Кој е кој во таборот Бојкотирам (против волците во јагнешка кожа)

Кој е кој во таборот против преспанскиот договор и во таборот за бојкот на консултативниот референдум

Генерално гледно, има две големи групи на луѓе, кои се противат на срамниот договор Ципрас – Заев, и кои се противат на целиот НАТОвски инжинеринг кој ни’ го приредува власта, со консултативниот референдум и тризначното референдумско прашање. Првата е мнозинство, втората е во малцинство.

Прва група:

Во оваа група, спаѓаат:
а) оние кои што 10 години ги толчеше груевизмот, но кои останаа достојни, врзуваа крај со крај, но не се пријавија пред бирото за вработување ВМРО ДПМНЕ, ниту прелетаа во СДСМ.

б) оние кои, како и претходно, го прифатија приватниот сектор за единствено поле во кое можат да најдат вработување, каде во помал број се добро платените места, а во поголем број се лошо платените работни места каде секој е заменлив. Сепак, и тоа бреме за овие луѓе беше поподносливо одколку носењето списоци со 20 души за гласање и возењето во автобуси на повик и висењето по митинзи.

Во овој табор има:

а) патриоти- љубители на антиквизацијата и спорната историја на историското ВМРО, религиозни луѓе за кои Македонија е свето име или православни словени, на кои од раѓање им е зададено да бидат поблиски до Русија.

б) Работници, левичари и комунисти кои ги бранат последните остатоци на асномскиот карактер на републиката, и за кои НАТО е она што е (агресор, злосторничко здружување на американскиот империјализам со неговите испостави во Европа).

Втора група:

Во оваа група спаѓаат:

а) Политичари, новинари и аналитичари, анти-НАТО популисти и анти-ЕУ популисти кои ја почустуваа сензитивноста кај македонскиот народ кога е во прашање промената на уставното име, па се најдоа себе си во таборот Бојкотирам, како поле во кое ќе можат да врбуваат што повеќе незадоволни. Како да им се верува на тие луѓе, тие довчерашни пратеници, министри и амбасадори на СДСМ – ДПМНЕ? Како да му се верува на ребрендиран политичар кој сега зазема асномски, суверенитетски или проруски став, а претходно зборувал и се залагал за нешто сосема друго? Борбата за пратенички места, борбата за зграбување на пленот кој го носи власта, е ѕвезда водилка на овие довчерашни НАТОви слуги.

б) Оние вмровци кои во 10-те години на груевизмот имааа бенефиции кои ги немаат останатите вон власта (што е и редовна практика во Македонија последните 25 години). Особено привилегираните, лапаа тендери, проекти, дневници и хонорари по разните извршни одбори, измислени тела за сенешто. Или едноставно нивните фирми или нивните активности вон законот, беа ослободени од надзор од страна на државата.

Сите овие прифаќачи на бипартизмот со цел приграбување до власт (со сиот комодитет и сигурност што го носи) се свесни дека други лапачи сега се на ред да лапаат од заевизмот, па не сакаат да се помират 10 години да им дојде редот пак.
Затоа тие опортуно гледаат на бојкотот, како начин за гарантирани предвремени избори, на кои се убедени дека ќе победат.

Оваа втора група е сепак дел од една поширока група, во која подеднакво партиципираат, истоветните на нив, членови на СДСМ и граѓански активисти кои гравитираат околу СДСМ. Тоа е групата т.н. волци во јагнешка кожа.

Волци во јагнешка кожа

Има два вида волци во јагнешка кожа, а заедничко им е тоа што се појавуваат како такви кога се во опозиција.

Подгрупа: Сдсмовци во опозиција

– Врескаа и солзи ронеа за Мартин Нешковски и малата Тамара Димовска, додека сега ќутат за смртта на Никола Саздовски и малата Ева Крстаноска.

– Врескаа што власта троши 200 илјади евра на жални врби во Вардар, ама затоа украсувањето со цвеќиња по вкус на Владата од 700 илјади евра е ок.

– Врескаа за милионите потрошени на СК2014, ама затоа милионите собрани од министерствата за „информативната кампања“ за анкетата која ќе се одржи на 30 Септември се оправдани, веќе нема математики колку болници, школи и градинки ќе се изграделе или реновирале со тие пари.

