(Александар Беркман) Почетокот на Кронштатскиот бунт од 1921 година

Пред 100 години, на 28 февруари 1921 година во Кронштат, поморска база во близината на Петроград, избил бунт на морнарите и работниците против власта на болшевиците во Русија. Иако барањата на кронштатските морнари и работници биле за власт на советите, болшевиците насилно го задушиле бунтот при што во борбите загинале околу 1.000 востаници, а подоцна биле егзекутирани од 1 до 2 илјади востаници. По повод 100-годишнината од почетокот на Кронштатскиот бунт редакцијата на „Гласник“ пренесува извадок од книгата на Александар Беркман посветена на овој бунт.

  1. Работничките немири во Петроград

Беше тоа на почетокот на 1921. Долгите години војна, револуција и граѓанска војна ја искрвавија Русија до исцрпеност и го доведоа нејзиниот народ до работ на очајот. Но граѓанската војна конечно заврши: бројните фронтови беа отстранети и Врангел – последната надеж на интервенцијата на Антантата и на руската контрареволуција – беше победен, а неговите воени активности во Русија прекинаа. Сега народот со доверба гледаше кон иднината, надевајќи се на ублажување на суровиот болшевички режим. Се очекуваше дека со крајот на граѓанската војна комунистите ќе ги олеснат оптоварувањата, ќе ги укинат ограничувањата од воените времиња, ќе воведат некои темелни слободи и ќе започнат со организирањето на едно понормално живеење. Иако далеку од тоа дека беше популарна, болшевичката влада ја имаше поддршката на работниците за својот често објавуван план за преземање на економска обнова на земјата веднаш штом ќе престанат воените дејствија. Народот сакаше да соработува, да ја вклучи својата иницијатива и креативни напори во изградбата на опустошената земја.

За жал, овие очекувања беа осудени да разочараат. Комунистичката држава не покажа намера да го олабави јаремот. Се продолжи со истите политики, милитаризацијата на трудот уште повеќе го пороби народот, огорчувајќи го со понатамошното угнетување и тиранизирање и, како последица, парализирајќи ја секоја можност за оживување на индустријата. Последната надеж на пролетаријатот исчезнуваше: растеше убеденоста дека Комунистичката партија повеќе ја интересира задржувањето на политичката власт отколку спасувањето на револуцијата.

Најреволуционерните елементи на Русија, работниците од Петроград, беа првите што проговорија. Тие обвинуваа дека, настрана од останатите причини, болшевичката централизација, бирократија и автократско однесување кон селаните и работниците се непосредно одговорни за голем дел од бедата и страдањето на народот. Многу фабрики и заводи во Петроград беа затворени, а работниците буквално гладуваа. Тие свикаа состаноци за да ја разгледаат ситуацијата. Состаноците беа растурени од страна на владата. Петроградскиот пролетаријат, кој го носеше бремето на револуционерните борби и чија голема пожртвуваност и хероизам пред сè го спасија градот од Јуденич, негодуваше поради владината акција. Емоциите против методите што ги користеа болшевиците продолжија да се шират. Се закажуваа сè повеќе состаноци, со ист резултат. Комунистите не сакаа да им направат никакви отстапки на работниците, истовремено нудејќи компромис со европските и американските капиталисти. Работниците беа разочарани и се бунтуваа. За да ја принудат владата да ги земе предвид нивните барања, беа прогласени штрајкови во фабриките за муниција „Патронис“, во заводите „Трубочни“ и „Балтиски“ и во фабриката „Лаферм“. Наместо да разговара за прашањата со незадоволните работници, „Работничката и селанска влада“ создаде војновременски Комитет оборони (Комитет за одбрана) со Зиновјев, најомразениот човек во Петроград, како претседавач. Отворена цел на овој комитет беше да го задуши штрајкувачкото движење.

