Иницијатива за Колективно дејствување за системска трансформација

СКОПЈЕ, 28. 1. 2020 – Во сабота, први февруари 2020 година, ќе се одржи форумот насловен „Коалиција за иднината: Колективно дејствување за системска трансформација“. Целта на овој настан е да создаде платформа за колективно учество, а со тоа и колективна визија за општеството.

„Коалиција за иднината“ е идејата на поголема група ентузијасти коишто се залагаат за трансформации на постојното општество. Протагонистите како клучни елементи ги земаат климатските, еколошките и социо-економските фактори како мотив за здружување и создавање една поголема коалиција.

„Ургентноста на климатскиот, еколошкиот и социо-економскиот колапс бара моќно, меѓусекторско здружување и усогласување на нашите идеолошки и секојдневни акции и практики, колективитет вкоренет во грижа за заедницата и природата и врз база на тоа, заедничко планирање, организирање и градење локални и регионални решенија за подобрување на животите на нашите семејства и заедници, транснационална солидарност и стремеж кон пост-екстрактивна, праведна иднина. Дискусиите кои ги започнавме минатата година за национален и регионален Green Deal ги покриваат повеќето од овие теми, така што би ги земале истите како основа на која заеднички би го граделе делувањето на „Коалицијата за Иднината“ сметаат од иницијативата Young Friends of the Earth Macedonia.

Платформата за колективната визија има за цел создавање колективна и индивидуална меѓусекторска коалиција.

„Целта на овој настан е да отвори платформа за градење колективна визија за иднината која ја сакаме за себе и за идните генерации (во државата и регионот) и креирање широка меѓусекторска „Коалиција за иднината“ од групи и индивидуи кои заеднички ќе создадат и имплементираат чекори, кои ќе се стремат кон постигнување на таа иднина“ пренесуваат на поканата на Facebook.

Можноста за пријавување и учество на овој форум е преку пријавување на овој линк до 30 јануари 2020 година.

Настанот ќе се одржи во сабота во 10.00 часот во Europe House во Скопје.

|2020-01-29T13:52:25+00:0028 јануари 2020|Актуелно, Вести|