Корупцијата и зачленувањето во ЕУ

Индексот на перцепција на корупцијата на „Транспарентност Интенационал“ повторно предизвика револт кај граѓаните на Македонија. Затоа што уште еднаш нѐ потсети колку имаме корумпирана држава и општество. Истовремено, тоа е и голем пораз на владата на Зоран Заев, кој го искористи незадоволството на граѓаните од корумпираноста од претходната власт за да воспостави – сопствена корумпирана власт.

За време на Заев, ние паднавме од 90-то место во светот во 2016 на 111-то место во 2020 година. И не само тоа. Споредбата на нашата земја со останатите европски држави што транзитираа од социјализам кон капитализам кажува уште еден поразителен податок. Од 24 држави од Средна и Источна Европа, поранешни социјалистички земји, Македонија е при самото дно. Таа е подобра само од Молдавија, Украина, Азербејџан и Русија.

Заев во една прилика, во мазохистичко расположение, кажа дека нас ни требал камшикар од ЕУ за да нѐ среди, зашто ние не сме можеле тоа самите да го направиме. Да видиме колку зачленувањето во ЕУ влијае врз нивото на корупција во новокапиталистичките земји од Средна и Источна Европа.

На подолната табела се дадени индексните поени за корупција на 24-те европски новокапиталистички земји за 2012 и 2020. Зошто е избрана 2012 како почетна година? Избрана е бидејќи тоа е првата година за која „Транспарентност Интернационал“ ја примени својата нова методологија за мерењето на корупцијата. Што значат индексните поени? 0 значи апсолутна корупција, 100 значи целосно отсуство на корупција. Од овие 24 земји, 11 станаа членки на ЕУ (обележани со жолто), а 13 тоа не се.

Што ни кажува табелата? Многу работи.

1) Само 7 од 24 држави имаат индексни поени над 50 во 2020, а што е границата според „Транспарентност Интернационал“ за една земја да биде окарактеризирана како помалку коруптивна. При тоа, само една земја, Естонија, има респективно досие на решавање на проблемот со корупцијата, додека останатите горе-долу само се провлекле со позитивна оценка. Ова е показател за катастрофалниот неуспех на капитализмот, кој ветуваше демократија, а при тоа не успеа да задоволи еден од најосновните предуслови за тоа во најголем дел од европските земји што транзитираа од социјализам во капитализам.

2) Земјите што станаа членки на ЕУ се генерално подобро рангирани од оние што тоа не се. Но, овој најочигледен заклучок не ја доловува целосната слика. Не е толку важен самиот ранкинг колку индексните поени. Кога тој поважен аспект ќе го вклучиме, она што го гледаме е следното:

– И кај членките и кај не-членките на ЕУ има подобрувања и влошувања во новото на корупција помеѓу 2012 и 2020;

Најголемо подобрување има кај земји кои не се членки на ЕУ. Тоа се Белорусија (+16 индексни поени) и Ерменија (+15), по што следи членката на ЕУ Естонија (+11).

Најголем пад бележи земја-членка на ЕУ. Унгарија го држи рекордот во регионот со пад од 11 индексни поени, по што следи никој друг туку – Македонија со пад од 8 индексни поени.

Единствената држава која во периодот 2012-2020 стана членка на ЕУ, Хрватска, за седум години членство во ЕУ успеа да забележи само минорен напредок за една стотинка во нивото на корупција. Ништо спектакуларно. Дури ниту ништо забележливо. И ништо соодветно на пропагандата што значи една земја да стане членка на ЕУ.

Што ни кажува ова за врската помеѓу членството во ЕУ и нивото на корупција? Неколку работи:

1) Зачленувањето во ЕУ, како што покажува примерот на Хрватска, може да не доведе до никаква суштинска промена во нивото на корупција.

2) Кај новите капиталистички земји-членки на ЕУ од Средна и Источна Европа има противречни трендови кај нивото на корупција. Некои направиле позитивни исчекори (Естонија и Латвија), кај некои има големо уназадување (Унгарија), а останатите горе-долу тапкаат на истото место на кое биле. Наспроти либералната пропаганда која го величи членството во ЕУ како демократска панецеа, податоците на „Транспаренси Интернационал“ покажуваат дека нивото на корупција не зависи од тоа дали некоја земја надвор од јадрото на капитализмот е членка на ЕУ или не.

3) Големиот напредок во борбата против корупцијата на Белорусија и Ерменија, како и високиот ранкинг на Грузија, покажуваат дека можно е да се намали корупцијата во земјата и кога таа земја не е членка на ЕУ. Овој заклучок е можеби најважниот заклучок за нас. Нема и не може да има изговори за која било власт зошто нивото на корупција во нашата земја се влошува, или во најдобар случај, што не бележи позначителен исчекор.

Здравко Савески

|2021-02-09T09:41:34+00:009 февруари 2021|Актуелно, Вести, Економија|