Левица поднесе кривична пријава против Заев поради доведување на државата во зависна положба од Грција

СКОПЈЕ, 21.05.2018 – Денес во Основното јавно обвинителство (ОЈО) политичката партија Левица поднесе кривична пријава против премиерот на Република Македонија (РМ), Зоран Заев за сторено кривично дело, „доведување на државата во зависна положба од друга држава“, односно „загрозување на независноста на државата“.

Станува збор за последното прифаќање на ерга омнес решение за промена на името во Република Илинденска Македонија од страна на Заев на средбата со грчкиот премиер Ципрас на 17 мај.

„Во наводите на пријавата се повикуваме на официјалните изјави на премиерот и на премиерот на Грција. Сметаме дека на средбата којашто се одржа на 17 мај со прифаќање на ерга омнес решение и со давање де факто признание на странски државник дека ќе стори се’ што е во моќ на премиерот таа идеја да стане официјална државна политика на Република Македонија и’ се подриени меѓународните позиции во преговарачкиот процес и е нанесена штета, односно е доведена државата во зависност од позиција на друга држава“, изјави денес Димитар Апасиев, доктор на правни науки и правен застапник на партијата.

Во рамките на пријавата од Левица бараат распит на пријавениот и понатамошно нејзино процесуирање и известување.

Ја задржуваме можноста како што дознаваме нови наводи да ја прошириме кривичната пријава особено против шефот на дипломатијата, односно министерот за надворешни работи, којшто исто така самиот призна дека тој го подготвувал сето ова, што е квалификационен облик на делото, односно упатува на здружување и организирање за ставање на Република Македонија во зависна полижба од друга држава“, додаде Апасиев.

Левица од ОЈО бара кривичната пријава да биде сериозно разгледана, а во доказните средства на пријавата предлагаат распит на пријавениот,  со цел да се утврди како дошло до тоа, како што велат, една неофицијална изјава да стане официјална државна политика преку ноќ.

Ставот на Левица во врска со името е дециден. Тие бараат прекин на преговорите и започнување на меѓународна правна процедура за прием на Република Македонија преку генералното собрание на Обединетите Нации под уставното име, т.е. продолжување на членството. Преговорите со Грција ги сметаат за уцена кон Македонија за промена на името со цел внесување на државата во воениот пакт НАТО, за којшто партијата исто така има дециден став, дека е против членување во воен сојуз. Имено, неколку членови на партијата минатата година беа приведени за време на протестот против изложбата на оружје и воени реквизити на американската војска во близина на плоштадот во Скопје, поради тоа што сакаа да истакнат транспарент на кој пишуваше „Против Војните за Профит“.

Од партијата вчера со соопштение до јавноста го осудија, како што велат, недостоинственото однесување на актуелниот премиер Зоран Заев и полтронскиот однос на владејачката коалиција предводена од СДСМ со прифаќање на името „Република Илинденска Македонија“ за севкупна употреба.

| 2018-05-21T11:33:18+00:00 21 мај 2018|Актуелно, Вести|