Штрајковите беа објавени за 24 февруари. Истиот ден болшевиците ги испратија курсантите, комунистичките студенти на Воената академија (обучувачки офицери за војската и морнарицата), да ги растурат работниците што се собраа во Василевскиот остров, работничка четврт во Петроград. Следниот ден, на 25-ти, индигнираните штрајкувачи од Василевскиот остров ги посетија работилниците на адмиралитетот и доковите Галернаја и ги поттикнаа тамошните работници да му се придружат на нивниот протест против автократското однесување на владата. Обидот за улични демонстрации го растурија вооружени војници.

На 26 февруари заседаваше Петроградскиот совет при што истакнатиот комунист [Михаил] Лашевич, член на Комитетот за одбрана и на Револуционерниот воен совет на Републиката, го осуди штрајкувачкото движење со најостри зборови. Тој ги обвини работниците од заводот „Трубочни“ дека се „себични дерикожи на трудот (шкурники) и контрареволуционери“ и предложи да се затвори заводот „Трубочни“. Извршниот комитет на Петроградскиот совет (со претседавач Зиновјев) го усвои предлогот. Штрајкувачите од „Трубочни“ беа истерани на улица и автоматски беа лишени од своите следувања.

Овие методи на болшевичката влада послужија работниците уште повеќе да станат огорчени и непријателски настроени.

Сега по улиците на Петроград почнаа да се појавуваат прогласи на штрајкувачите. Некои од нив добија јасен политички карактер, а на најзначајниот од нив, залепен на ѕидовите по градот, пишуваше:

„Потребна е целосна промена во политиката на владата. Пред сè, на работниците и селаните им е потребна слобода. Тие не сакаат да живеат според декретите на болшевиците; тие сакаат да ја контролираат својата сопствена судбина.

Другари, зачувајте го револуционерниот поредок! Одлучно и на организиран начин барајте:

Ослободување на сите затворени социјалисти и непартиски работници.

Укинување на воената состојба; слобода на говорот, печатот и собирањето за сите што работат.

Слободни избори за советите во заводите и фабриките (завкоми), за синдикатите и за советски претставници.

Свикувајте состаноци, усвојувајте резолуции, испраќајте свои делегати до властите и работете во насока на остварување на вашите барања.“

Владата на барањата на штрајкувачите одговори со апсења и задушување на неколку работнички организации. Акцијата резултира со тоа што народното расположение сè повеќе стануваше анти-болшевичко; почнаа да се слушаат реакционерни пароли. Така, на 28 февруари се појави еден проглас на „Социјалистичките работници од Невскиот дистрикт“, кој заврши со повик за Уставотворно собрание:

„Знаеме кој се плаши од Уставотворното собрание. Тоа се оние што повеќе нема да можат да го ограбуваат народот. Наместо тоа, тие ќе мораат да одговараат пред народните претставници за своите измами, своите грабежи и за сите свои криминални дела.

Долу омразените комунисти!

Долу Советската влада!

Да живее Уставотворното собрание!“[1]

Во меѓувреме, болшевиците концентрираа во Петроград крупни воени сили од провинцијата, а исто така и ги упатија кон градот своите најдоверливи комунистички единици од фронтот. Петроград беше ставен под „вонредна воена состојба“. Штрајкувачите беа потиснати, а работничките немири беа задушени со железна рака.

  1. Кронштатското движење

Кронштатските[2] морнари беа многу вознемирени од она што се случи во Петроград. Тие не гледаа пријателски на драстичното однесување на владата кон штрајкувачите. Тие знаеја дека револуционерниот пролетаријат на главниот град мораше да страда уште од првите денови на револуцијата, колку херојски се бореше против Јуденич и колку трпеливо страдаше поради немаштијата и бедата. Но Кронштат беше далеку од тоа да биде за Уставотворното собрание или за барањето за слободна трговија што почна да се слуша во Петроград. Морнарите според дух и дела беа целосно револуционерни. Тие беа најцврстите поддржувачи на советскиот систем, но се противеа на диктатурата на која било политичка партија.