– Викаа заедно со нас, НЕМА ПРАВДА НЕМА МИР, бараа владеење на правото и социјална правда, а всушност мислеле НЕМА НАТО НЕМА МИР, и сакале владеење на натото во кое социјалната правда ќе остане на нивото на НВО дебата.

– Ставаат на профилна „Македонија оди напред во ЕУ и НАТО“, но под Македонија мислат само кога се тие на власт. Битно е да си со насилниот надвор, за долго и непречено да владееш внатре.

Подгрупа: вмровци во опозиција

– Врескаат и солзи ронат за Никола Саздовски и малата Ева Крстаноска, а ќутеа за смртта на Мартин Нешковски и малата Тамара Димовска.

– Врескаат како СДСМ ја продава државата на албанците, а нивното ВМРО ги амнестира хашките случаи за злосторства не само против македонците, туку и против човештвото.

– Врескаат за украсувањето на дворот на владата од 700 илјади евра, а врбите биле убави, башка чинат за половина милион помалце од цвеќињата пред влада (заборавија на стотиците милиони на СК2014).

– Ставаат на профилна “We are Macedonia”, но под Македонија мислат само на времето кога беа на власт. Тоа е златното доба за кое не опоменуваат дури со зборовите „ќе го барате Груевски“.

За крај, кои се тие волците во јагнешка кожа. За среќа, не се тоа 400 илјади гласачи на ВМРО и 400 илјади гласачи на СДСМ.

Мнозинство гласачи на овие две партии, обично се инертна маса, ги гласаат избори за избори, за вработување од 250 евра, или пружена рака кога ќе затреба- добро е да имаш човек во власта. Но ова мнозинство гледа дека со плата од 250 евра не се живее веќе, а раката на колонијалната власт, колку дава, дупло повеќе зема. Мнозинството гласачи на овие две партии, веќе е разочарано од бескрајното чекање да заврши транзицијата со огномет. Тие веќе едноставно не веруваат во евро-атланските бајки.

Бојкот од исправни побуди

Се зголемува гневот кај народот против насилничките евроатлански интеграции. Власта веќе се’ помалку зборува за НАТО, дебатата дека тоа е организација која носи демократија, независни медиуми, независно судство, мир и просперитет е веќе загубена.

Иако телевизиите и весниците се заробени од евро-атланската пропагандна машинерија, социјалните мрежи вријат. Тоа е едниствениот простор каде НАТО сигурно ќе изгуби. Но натовистите сакаат и тој простор да го цензурираат, отстранувајќи објави на фејсбук страните кои пропагираат Бојкот. Кога веќе ги имаат телевизиите и весниците под целосна контрола, зошто ги плаши ограничениот фејсбук и твитер простор на пример?

Читајќи ги реакциите на мнозинството фејсбук корисници, заклучив дека во Македонија антифашистите се во огромно мнозинство. Штета што измеќарите на НАТО во Македонија, го поделија народот на три дела, едни во СДСМ, други во ДПМНЕ, трети во очајување и безнадежност.

Овој народ, добро ја знае сопствената историја, добро ја знае улогата „на големите сили“ за време на балканските војни, и добро знае дека само преку анти-империјалистичката и анти-фашистичка борба, успеа да извојува и победа и слобода.

Затоа народот се наоѓа пред сегашната голгота, да му се приклучи и официјално на НАТО, со наведната глава и свиткана кичма, баш онака какви што сака да ги гледа НАТО- бунтовните народи против неговата чизма.

Сепак, овој народ, прв пат признат од комунистите, во генот му е всаден антифашизмот, гневот кон империјалистите и воените злосторства на НАТО воениот пакт низ историјата и сегашноста.

Чуден народ е тоа. Измеќарите на врагот го нарекуваат прост, неписмен, неурбан.

Но, не се предава тој народ, види го, уште се бори да ги зачува темелите на државата која беше воспоставена на Антифашитичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ). По најавениот Бојкот, спремен е тој народ да почне да ги гради разрушените ѕидови над темелите, но за да биде изградбата успешна, треба уште од сега да се дистанцира од ребреднираните политичари и волците во јагнешка кожа…

Автор: Зоран Василески, член на Президиумот на Левица.

| 2018-08-28T08:29:43+00:00 28 август 2018|Актуелно, Свет, Став|