СКОПЈЕ, 24. 11. 2017 – Во просториите на Правниот Факултет Јустинијан Први во Скопје, ќе се одржи расправа на темата „Легализација на канабисот, да или не?“. Дебатата е организирана од страна на Здружението за канабис и зелени политики „Билка“ – Скопје и Здружението на млади кривичари, а истата ќе има научен карактер и на неа ќе земат учество професори, судија, адвокат и обвинител. Дебатата ќе се одржи на 12 декември 2017 година, во 12 часот, во салата на Наставно-научнитот совет при Правниот факултет.
Дали да се легализира употребата на канабисот или не, претставува прашањето за коешто ќе зборуваат универзитетски професори, адвокат, обвинител и судија. Јавноста ќе има можност да ги слушне аргументите зошто да или зошто не, да поставува прашања и да се информира за оваа тема која во западноевропските држави веќе се решава со законско одобрување за употреба на канабисот.
Досега, во Македонија оваа тема во јавноста најчесто добиваше третман кога се однесуваше на медицинската употреба на канабисот. Законските измени коишто се случија минатата година за многумина беа проформа и имаа димензија на фармацевтски монопол.
Во Македонија драконски казнувани рекреатвните корисници на канабис
Бројни се случаите во кои граѓани коишто биле фатени со мали дози во Македонија, во минатото да бидат драконски казнувани. Во 2014 година, биле „запленети“ 0,08 грама од анонимен прилепчанец, додека пак од жител на Куманово 0,5 грама, а од друг кумановец 0,26 грама марихуана. Лицата коишто биле фатени биле обвинети за неовластено произведување и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. Казната која е предвидена за ова дело е од три до десет години затвор.
Ваквите обвинувања иако изгледаат смешни, сепак често на крај завршува како „играчка – плачка“. На пример, на почеток на оваа година во Велес кај веќе обвинето лице се пронајдени 4,5 грама марихуана и 0,33 грама измешана со тутун. Минатиот месец, на лице коешто било фатено со 9,25 грама марихуана, му беше изречена казна затвор од 6 години.
Дебатата на тема „Легализација на канабисот, да или не?“, ќе се одржи на 12 декември во 12 часот во просториите на Правниот Факултет „Јустинијан први“ во Скопје, во салата на Наставно-научниот совет на факултетот, а истата е организирана од страна на Здружението за канабис и зелени политики „Билка“ – Скопје и Здружението на млади кривичари.
Јанаки Митровски: Легализацијата ќе предизвика дузина позитивни појави во општеството и ќе ја намали стапката на криминал
Редакцијата на Гласник, разговараше со Јанаки Митровски, адвокат и активист за подигање на свесноста за користењето на канабисот и автор на магистерскиот труд насловен „Легализацијата како начин на сузбивање на трговијата со наркотици“. Митровски е и еден од организаторите на гореспоменатата дебата, а воедно учествувал на многу јавни настапи и дебатни емисии поврзани со употребата на канабисот и неговата легализација.
Според него, постојаната регулатива ја казнува рекреативната употреба на канабисот, без разлика на формата дали е таа кривична или е прекршочна. Легализацијата на канабисот претставува една од излезните решенија за либерализација на рекреативното користење на канабисот од страна на сите граѓани.
„За да рекреативното користење се либерализира постојат две опции: Првата со легализација на канабис. За ова постојат правни пречки од меѓународен карактер бидејки трите Конвенции на ОН за наркотици изричито налагаат криминализирање на држењето, продажбата и користењето на наркотици вклучувајки го и канабисот. Амандмани се можни но процесот е долг и бара консензус од сите земји потписнички во спротивно прашањето треба да се изнесе пред Економско-Социјалниот совет на ОН кој пак треба да покрене нова конференција по повод прашањето. Оваа постапка е долга и пред се комплицирана а бара и консензус вво спротивно е тешко изводлива. Втората опција која веќе дузина земји во светот ја практикуваат е дозволување на посед на помало законски определено количество канабис за лична употреба преку декриминализација. Ова значи дека поседот и повторно нелегален но не преставува криовично дело. Или не се казнува со затвор, или има задолжителна парична казна илиз адолжително советување, модулите се бројни. Домицилно потребна е измена на Кривичниот Законик и Законот за контрола на опојни дроги“ вели за Гласник, Митровски.
Меѓутоа, главниот проблем Митровски не го сместува во правниот аспект. Јавното обвинителство со самоволно носење на дополнителни упатства, и отсуството на интегритет кај судиите, носи до процесирање на бесмисленоста на овие дела.
„Во 2009 година спротивно на начелото на законитост, спротивно на една од основните темелни вредности на Уставот а тоа е владеењето на правото ЈО на РМ донесе задолжително упаство до сите ЈО согласно која за помало количество ке се смета секое количество до 5 грама канабис, а за секое количество над 5 грама по автоматиам се добива обвинение за продажба независно од отсуство на други докази дека продажба навистина имало. Ова е незакониот и противуставно бидејки Кривичниот законик со став 2 од член 215 пропишува привилегирана(полесна) форма на делото кога се работи за помало количество но самиот закон не одредува која е таа количина. Таа правна празнина противуставно ја пополнува ЈО што доведува до тоа да постојат значителен број граѓани кои се под обвинение за продажба за минорни количини од 6,8 или 10 грама а обвинението се темели единствено на количината. Нажалост отсуството на интегритет кај судиите и нивната сервилност кон ЈО доведе до тоа да овие обвиненија редовно поминуваат наместо да завршат во отпад каде што им е местото“ дополнува тој.
Митровски, легализацијата на канабисот очекува да предизвика една лепеза на ослободувања и намалување на дискриминацијата врз лицата кои го употребуваат на рекреативен начин канабисот. Не ги исклучува и можностите за економска придобивка од легализацијата на канабисот.
„Првенствено ќе престане стигматизацијата и криминализацијата на уживателите на канабисот. Секундарно, се очекува намалување на употребата на т.н. hard drugs, но за целосен ефект во тој правец нужна е и декриминализација на сите наркотици. Со самото намалување на употреба на тешките наркотици неизбежно ќе дојде до намалување на пропратните кривични дела-кражби, тешки кражби, разбојништва и сл. како и намалување на кривичните дела по член 215-продажба на наркотици со што ќе се олабави и пренатрупаниот затворски систем. Не се занемарување и економските придобивки доколку државата ја преземе улогата на надзор преку својот даночен систем. Една од главните заложби на БИЛКА е дозволена рекреативна употреба на канабис, а оданочените средства задолжително да се алоцираат за медицински третман со канабис на оние кои тоа не можат да си го дозволат“ заклучи Митровски.