Човекот заробеник на сопственото отуѓување

Отуѓен, отуѓувано, отуѓеност – зборови кои често се употребуваат но ретко кој застанал да размисли околу нивното значење. Во една книга се вели дека отуѓувањето претставува грев, грев којшто човекот си го прави себеси со тоа што се оддалечува од себеси, се одрекува од богот во себе, се откажува. Отуѓувањето претставува пасивно спознавање на светот околу себе, станување туѓинец, туѓ на светот.

Хегел е тој што го дава поимот на отуѓување, за него човечката историја е истовремено и историја на отуѓувањето на човекот.

Со отуѓувањето се поврзува и идолопоклонството, кое луѓето често го практикуваат, а кое всушност значи да бидеш роб на она што самиот си го создал, на предметите кои луѓето ги создале со свои раце. Луѓето се молат на тие предмети, наместо тие да им служат нив, тие се доведуваат во ситуација да им служат на истите, ги величат и стануваат зависни од нив, како тие да ги создале нив, а не обратно.

Јазикот, како средство за комуникиација игра значајна улога во отуѓувањето. Зборовите се употребуваат за да се искаже мислата, за да се изговори чувството. Кога една мисла или чувство се изразуваат тие стануваат реалност. Често пати при комуникација се употребуваат зборови кои тој што ги употребува не ги разбира или пак само ги изговара без да ја долови и суштината на истите, без да го мисли или чувствува тоа што го зборува.  Колку повеќе бегаме од суштината на зборовите кои ги одразуваат нашите чувства и мисли толку повеќе се отуѓуваме.

За отуѓувањето има зборувано и Карл Маркс, поточно за отуѓувањето на трудот и предметите кои произлегуваат од истиот.

Според Карл Маркс, процесот на отуѓување се изразува во работата и поделбата на работата. Според Маркс, трудот е активен однос на човекот кон природата, создавање на нов свет и создавање на самиот човек. Но, со развитокот на приватната сопственост се губи карактерот на човечката сила. Работата е отуѓена затоа што престанала да биде дел од човекот, а со тоа и предметот произведен од работата е туѓ на неговиот создавач. Во капиталистичкиот систем работникот е најмногу отуѓен од неговата работа и неговиот труд бидејќи не го работи тоа што сака, туку тоа што мора, поради социо-економскиот систем, за да може да преживее. Работникот веќе не е среќен додека произведува, бидејќи веќе не го произведува тоа што го посакува, тоа што го исполнува, туку едноставно произведува за да може да опстане во живот. Тој во својот производ не развива слободна психичка и душевна енергија, тој веќе се измачува. Тој произведува нешто што не сака, произведува нешто со чие што производство можеби и не се согласува, тој со производството се негира себеси. Капитализмот го доведува човекот-работникот до тоа ниво, што кога ќе го земе во раце неговиот производ тој се понижува, се негира и отуѓува од себеси, но поради капиталистичкиот систем, тој продолжува да го произведува истото бидејќи ако не учествува во производниот систем нема да може да се прехрани и преживее. Додека пак производот на неговата работа му станува туѓ и надмоќен предмет. Битно е да се напомене дека Маркс не зборува само за економското отуѓување на работникот, туку и за неговата отуѓеност како индивидуа поради тоа што произведува нему туѓи предмети.  Според Маркс отуѓувањето постои во целата историја но најголема е во капитализмот, поради тоа што во процесот на производство човекот станува зависен од машините кои ги произведува. Исто така Маркс смета дека отуѓувањето во индустриското општество е поголемо отколку во времето кога рачно се произведувало. Кога работникот произведува рачно, тој користи алат кој што му служи него, додека пак во индустриското општество, работникот му служи на машината, а машината произведува. Поради тоа што најбитниот елемент во производството во индустриското општество е машината, според горенаведеното се разбира дека работникот е поотуѓен бидејќи не е директно вклучен во процесот на производство.

Маркс на отуѓувањето гледа како процес на отуѓување не само од предметот туку и на човекот од самиот себе. Со тоа што човекот стои против себе и другите стојат спроти него, а со тоа човекот се отуѓува од својот, од човечкиот род. Според Имануел Кант, човекот мора да биде цел за себе, а никогаш не смее да биде средство. Отуѓувањето води кон изопачување на вредностите. Човекот вредностите ги изопачува со тоа што небитните работи ги претвора во животна цел, додека пак битните ги исфрла како нему непотребни.

Капитализмот е таков  зол систем што постојано создава нови потреби кои што реално не се човечви потреби сакајќи другиот да го направи жртва и зависен од истите.

Маркс тврдел дека најотуѓена класа е работничката класа, но денес отуѓено е цело човештво. Денес, менаџерите во нивните најчесто измислени функции се далеку поотуѓени од службениците, тие се отуѓени од себе и приморани да ја продаваат и својата личност, својата насмевка, своето мислење. Овие луѓе не ги вработуваа поради нивните умствени квалитетит, туку поради нивната атрективност и манипулирање кое тие го прават со нивниот однос. Овде сакам да ги спомнам угостителските работници, од кои се очекува постојано да бидат љубезни и насмеани додека некој ја омаловажува нивната личност. Тие приморани се нивната насмевка и личност да ги продадат, а со тоа се отуѓуваат од себеси, прво, поради тоа што тоа го прават лажно, а второ, тоа претставува задоволување на вештачките потреби на „нивните“ гости.

Кога Маркс пишувал за отуѓување не можел да претпостави до која мера предметите и приликите кои луѓето самите ги создале можат да станат нивни господари, а тие пак, нивни робови. Денес, целото човештво е заробеник на нуклераното оружје, што само го создало, денес, луѓето се зависни од политичките институции кои самите ги создале. Човештвото денес заплашено очекува да се спаси од постапките на бирократијата која само ја именувало. Спојот на капитализмот и парламентарната демократија, формално, „законски“, нудат можност за почитување на принципот на слободна волја, но суштински капитализмот е секаде во криза, сиромаштијата во пораст и од таму преовладува стравот и опортунизмот кои доведуваат до политичко отуѓување.

Човештвото денес се наоѓа во бездна која самата го создала за задоволување на лажните потреби и непочитување на реалните.

Џејлан Велиу

|2021-02-21T14:01:29+00:0021 февруари 2021|Актуелно, Став|