Бахамите и Бермуда – меѓу најголемите странски инвеститори во Македонија

Додека се чека Народна банка да објави нови податоци за тоа од каде потекнуваат странските инвестиции во Македонија, добро е да потсетиме дека според најновите достапни податоци (за јануари-септември 2019) на врвот од листата се егзотичните Бахами, а на третото место не помалку егзотичната Бермуда. И двете локации се добро познати даночни раеви т.е. пералници на пари.

Од Бахамите и Бермуда во Македонија дошле странски инвестиции во износ од 75 милиони евра. Тоа значи дека од вкупно пријавените 326 милиони евра странски инвестиции, само од овие две малечки островски земји потекнува речиси четвртина од вкупните странски инвестиции.

При хвалоспевањето на странските инвестиции во Македонија од страна на естаблишментот (капиталистички комори, капиталистички партии и капиталистички медиуми), недостигаат информации околу тоа во што била инвестирана оваа четвртина од странските инвестиции. Останува непознатица и зошто Заев (и претходно Груевски) не сечеше ленти при отворањето на овие инвестиции? Ако воопшто и нешто материјално произлегло од овие „инвестиции“?

Да бидат работите уште полоши, темата околу која естаблишментот милува да молчи при своето гракање околу странските инвестиции е извлекувањето пари од земјата од страна на странските инвеститори.

Од јануари до септември 2019 година од Македонија биле извлечени дури 179 милиони евра во Британија. Оваа сума е повеќе од половина од сумата на пари што се слеале во Македонија како странски инвестиции.

Две причини посочуваат дека нешто тука е матно. Прво, во 2018 година од Британија во Македонија дошле 113 милиони евра, а веќе следната година се одлеале 179 милиони евра. Во што се инвестирале и деинвестирале тие пари за само една година? Второ, оваа сума на одлеани пари од Македонија кон Британија се прикажани како „должнички инструменти“. Должничките инструменти ги опфаќаат средствата и обврските од и кон поврзаните претпријатија во странство врз основа на заеми на меѓусебно поврзани субјекти, трговски кредити и аванси на меѓусебно поврзани субјекти и средства и обврски врз основа на останати должнички инструменти на меѓусебно поврзани субјекти. Често, овие должнички инструменти се начинот како капиталистите ги повлекуваат парите од земјите во кои „инвестирале“. При тоа, треба да се има предвид дека токму во Британија се наоѓа лондонското Сити, светскиот центар за малверзации со неоданочени пари и пари со сомнително потекло.

Во иста насока, доста сомнително е и што шестата по ред локација каде што се излеале пари од Македонија (во износ од 5,6 милиони евра) се Британските Девствени Острови, уште една светски позната локација за перење пари.

Кога капиталистичките политичари и медиуми дробат околу странските инвестиции најчесто воопшто не кажуваат за ваквите приливи и одливи на „инвестиции“. Зашто ваквите податоци малку отповеќе ја нарушуваат идиличната слика за странските инвестиции.

Здравко Савески

|2021-02-19T10:04:55+00:0019 февруари 2021|Актуелно, Вести, Економија, Став|