Еурокомпозит од утре повторно на протести владата не им ги исполни ветувањата од јули, а ги остави и без струја

ПРИЛЕП, 10.09.2018 – Наместо да ги исполни ветувањата што ги даде уште пред седум месеци и да ја решат еднаш засекогаш ситуацијата, Владата на Република Македонија повторно ги прелажа работниците од прилепската фабрика Еурокомпозит, и згора на тоа ги остави без струја, што значи ги остави и без работа.

Струјата им е исклучена поради долг од 6 милиони денари. Работниците без работа останаа во своите домови. Тие последен пат протестираа во јули, но и во претходните месеци протестираа во повеќе наврати поради фрапантни неисплатени 16 плати и  неисплатени придонеси од 2012 година. Претставници од владата, најчесто Аѓушев и Заев, секогаш им ветуваа темелно решавање на проблемите, и со тоа најчесто следеше прекин на протестот пред влада. Но, со новата состојба, очигледно е дека ситуацијата не само што не е решена, туку и е влошена.  Тоа е доволна причина работниците повторно да се најдат на протест пред владата.

„Од завчера попладнето останавме и без струја за огромен заостанат долг што го направило претходното раководство. Работниците се дома, немаме работа и еве приморани сме од вторник да одиме пред владата, повторно да протестираме надевајќи се дека некој ќе има слух за нашите проблеми. Досега, по претходниот прес од понеделникот никој не прашал ниту се јавил од надлежните. Овој пат не станува збор за плата, таа обично ја добиваме околу 15-ти во месецот, но не се решава ништо суштинско. Овој пат бараме: решавање на проблемот со технолошкиот вишок, на заостанатите плати и придонесите. Најболни се неплатените придонеси за шест ипол години. Оние што заминале во пензија поради тоа земаат за три до 4.000 денари помали пензии. Немаме ниту здравствено осигурување и ова се доволни причини да одиме во Скопје и да протестираме“, потенцираше претседателот на синдикатот Роберт Богданоски.

Тие својот протест со шатори пред зградата на владата во Скопје ќе го започнат утре.

Еурокомпозит е основана во 1952 година и брои 308 вработени лица. Нивното производство претежно се состои од цевки и цилиндри, кои се користат како електро изолациони материјали и воена и полициска опрема.

И додека целиот фокус е насочен кон референдумот за договорот со Грција, работниците од Еурокомпозит се оставени на милост и немилост од секоја владејачка гарнитура, вклучувајќи ја и сегашната, којашто секојдневно го пополнува медиумскиот простор со „европски вредности и владеење на правото“. Масовното ограбување од страна на политичките и економските елити, многу добро може да се препознае токму преку оваа државна фирма. Ниту еден референдум ни ново или старо име нема да го смени тоа. Но во целата одисеја, на работниците од Еурокомпозит од вторник па натаму им е потребна голема солидарност.

|2018-09-10T08:45:01+00:008 септември 2018|Актуелно, Вести, Економија|