Чешма

чешма – и. ж. р. – целата направа од којашто тече вода (алб. çesme), (тур. çeşme) (потеклото на зборот е од турскиот јазик)

Чешма

На сонце е припек! Горештина на сите страни, секаде асфалт, секаде бетон и стакло, околу нас ниту едно дрво, а ние се движиме од едно до друго место со помош на нашите нозе, велосипеди, тротинети, електрични тротинети, автобус, такси возило или со нашиот автомобил. Оваа слика не е некоја што треба голема и бујна фантазија за да се види во нашите мисли бидејќи оваа ја доживуваме секој ден во топлите месеци во Скопје, а точно е дека топлите месеци, како што впрочем веруваат и постарите се месеците кои не ја содржат буквата р во нивното име, стануваат се потопли. Но, повеќе како да не постои, односно како да го снема од нашиот говор прашањето „Каде има чешма?“ за да некој се освежи.
Во богатото македонско културно наследство во многу сказни, приказни, песни и стихотворби се воздигнува значењето на чешмата. Чешмата пак, е опеана затоа што таа е некаква форма на заедничкото живеење меѓу луѓето. Во подалечното минато домовите ретко имале чешми, и иако дворовите имале бунар, водата за пиење претежно се земала од чешмата што била за сите.
Чешмата е најверојатно една од првите форми на јавно добро. Така е затоа што чешмата нужно му е потребна секому, секој има потреба од вода за пиење. Второ, секој мора да се грижи за чешмата, односно секој без разлика на степенот на својата разумност знаел дека чешмата не смее да се уништува и не смее да се загадува затоа што многу брзо ќе се оневозможат бенефициите кои што ги дава истата. Понатаму чешмата има и културна димензија. Одењето на чешма е слично на одењето на средселото, на плоштадот, на улица, на гости кај некој пријател. Во некои рурални средини дури и по воведувањето на водоводот, сепак останала уште некое време навиката да се оди на чешма.
Сега македонските градови и села генерално имаат водоводот, а само делумно имаат канализација. Но, како и да е, чешмите се изгубија од видот. Денеска често од постарите може да се слушнат називи за некои места, кои ние помладите ги именуваме сосема различно, но тие сеуште ги нарекуваат Бегова чешма, Три чешми, Црвена чешма, Горна чешма, Женска чешма, Шарена чешма итн… Но, чешма нема ни на повидок. Тогаш, зошто нема чешми во местата каде што живееме, било тоа Скопје, град или село?
Несомнено водоснабдувањето во домаќинствата довело до намалување на потребата од чешми, но најверојатно тоа не е единствениот одговор.
Ние колку и да можеме да имаме вода дома, водата не можеме да ја носиме секаде со нас. Одејќи кон факултет, кон болница, кон театар, кон фабрика или каде и да е, ние неминовно сме се соочиле со жедта. Многумина од нас ја решиле со купување вода од продавница. Тоа е парадокс. Најосновната потреба за човекот да биде најгрубо наплатена – водата, и тоа во место каде што има историја – приказна за чешмите…
Друга важна работа за чешмите е прашањето „Што има денес таму каде што имало чешма?“ На многу места каде што порано имало чешма денес на жалост нема ништо, тоа е руиниран празен простор ослободен од можноста околу него да се соберат луѓе. На некои места нема ни трага дека таму имало чешма. Можеби денес таму стои контејнер за ѓубре, а можеби и легализирана повеќекатница, но чешма нема.
Во историјата на човештвото парадоксално водата од секогаш бил најгорливиот проблем. Нема учен човек кој што не кажал барем еден збор за важноста на водата за нас луѓето и за тоа како водата не’ одржува во живот. Уште првите цивилизации се развиле на оние места каде што имало многу вода, но успеале да опстојат оние цивилизации кои успеале водата да ја скротат, односно да ја задржат.
Може да се заклучи дека водата е нужност за човекот, а контролата и протокот на водата за потребите на човекот е цивилизациска придобивка. Зошто чешмата ќе ни помогне да ја развиеме нашата свест за водата и како?
Човечката потреба за вода се јавува моментно и непредвидливо, односно не знаеме кога и каде ќе ни се припие вода, но уште поважно не сме секогаш сигурни кој ќе ни даде вода за да ја угасиме нашата жед. Некогаш немаме пари во нас за да купиме вода, па мора да побараме од некој да не услужи со чаша вода. Некогаш нема можност ниту да се купи вода, па треба да прашаме кон каде да се упатиме за брзо да стигнале до вода. Затоа е важно чешма да има секаде.
Важно е чешма да има секаде затоа што така ние ќе го мериме нашиот од – од една до друга чешма, така ќе можеме полесно да го мериме времето во лето, така ќе знаеме дека една од најнужните човечки потреби е задоволена за сите подеднакво и рамноправно. Ќе почнеме да учиме колку е важно да се чува и внимава на чешмата, а со тоа и на водата, ќе учиме дека од чешмата вода пијат и богатите и сиромасите и просјаците, ќе научиме дека за жедниот водата е најважна, а за другиот обврската да каже каде има чешма.
Чешмата неминовно ќе развие нови форми на заедништво. Околу чешмата ќе застануваат да пијат вода само патници, луѓе кои поминуваат покрај неа и се жедни за вода и тие нема да се познаваат. Околу чешмата ќе се собираат млади кои ќе се разладуваат и тие ќе почнат да се познаваат. Но, уште поважно, при ваква глетка на чешмата ќе се соберат мештаните кога ќе видат дека од чешмата не тече вода. Решавањето на проблемот со чешмата ќе доведе и до решавање на други проблеми. Луѓето кои живеат на одредено место (некоја зграда, маало, населба, уличка или сокак) имаат заеднички проблеми, а чешмата неминовно ќе ги сопре еден покрај друг, па така ќе почне да се развива свеста за заедничкото добро.
Колку повеќе чешми низ градот – толку поголема грижа за водата.

Автор: Никола Шиндре

|2020-01-23T08:56:51+00:0022 јануари 2020|Актуелно, Став|