(Видео) Филип Достовски: „Не прифаќам условна, не сакам да бидам осуден како криминалец, зашто ништо лошо немам направено“

СКОПЈЕ, 02.07.2018 – Денес пред Основен суд Скопје 1 се одржа мирен протест во знак на поддршка на Филип Достовски, основачот на движењето Зелена Алтернатива и едукатор за лекување со масло од канабис.

Пред почетокот на рочиштето пред кривичниот суд, Достовски за медиумите рече дека не очекува фер судење, затоа што ни досегашната постапка не била фер.

Зелена Алтернатива е со став дека нема ниту подобар ниту посoодветен момент да се застане пред институциите и да се побара декриминализација и легализација на растението за кое науката вели дека може само да помогне, но никако да наштети.

„Канабисот е лековито растение, кое на илјадници граѓани во Македонија им го продолжува животот, но и на стотици им го загрозува поради строгите и неоправдани законски регулативи. Законот не прави дистинкција помеѓу дилер и пациент, законот вели дека секој граѓанин во РМ кој избрал да се лечи со канабис е криминалец и е во опасност да биде кривично гонет. Нема никаква логика, ниту пак оправдување да се суди некој кој одбрал да се лечи со канабис, свесно кршејќи го законот, за сметка на својот живот. Нема логика да се полнат затворите со пациенти, кои немаат право на избор и немаат легален пристап до својот лек“, стои во апелот за поддршка за денешниот протест.

Достовски беше уапсен пред две години во неговиот дом. Полицијата кај него нашла див коноп кој расте во Кочани, а за кој Филип вели дека е многу добар против епилепсија. Кај неговиот другар е пронајден ТХЦ канабис, а двата канабиса биле дадени од пациенти за да се изработи масло за лечење. „Едни од пациентите се и припадници на МВР“, рече Филип.

„Уапсен сум пред две години ова време, од прилика, 28 јули 2016. Ми влегоа дома девет ентеше полицајци. Ми најдоа што ми најдоа, канабис, ама работата е тоа што ние како здружение претходно четири години тоа јавно го правевме. Никогаш пред тоа не сме имале проблеми со полиција, ништо не сме криеле, свесни сме дека некои од работите што ги правиме се нелегални, ама едноставно мора да се случат, тоа е практикување граѓанска непослушност. Ништо не сме работеле скришно, се’ било отворено. Но, таа дата ми влезе полиција дома со тоа што ова мора да го кажам, и полицајците вечерта ми кажаа дека за мене немало истрага, дека се пратени по налог, тоа мислам дека е од една фармацевстка компанија, зашто имав и телефонски повик една недела пред тоа, кадешто имав закана“, рече денес за медиумите Филип, основачот на Зелена Алтернатива и активист за легализација на марихуаната.

Случаите на двајцата другари во суд се воделе одвоено, при што другиот осомничен попуштил на притисоците и прифатил условна казна.

Филип категорично тврди дека не потклекнува на притисоците од надлежните бидејќи како што вели, „не сакам да бидам осуден како криминалец, зашто ништо лошо немам направено“.

За декриминализација на билката канабис се борат повеќе организации, граѓани, како и политичката партија Левица.

Членови на Левица денес излегоа на протестот за да ја укажат поддршката од Партијата во оваа борба, бидејќи ова е и дел од нивната програма.

„Левица се залага за декриминализација и укинување на глобите за користење на марихуаната за лична употреба на полнолетни лица“, пишува во поддршката за денешниот протест на профилот на фејсбук на оваа партија.

Претходната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ донесе закон за легализација на употреба на масло од канабис за медицински цели. Маслото се продава во аптеките по доста високи цени, што го прави недостапно за сиромашниот слој болни луѓе. Оттука, овој лек, којшто се наоѓа во природата и може лесно да се одгледува, е комерцијализиран, а луѓето коишто не можат да го платат во аптека и го одгледуваат дома, се сметани за криминалци.

ВО ЖИВО: Протест пред Кривичен суд за слобода на Филип Достовски и употреба на марихуаната во медицински цели

ВО ЖИВО: Протест пред Кривичен суд за слобода на Филип Достовски и употреба на марихуаната во медицински цели

Posted by A1on.mk on Monday, July 2, 2018

|2020-05-21T08:29:25+00:002 јули 2018|Актуелно, Вести|