Дел од вработените во „Фени индустри“ протестираа пред седиштата на банките во Кавадарци

КАВАДАРЦИ, 08. 11. 2017 – Утринава влезовите на Стопанска Банка, Комерцијална и Силк Банка во Кавадарци, беа блокирани од работниците на „Фени индустри“, кои протестираа со цел компанијата да не оди во стечај.

Работниците на „Фени индустри“ од Кавадарци денес протестираа пред филијалите на банките на Стопанска Банка, Комерцијална Банка и Силк Банка во Кавадарци. Компанијата има долг кон банките од 40 милиони евра, поради ова, тие пред неколку недели предложија стечај. Фабриката, освен долгот кон банките, има уште 20 милиони евра долг кон други доверители.

Редакцијата на Гласник се обрати до претседателот на синдикатот на „Фени индустри“, Ѓоре Палитов, кој во тој момент беше на пат и кратко пренесе дека, едно од главните барања на работниците е фабриката да не оди под стечај, односно банките да го повлечат предлогот за стечај, а исто така и платите да се исплаќаат во целост, како и до нејзината продажба, сите работници да имаат статус на вработени во фабриката.

Од друга страна, други работници коишто не излегле на протест, го обвинуваат претседателот на синдикатот дека е соработник на раководството коешто притиска да се продаде фабриката на бугарската компанија „Енекорд“. Пред неколку недели имаше и прес конференција на која се објави продажбата на „Фени индустри“, под посредство на вицепремиерот Кочо Анѓушев.

Палитов најави дека. утре ќе продолжи протестот со блокирање на автопатот кај Гратско, Прилеп.

Работниците на „Фени индустри“, веќе четврт месец се оставени на цедило. Најавената продажба на фабриката неодамна, сепак не значеше подобрување на позицијата на работниците во фабриката. Работничките права кои се во постојано минимизирање и недостоинствените плати кои би ги добивале работниците во оваа тешка индустрија, се еден од пакетот на мерки за кои треба да преговараат сегашните раководители и синдикални лидери. Во спротивно, работниците ќе испаднат само топовско месо на различните интереси на регионалните компании, чија цел пред се’ е профитот.

|2017-11-08T17:38:34+00:008 ноември 2017|Актуелно, Вести|