Движењето на солидарност со петроградските штрајкувачи прво почна помеѓу морнарите на воените бродови „Петропавловск“ и „Севастопол“ – бродовите кои во 1917 беа главната поддршка за болшевиците. Движењето се прошири на целата кронштатска флота, а потоа и на единицата на Црвената армија стационирана таму. На 28 февруари луѓето од „Петропавловск“ изгласаа резолуција, со која се согласија и морнарите од „Севастопол“. Револуцијата бараше, помеѓу останатото, нови слободни избори за Кронштатскиот совет, бидејќи неговиот мандат набрзо истекуваше. Истовремено, во Петроград беше испратен еден комитет на морнарите за да дознае за тамошната ситуација.

На 1 март се одржа јавен собир на плоштадот „Јакорни“ во Кронштат, кој што беше официјално свикан од екипажите на Првата и Втората единица на Балтичката флота. 16.000 морнари, војници на Црвената армија и работници присуствуваа на собирот. Со него претседаваше претседавачот на Извршниот комитет на Кронштатскиот совет, комунистот Василиев. Претседателот на Руската Социјалистичка Федеративна Република, [Михаил] Калинин, и комесарот на Балтичката флота, [Николај] Кузмин, беа присутни и им се обратија на присутните. Може да се спомне, како показател за пријателскиот став на морнарите кон болшевичката влада, дека Калинин при доаѓањето беше пречекан со воени почести, музика и знамиња.

На овој состанок комитетот на морнарите што беше испратен во Петроград на 28 февруари го поднесе својот извештај. Присутните отворено зборуваа за своето разочарување во врска со методите што ги употребија комунистите за да ги задушат скромните барања на петроградските работници. Потоа, на состанокот беше поднесена резолуцијата што беше усвоена од „Петропавловск“ на 28 февруари. Претседателот Калинин и комесарот Кузмин огорчено ја нападнаа резолуцијата и ги осудија петроградските штрајкувачи и кронштатските морнари. Но, нивните аргументи не оставија впечаток кај присутните и резолуцијата од „Петропавловск“ беше едногласно усвоена. Во овој историски документ пишува:

„РЕЗОЛУЦИЈА НА ЗАЕДНИЧКИОТ СОСТАНОК НА ЕКИПАЖИТЕ НА ПРВАТА И ВТОРАТА ЕДИНИЦА НА БАЛИТИЧКАТА ФЛОТА, ОДРЖАН НА 1 МАРТ 1921

По слушањето на извештајот на претставниците испратени од заедничкиот состанок на бродските екипажи во Петроград за да ја испитаат тамошната ситуација, е одлучено:

1) Имајќи го предвид фактот дека постојните совети не ја изразуваат волјата на работниците и селаните, веднаш да се одржат нови избори со тајно гласање, а при предизборната кампања да има целосна слобода на агитирањето помеѓу работниците и селаните;

2) Да се воспостави слобода на говорот и печатот за работниците и селаните, анархистите и левите социјалистички партии;

3) Да се обезбеди слобода на собирањето за работничките синдикати и селанските организации;

4) Да се свика непартиска конференција на работниците, војниците на Црвената армија и на морнарите од Петроград, од Кронштат и од Петроградската околија, не подоцна од 10 март 1921;

5) Да се ослободат сите политички затвореници од социјалистичките партии, како и сите работници, селани, војници и морнари затворени во врска со работничкото и селанското движење;

6) Да се избере комисија за да ги разгледа случаите на оние што се држат во затвор и во концентрациони логори;

7) Да се укинат сите политотдели (политички бироа), зашто никоја партија не треба да има специјални привилегии при пропагирањето на нејзините идеи или да добива финансиска поддршка за такви цели. Наместо тоа, треба да се основаат образовни и културни комисии, кои ќе бидат локално бирани, а финансирани од владата;

