Иво Босилков: Во ерата на социјалните движења, партиите умираат

Концептот на “политичка партија” е анахронизам. Самата природа на институционално делување и патот до таму неизбежно ја разводнува и онака несоодветната идеолошка матрица на партиите за оваа ера, затоа што еднаш кога партиските апаратчици кога ќе се ухлебат во фотељите на понуда, без разлика на евентуалниот претходен идеализам брзо увидуваат дека се многу послични со нивните идеолошки противници во институциите, отколку со оние кои треба да ги претставуваат. Кога на партиите ќе им се одземе идеологијата, она што останува е бирократска хиерархија, кој служи за да се оправда професионалното занимање “политичар”, авторитет кој на (мнозинство) наивни следбеници реторички ќе им ја продава идеолошката илузија, а на (малцинство) помалку наивни, ќе им дава ситен дел од колачот, наговестувајќи можност за искачување во бирократската хиерархија. Порано партија била начин да се организираат политичките истомисленици во систем кој овозможувал судир на идеи. Денес кога системот е парализиран од комплексност, интереси и пари, партија е синоним за корупција и клиентелизам. Затоа и никаква партија, стара или нова, не може да ја промени состојбата кај нас.

Моделот на политичко организирање кое содејствува со реалноста и нуди можност за решавање на современите проблеми не е партија, туку движење. Разликата е повеќе од семантика. Целта на движењето не е да се бори со останатите партии за власт, туку да притиска за одредена кауза преку сите општествени канали, наместо само преку парализираните институции. Каузата на движењето влече од одредена идеологија, но не е сама по себе идеологија, туку фузија и артикулација на релативно мал број реални, специфични и прецизни барања на местото на апстрактни светогледи. Движењата немаат членови (и со тоа и структура и функции), туку учесници кои се постојано во непосреден контакт, и чие мислење вреди подеднакво, поради што природно се воспоставува практика на меѓусебно потпирање и почит. Движењето не зависи од државни или приватни спонзорства, туку од личното убедување на учесниците и нивната добра волја.

Најбитно од се, на движењето не му е потребен друг физички простор освен улицата за да се култивира неговиот идентитет и лојалност. Не му се потребни штабови, централни комитети, делегати, затоа што интернетот нуди сто пати побрзо, поевтино, поефикасно и најбитно од се, потранспарентно носење одлуки, во кое можат да учествуваат сите што сакаат да учествуваат во движењето. И ако учесниците во движењето се согласни со неговите генерални барања, тогаш на локално ниво имаат целосна автономија да делуваат како сакаат во склад со тие барања, со поддршка од сите други локални единици. Задачата на центарот на движењето е единствено да помага во меѓусебна координација и комуникација.

Движење значи постојан флукс, адаптација, интеракција, енергија. Движење значи раздвижување, промешување, борба. Движењата се иднината. Тие можат да го преобликуваат целокупниот нефункционален систем на парламентарна, репрезентативна демократија. Ова е конечната фаза на револуционерната промена која ја носат движењата. Првата фаза е кристализација на колективниот дух. Ние сме се уште таму, но наскоро ќе преминеме во втората – консолидација на колективната моќ.

#SoMoveMeBaby

Автор на текстот: Иво Босилков

|2020-02-06T11:02:08+00:006 февруари 2020|Актуелно, Став|