Левица: Борците од НОБ покрај борбата против фашизмот, се бореа и за социјализам!

СКОПЈЕ, 09.05.2018 – Денес по повод 9 Мај Денот на победата над фашизмот пред споменикот на паднатите борци од Народно ослободителната борба (НОБ) положија цвеќе единствено претставници од политичката партија Левица. „Борците од НОБ покрај тоа што се бореа против фашизмот се бореа и за социјализам“, изјави Џејлан Велиу член на Президиумот на Левица.

Ниту еден претставник од владата, или пак некој од другите политички партии не го одбележа денешниот ден кој е значаен за цел свет. На 9 мај 1945 година со потпишувањето на безусловна капитулација на нацистичка Германија, официјално беше ставен крај на Втората светска војна во која учествуваа 61 земја, со вкупно 2,1 милјарда жители или 96 отсто од светското население и која однесе повеќе од 50 милиони животи.

На местото пред споменикот во дворот на владата на Република Македонија во чест на борците од НОБ единствено почит изразија претставници од политичката партија Левица. Тие положија цвеќе и нагласија дека освен што борците од НОБ се бореа против фашизмот, не треба да се изоставува фактот дека тие се бореа и за воспоставување на социјализам на овие простори.

„Благодарение на жртвата на борците ние во 1944 година добивме суверена, којашто се’ повеќе го губи својот суверен карактер. Еден од доказите за тоа е и неодбележувањето на овој ден, односно владата на РМ заедно со другите политички партии не го одбележаа овој ден. Дали ова е поради аспирациите за влез во НАТО – воениот сојуз?“, истакна Велиу.

Таа нагласи дека борбата на партизаните треба да продолжи, бидејќи фашизмот се’ уште постои во различни облици.

Активисти на партијата во повеќе градови на Македонија оддадоа почит со положување цвеќе на спомениците од НОБ. Покрај политичките партии, овој ден го препознаа и неколку организации, меѓу кои Сојузот на борци (кој традиционално го одбележува овој ден), Социјалниот центар „Дуња“, „Цивил“ и други.

Авторка: Сенада Ибраимова