Инспекциски надзор во чевларската фабрика Баргала, кршењето на работнички права продолжува и во другите фабрики на Барзов во Штип

ШТИП, 04.12.2017 – Подрачната единица во Штип на државниот инспекторат за труд, минатата недела по иницијатива на Хелсиншкиот комитет изврши вонреден инспекциски надзор во Друштвото за производство на чевли Баргала АД Штип. Надлежниот инспектор констатира дека, работодавачот на своите вработени им нема исплатено регрес на годишен одмор за 2016 година, часовите за прекувремена работа ги наведувал и пресметувал под ставка награди и казни во пресметковниот лист, со што постапил спротивно на Законот за работни односи и утврдил недостатоци во областа на здравјето и безбедност при работа. Извори за Гласник твдрат дека, неправилности и кршење на работничките права има и во една од другите конфекции, кои се во склоп на фамилијарниот бизнис на сопственикот на „Баргала“.

По извршениот инспекциски надзор, инспекторот на труд, подрачна единица Штип донел решенија со кои го задолжил работодавачот да ги отстрани констатираните недостатоци и неправилности.

Меѓутоа, фамилијата Барзови, покрај фабриката за чевли Баргала, поседуваат уште две текстилни конфекции, „Мартина“ и „Катерина“, како и штедилницата „Алкоса“. Вработени во текстилната конфекција „Мартина“, за Гласник тврдат дека и таму на вработените постојано им се кршат работничките права.

„Од декември минатата година ништо не ни’ се плаќа. Работиме прекувремено, ни тоа не ни’ е платено. Додатоци на плата не се исплаќаат, а регресот за годишен одмор бевме принудени да го вратиме назад минатата година“, вели една од вработените текстилни работнички, чиешто име сакаше да остане анонимно.

Се обративме до Хелсиншкиот комитет во врска со тоа зошто само за една од фабриките на Барзови е покрената иницијатива за вонреден инспекциски надзор. Отаму велат дека, тие постапуваат по пријави од работници, или пак од случаи до кои доаѓаат преку системот за правна помош.

Констадин Барзов е првиот генерален директор на фабриката за чевли Баргала АД Штип. Тој патем во минатото беше вклучен и во политиката, односно на парламентарните избори во 1998 година беше кандидат за пратеник од СДСМ. Во 1999 година ја формираше штедилницата Алкоса, којашто и ден денес функционира како дел од неговиот фамилијарен бизнис. Во меѓувреме, во склоп на семејниот бизнис поседува уште две текстилни конфекции. Како извршен директор на фабриката за чевли Баргала, од 2012 се јавува неговиот син, Наум Барзов, којшто пак патем е претседател на регионалната канцеларија на Стопанска комора во Штип.

Редакцијата на Гласник од блиски извори во овие фабрики постојано добива дојави дека работничките права постојано се прекршувани. Вработените се плашат да зборуваат јавно, бидејќи како што велат, во таква ситуација следува отказ, а во Штип нема голема перспектива за наоѓање на работа. „Секаде е исто, во која и конфекција да одиш истиот третман следува“, велат тие.

Со прашањето, дали раководството постапи по решението на инспекторатот писмено се обративме до фабриката „Баргала“. Меѓудругото ги запрашавме, дали е се’ во ред со работата во другите нивни фабрики, но до објавувањето на оваа вест, оттаму одговор не добивме.

Во чевларската фабрика „Баргала“ се вработени околу 800 лица. Ваквата појава на кршење на работнички права не е новина за оваа фабрика. Во 2013 година работниците штрајкуваа поради доцнење на платите и нивното намалување, а на еден од тие штрајкови на еден од работниците му се слошило, по што тој го загуби животот.

Авторка: Сенада Ибраимова

|2020-05-22T14:10:50+00:004 декември 2017|Актуелно, Вести|