијална слабост спрема големите сили дури и кога е само во сферата на потсвеста.

Аеродром Шарл Де Гол во Париз, Франција.
Шарл де Гол, е заслужен за крволочниот одговор кон Алжирците кога посакаа ослободување од колонијалниот јарем и претседател на Франција за време на студентските протести од 1968, протести кренати исто така против режимот на неговото владеење.

Аеродром ЏФ Кенеди во Њујорк, САД
Кенеди со напалм бомби го нападна виетнамскиот народ кога посака да гради социјализам и пушти воени инстуктори и вооружени приврзаници на режимот на Батиста во Заливот на свињите против револуцијата на Фидел Кастро и Ернесто Че Гевара во Куба.

Аеродром Кемал Ататурк во Истанбул, Турција
Кемал Ататурк, важи за создаделот на модерна Турција, нешто што во пракса значеше остварување на ригидна националистичка визија за Турција низ ситагмата “Едно знаме, еден јазик, една нација“. Стотици илјади Македонци, Бошњаци, Албанци беа асимилирани во Турци, додека над 10 милиони Курди се соочија со невиден терор кој трае до ден денес.

3. Конструктивнен предлог

Најконструктивен предлог за владата на Зоран Заев, е да се занимава со горливите проблеми на општествено, односно со економскиот живот во Македонија, наместо со лицитации на имиња на објекти. Но, кога е веќе отворен процесот  на лицитации, тогаш за името на аеродромот, нашата лична карта на мапата на аеродроми во светот, името не е обична техникалија. Дека не е техничко прашање, се гледа од агресивниот однос на Р. Грција кон актуелното име на аеродромот „Александар Велики“. Од друга страна, ставање име на прв лик на СДСМ, е поагресивен однос на наметнување врз граѓаните на Македонија и од тој на ВМРО ДПМНЕ претходно. Ова е последна шанса на „транспарентниот“ Заев, „слушателот на народот“, да не издејствува малтене партиски предлог. Јавната дебата, толку спомнувана во предизборните говори на премиерот – ајде да ја видиме на дело.

Има многу модалитети како начин за стигнување до издржан предлог за ново име на скопскиот аеродром, името не мора да се бара во име на личност. А, ако консензусот на јавната дебата би водел кон име на личност, тогаш има многу области од општествениот живот во Македонија од кои можат да се бараат кандидати.

Конечно, лицитацијата со името на аеродромот сега, штети на работата на министерството за култура, кое формираше работната група за изработка на анализа за реализацијата и последиците од проектот „Скопје 2014“, крупниот проект на претходната влада за антиквизација на Скопје, проект од кој е инспирирано и менувањето на актуелното име на скопскиот аеродром. Прејудицирањето за името на аеродромот, во момент кога анализата не е изработена, засега укажува на поразителниот факт на т.н. јавна дебата во Македонија, каде партиските пазарења и желби, се пред било каква стручна анализа, колку и истата да е дел од истиот партиски поделен спектар.

Автор: Зоран Василески

|2018-01-28T19:45:57+00:0017 ноември 2017|Актуелно, Став|