8) Веднаш да се укинат сите загрјадителније отрјади; [3]

9) Да се изедначат следувањата на сите што работат, со исклучок на оние што се вработени во струките што се штетни по здравјето;

10) Да се укинат комунистичките борбени оддели во сите родови на војската, како и комунистичките гарди што се држат на должност во заводите и фабриките. Ако се смета дека овие гарди или воени оддели се неопходни, тие треба да се назначуваат од обичните војници во војската, а во фабриките според проценките на работниците;

11) Да им се даде полна слобода на делување на селаните во поглед на нивната земја, а исто така и право да чуваат стока, под услов да ја обработуваат со сопствени средства, односно единствено без да вработуваат работна сила;

12) Да се побара од сите родови на војската, како и од нашите другари воените курсисти, да се согласат со нашите резолуции;

13) Да се бара печатот да им даде најцелосен публицитет на нашите резолуции;

14) Да се назначи една подвижна контролна комисија;

15) Да се дозволи слободно кустарско производство (индивидуално, во мала мера) преку сопствен труд.

Резолуцијата е изгласана едногласно од Состанокот на бригадата, со двајца што се воздржаа од гласање.

Петриченко, претседавач на Состанокот на бригадата,

Перепелкин, секретар.

Резолуцијата е изгласана со надмоќно мнозинство од страна на Кронштатскиот гарнизан.

Василиев, претседавач.

Заедно со другарот Калинин, Василиев гласа против резолуцијата.“

Оваа резолуција, на која, како што е спомнато, жестоко се спротивставија Калинин и Кузмин, беше усвоена и покрај нивното протестирање. По состанокот на Калинин му беше дозволено без вознемирување да се врати во Петроград.

На истиот состанок на бригадата одлучено е да се испрати еден комитет во Петроград за да им ги објасни на работниците и на тамошниот гарнизон барањата на Кронштат и да бара да бидат испратени непартиски делегати од страна на петроградскиот пролетаријат во Кронштат за да ја видат вистинската состојба на работите и барањата на морнарите. Овој комитет, составен од 30 члена, беше уапсен од страна на болшевиците во Петроград. Тоа беше првиот потег на комунистичката влада против Кронштат.

Целиот текст на „Кронштатскиот бунт“ од Александар Беркман можете да го прочитате овде.

Фусноти

[1] Болшевиците го распуштија Уставотворното собрание во јануари 1918, откако на изборите што се одржаа по нивното освојување на власта во ноември 1917, апсолутно мнозинство во Уставотворното собрание доби партијата на социјалистите револуционери (есери), а болшевиците освоија само 25,6% од мандатите. Инаку, едно од основните барања на болшевиците, а особено на Ленин, пред да ја освојат власта, беше Привремената влада што побрзо да ги распише изборите за уставотворно собрание. Поради сета оваа неславна епизода дојде и наведеното барање за повторно свикување на уставотворно собрание (заб. на прев.).

[2] Кронштат е град и поморска база, лоциран на островот Котлин во Финскиот залив, на 30-тина километри западно од Петроград (заб. на прев.).

[3] Вооружени единици организирани од болшевиците со цел задушување на трговијата и конфискување на прехранбени и други производи. Неодговорноста и арбитрерноста на нивните методи беа поговорични во целата земја. Владата ги укина во Петроградската околија во предвечерјето на нападот врз Кронштат – како поткуп за петроградскиот пролетаријат.

[4] Од февруари 1919 до март 1921 Советска Русија беше во војна со Полска (заб. на прев.).

[5] „Известија“ на Привремениот револуционерен комитет на Кронштат, бр. 9, 11 март 1921.

[6] Чекист – припадник на Чеката, болшевичката тајна полиција која од 1917 до 1922 беше позната под оваа кратенка (заб. на прев.).

|2021-03-01T10:36:52+00:001 март 2021|Актуелно, Вести, Став|