Изгласана минималната плата со „нормиран учинок“

 

СКОПЈЕ, 18. 09. 2017 – Собранието со 70 гласови „за“ го изгласа законот за минимална плата , изгласани се измените на законот кој предвидува минимална плата од 12.000 денари, минимална гранична сума на месечна исплата.

Со преземањето на власта од страна на СДСМ, подигањето на минималната плата стана тема  на расправа во институциите и Собранието на Република Македонија. Претходно претставници на синдикати и работнички здруженија, но и политички партии коишто доаѓаат од левата идеолошка провиниенција ја актуелизираа оваа тема во јавноста, меѓутоа сега се најде пред првиот предизвик да се реализира таа идеја.

Припремите на измените на Законот за минимална плата внесоа доста контрадикции во текстот на законот кои во јули месец ги немаше. Формулацијата „Нормиран учинок“ претставува можност за манипулација која се вметна во измените на Законот за минимална плата сметаат претставниците на работниците на најзасегнатите гранки на индустријата.

Воведувањето на норма, не само што може да има негативни последици врз практиката на исплаќањето на минималната плата, туку истата е подложна на различни толкувања. Уште попроблематичен е делот којшто зборува за тоа дека работодавачот е оној кој го одредува нормираниот учинок врз база на критериуми на ефикасност на производниот процес.

Со оваа одредба не се согласуваат од Синдикатот на индустријата, енергетиката и рударството. Оттаму велат дека ова е можност за неисплаќање на минималната плата и дека бизнис интересите преовладале иако првата верзија не го предвидувала тоа.

„Затоа нашиот предлог е за елиминација на „нормираниот учинок“ од членот 2 од Законот за минимална плата, од една страна и засилен надзор над почитување на одредбите за евиденција и должина на работното време и прекувремената работа, паузите и одморите од друга страна. Синдикатот е на становиште дека минималната плата мора да постои како гарантирано најнизок износ кој работникот мора да го прими за работа со полно работно време. Ако минималната плата не биде законски гарантирано најнизок износ за полно работно време, тогаш нема смисла ни нејзиното постоење како категорија. Освен тоа, на работникот мора да му се овозможи и остварување на другите додатоци согласно закон и колективен договор: додаток за прекувремена, ноќна работа, за работа во празничен или ден на неделен одмор и сл.“ истакнуваат во писменото обраќање од СИЕР.

Доколку учинокот претставува нужно мерило коешто работникот треба да го оствари во продолжено работно време, тогаш тоа треба да му носи на работникот додаток на плата на друга основа. Имено, на основата прекувремена работа.

„Ако на ова прашање еднаш не се застане цврсто, тогаш проблемот само се продлабочува. А да не зборуваме за сите начини на заобиколување и директно кршење на законската регулатива, на штета на работникот и утврдените права од работен однос, кои се безмалку редовна пракса на работодавачите и кои ќе продолжат и понатаму неказнето да се применуваат“, додаваат од СИЕР.

Активистите за работнички права незадоволни од делот „нормиран учинок“

Кристина Ампева, активистка за работнички права и дел од „Гласен текстилец“, незадоволна од оваа одредба во законот смета дека истиот не оди во прилог на работничката мака. Според неа, работниците ќе бидат само тело за гласање, но и за богатење на бизнисмените коишто се дел од секоја влада, а работниците се само потрошна роба.

„Срамно и жално е законот за минимална плата во кој и покрај сите ветувања, стои нормираниот учинок! Срамно е работниците од текстилната, кожарската и чевларската индустрија да бидат само тело за гласање! Не е во ред да нема никој кој ги брани работниците, а во влада наместени бизнисмени! Не е во ред веќе да се помага на оние кои 25 години уживаат и богатат на грбот на македонскиот работник! Фондови за поддршка на газди кои работникот го сведоа на просјачки стап, му го прегазија достоинството! Срамно е да се кажуваат пред избори мерки кои пропаднаа во вода, а требаше да му го олеснат животот на работникот!“ укажува Ампева на својот фејсбук профил.

Дека минималната плата се зголемувала и во минатото, но ефектот бил ист, може да се повикуваме и на зголемувањата кои ги правеше и ВМРО-ДПМНЕ во минатото, истакнува на својот фејсбук профил Здравко Савески, долгогодишен активист за работнички права, а воедно и член на Президиумот на Левица. Според него, минималната плата постојано се злоупотребувала во пракса.

„На сите фанфари објави „новата“ влада дека ќе ја зголемела минималната плата. Ама, „во последен момент“ изврши упад во целиот концепт. Каков е тој „нормиран учинок“? Што е тоа? Отворена можност за газдите да можат и да не исплаќаат минимална плата, а сето тоа да е законски? Ако СДСМ бил на страната на работниците, па затоа сакал да ја зголеми минималната плата, што им требаше ова со нормираниот учинок?“, смета Савески.

Тој очекува од новото раководство на ССМ да застане цврство против ваквите „поткопувања“ на правото на минимална плата. Затоа што, како што додава Савески, ваквите одредби во законот претставуваат само една анти-работничка фарса против која треба да се преземаат сите мерки за промена на истата.

|2017-09-19T09:44:05+00:0019 септември 2017|Актуелно, Вести, Економија|