Иво Босилков: За богатата класа време е за страв

Единственото нешто од што треба да стравуваме е самиот страв, се славните зборови на Френклин Рузвелт. Речиси еден век подоцна, во времето на коронавирусот, важи сосема спротивното од оваа изрека. Денеска треба да се плашиме од тие на кои не им е страв.

Можеби некој ќе се изненади, но ова не се однесува на граѓаните кои не ги почитуваат препораките за социјално дистанцирање. Да бидеме искрени, едноставно нереални се очекувањата за војничка дисциплина од толкав број на цивили, целосно затекнати од оваа ситуација. Најпосле, со сета претпазливост, проценките на епидемиолозите се дека од КОВИД-19 вака или онака ќе биде заразен барем половина од човечкиот род. Неколку луѓе повеќе или помалку излезени на прошетка во парк нема да направат разлика.

Оние што ќе направат разлика се тие десет насто од земјината популација кои поседуваат 90 проценти од светското богатство. Во ликот на Камчевци, Мијалковци и други поситни крони капиталисти, таквиот сооднос важи и кај нас. Десетте насто се оние за кои треба да стравуваме дека не стравуваат од развојот на настаните. Всушност, од нив зависи дали стратегијата на социјално дистанцирање ќе вроди со плот, затоа што таа е само половина од работата. Нејзината цел е спречување на ширењето на заразата, но успехот во таа цел доаѓа по висока цена: нокаут за економијата, и со тоа добросостојбата на граѓаните.

Полека на сите ни станува јасно е дека ова е најголемата опасност која доаѓа од коронавирусот, а не болеста сама по себе. Во оптек е најлошото сценарио според кое финансискиот систем доживува колапс поради стопирањето на сите активности, при што сосема реална можност е без приходи да остане мнозинството од граѓаните. Не треба да имаш Нобелова награда за економија за да знаеш дека во ваква состојба почнува да владее законот на џунглата, институциите се распаѓаат и сите цивилизациски придобивки од колективниот начин на живот исчезнуваат.

Со тоа, во такво (не толку) хипотетичко апокалиптично сценарио исчезнува и статусот на десетте насто. Ако богатата елита се чувствува комотно во оваа ситуација и не чувствува страв од потенцијалниот општествен колапс, тогаш кога тој ќе се случи, ќе пропаднат заедно со нас останатите. Без 90-те проценти да ја одржуваат машината во погон преку нивниот труд и потрошувачка, парите кои богатите ги поседуваат би станале апсолутно безвредни.

И не само тоа. Било каков обид за избегнување на одговорноста кон своите сонародници и работници, и евентуално повлекување во удобноста на нивните вили, замоци и острови, ќе предизвика глобална експлозија на насилство какво што немало од Втората светска војна наваму. Народен гнев поради екстремната нееднаквост тлее одамна, со локални изблици во Франција, Грција, Босна, Чиле, Либан, Ирак. Во ваков кревок момент, ако олигарсите реагираат со нивната типична ароганција, тоа може буквално да ги чини глава. Насекаде. Луѓе кои немаат леб, немаат ниту милост.

Но, оваа привилегирана класа се уште може не само да се спаси, туку и да добие прошка за сите злодела направени низ децении на неолиберални политики и беспоштедна експлоатација за профит. Се што треба да направи е – да се откаже од најголемиот дел од сопственото богатство. Ако им даде зелено светло на нивните марионети – политичарите – за праведно оданочување и прераспределба на значаен дел од нивните залихи, тогаш ќе се создадат услови за универзален приход во секоја држава, со кој ќе се одржат куповната моќ на граѓаните и основните производствени механизми. Ова е единствената гаранција за социјален мир, а со тоа и нивната најосновна безбедност.

Ова е момент за конечно разобличување на митот дека “нема пари”. Пари апсолутно има, само што се наоѓаат во банки, офшор акаунти и луј витон ташни. Пред само две недели, Федералните резерви во САД вбризгаа еден и пол трилион долари во берзата, како стимул за слободниот пазар. Реалноста е дека оваа навидум огромна бројка е само трошка за глобалното богатство. Тоа што е потребно во овој момент е едноставно да се пресече по принцип “Медена земја”.

(ова е вистинското толкување на принципот, а не тоа на Венко Глигоров, кој пред некој ден предложи од административците да се префрла на бизнисите. Ова е префрлање од лев во десен џеб – локално, парцијално, некреативно, и на крајот на краиштата, неправедно решение)

Меѓутоа, за да се пресече на ваков начин, на богатите треба да им биде влезен стравот во коски. Не постојат илузии дека тие би се решиле на ваков радикален чекор од алтруизам. Да беше така, светот пред коронавирусот немаше да изгледа така како што изгледаше. Научните истражувања во психологијата покажуваат дека стравот кај луѓето предизвикува повеќе потрага по информации и калкулација. Во вакви случаи, тој може да доведе до рационален избор. Најпосле, олигарсите имаат многу повеќе да изгубат, буквално затоа што имаат повеќе. Италијанските бизнисмени од типот на Берлускони и Ањели веќе почнуваат да го согледуваат тоа, и деновиве донираа по десет милиони евра на здравствените институции.

Но ова не е доволно, како што итен универзален приход исто така е само почеток. Ваквата практика мора да продолжи и по пребродувањето на кризата. Тогаш, покрај целосната реконструкција на здравствените капацитети на глобално ниво, ќе биде потребна и масовна реориентација кон одржлив развој и отворање на зелени работни места и длабока реформа на глобалниот образовен систем кој континуирано создава себични, апатични и неодговорни личности, какви што гледаме низ парковите и по улиците деновиве кај нас, но и во Европа и во Америка. И најважно од се, потребна е силна контрола на слободниот пазар, кој неизбежно ја продлабочува секоја криза. Овој процес мора да почне веднаш, во секоја држава поединечно и паралелно со останатите.

Ова не е социјалистичката револуција за која сонуваат тврдокорните марксисти. Ова е само проширен и посуштински Маршалов план, после кој истите луѓе ќе останат најбогати, со таа разлика што ќе имаат помала дистанца од останатите. Затоа, ова е и последната шанса за помирување со олигархијата. Време е и таа да почне да стравува. Ако одбие да го стори тоа, на крај ќе се најде во ситуација во која ќе моли за социјализам. Меѓутоа ќе биде предоцна, затоа што веќе ќе владее варварство.

Автор: Иво Босилков

|2020-03-22T13:22:41+00:0022 март 2020|Актуелно, Економија, Став|