Четиридневна работна недела е реалистична цел во овој век, велат синдикатите

Лидерот на ТУЦ (Trade Union Congress) им порачува на компаниите да ги „споделат придобивките“ на технологијата, односно да ги намалат работните часови и да го редуцираат стресот на работното место.

Споредот лидерот на британското движење на синдикатите, напредокот во технологијата значи дека работна недела која се состои од четири дена е сосема реална цел која може да се постигне во овој век, барем за повеќето луѓе.

Френсис О’Грејди, генералната секретарка на Конгресот на синдикатите (ТУЦ), го искористи говорот кој го одржа на 150-тата годишница на организацијата за да истакне дека напреднувањето на технологијата и комуникациите треба да го намали времето кое е потребно за да ги извршуваме должностите на работното место.

„Во 19-тиот век синдикатите се бореа за 8-часовен работен ден. Во 20-от век, се здобивме со правото на слободен викенд и платени празници.

Следствено во 21-от век, малку да ги зголемиме амбициите. Верувам дека во овој век ние можеме да постигнеме 40-часовна работна недела и да не им дозволиме на оние на врвот да ја приграбат само за себеси“, изјави О’Грејди за време на нејзиниот говор во Манчестер во понеделникот.

Еден извештај на организацијата вели дека според економистите досега требаше работниците да имаат 15-часовна работна недела, а анкетите покажуваат дека повеќето луѓе би сакале четиридневна работна недела.

„Она што го гледаме е дека новата технологија ја интензивира работната недела. За некои, економијата на дигитални услуги значеше и збивање на должностите во помала временска рамка. Ова е навраќање на времињата на квоти и создава култура во која работниците мора да бидат постојано достапни за работа“, пишува во извештајот.

Според извештајот, повеќе од 1,4 милиони луѓе работат 7 дена во неделата, додека 3,3 милиони работат повеќе од 45 часа неделно.

Анкетите на ТУЦ исто така покажуваат дека стресот и долгото работно време се едни од најголемите проблеми на работниците, веднаш после платата. Синдикатите велат дека компаниите како Амазон се уште еден дел од проблемот, бидејќи таму работниците во складиштата се наводно „третирани како роботи“ и константно имаат потреба од брза помош поради здравствените компликации кои им се случуваат на работа.

„Џеф Безос е сопственик на Амазон, која сега е компанија што вреди трилиони долари. На него му се трупаат милијарди додека неговите работници се онесвестуваат од изнемоштеност на работното место. Ни требаат силни синдикати кои ќе го имаат правото да влезат на секое работно место, почнувајќи со складиштата на Амазон во Велика Британија“, им истакна О’Грејди на делегатите.

О’Грејди исто така го обвини и поранешниот секретар Борис Џонсон за расизмот кон работниците имигранти, особено по неговите неодамнешни контроверзни коментари за прашањето на носењето бурка. Таа беше наградена со гласен аплауз од делегатите кога изјави дека „жената која носи хиџаб или бурка е се’ уште наша сестра.

„Го браниме правото на муслиманските жени да се облекуваат како сакаат“, вели таа.

Таа ја спомна и премиерката Тереза Меј и ја повика да се повлече ако не може да издејствува договор за Брегзит кој ќе ги заштити правата и работните позиции на работниците и ако не може да ги финансира соодветно јавните услуги.

„Ако не ни го дадете тоа што работниците го бараат, Г-ѓа Меј, повлечете се и понесете си ја некомпетентната влада со вас. Дајте ни парламентарни избори и ќе направиме се’ што е во наша моќ да избереме премиер кој ќе ни го даде тоа што го бараме“, порача таа.

 

|2018-09-13T15:58:05+00:0013 септември 2018|Актуелно, Вести, Свет|