(Коприва колектив) Сквот – Што е тоа? (I дел)

Не, не мислиме на истоимените фитнес вежби.

Во недостаток на литература на оваа тема, која и онака е игнорирана во јавноста, си земавме за задача да напишеме нешто за сквотови/ сквотирање/ сквотери, во неколку продолженија.

Сквотирање е акт на окупирање, односно вселување во напуштен објект, при што сквотерот (чинителот на актот) не е сопственик, ниту поседува посебна дозвола од легалниот сопственик да престојува во тој објект. Сквот е назив на окупираниот објект, кој може да се именува по некоја негова карактеристика, мината функција или значајност за заедницата.

Оваа појава е присутна на повеќе места во светот и настанува поради разни причини; од понуда на алтернативни решенија за решавање на бездомништвото како проблем од една, и проблемот на напуштени објекти од друга страна, до трансформација на напуштени објекти во социјални и културни центри од полза за заедницата. Холандскиот социолог Ханс Пруијт во своето дело „Логика на урбаното сквотирање“ проучува сквотови од Обединетото Кралство, Италија и Германија, па на тој начин издвојува 5 облици на сквотови:

1. Сквотирање врз основа на лишеност – можеби најстариот облик. Станува збор за луѓе кои се вдомуваат во напуштени објекти, бидејќи не само што имаат потреба од дом како основно човечко право, туку се лишени од било каков простор за живеење.

2. Сквотирање како алтернативна стратегија за домување – се однесува на луѓе кои немаат големи примања и имаат потреба од место за живеење, а не се во состојба да ги подмират трошоците за кирија; најчесто студенти, млади луѓе, уметници кои спроведуваат модели на колективно живеење, културна и политичка експресија.

3. Претприемничко сквотирање – социјални центри, сквотерски барови, ателјеа, простори за проби на музичари, галерии, библиотеки, инфошопови, места за поправање велосипеди, еколошки и општествено корисни проекти, центри за учење јазици… Овие активности се спроведуваат неформално, без заглавување во бирократски процеси, а се од огромна корист за заедницата поради вклучување на невработени луѓе во активностите, мигранти, стекнување нови вештини, најчесто бесплатно или со симболична донација.

4. Конзервациско сквотирање – окупација на простори или објекти кои се од културно/ општествено значење, а на кои им се заканува рушење или несакана – наметната трансформација. Ова сквотирање е во насока на зачувување на градската инфраструктура.

5. Политичко сквотирање – не значи дека претходните форми не се политички, туку, во овој случај, сквотирањето не е цел сама за себе, туку конфронтирање со државата, протест од страна на приврзаници на револуционерни или идеи за автономија и анти-авторитарност.

Книгата Squatting in Europe нуди историска анализа на феноменот сквот низ историјата на Европа во последните четири декади. Сквотирани објекти може да препознаете по следниот симбол:

Текстот е преземан од блогот на Коприва колектив. Оригиналната објава можете да ја видете овде.

|2020-01-23T08:58:21+00:0023 јануари 2020|Актуелно, Вести, Свет, Став|