Албанија на работ: што да се очекува од актуелните протести?

Протестни движења ја тресат земјата: по студентите, својата борба ја радикализира и опозицијата. Но, помеѓу овие борби, нивните цели и последици, постојат длабоки разлики.

Сите во Албанија на почетокот од декември минатата година беа изненадени од масовноста и политичката сила на студентското движење. За само неколку недели, она што започна како мал протест против една наизглед споредна владина одлука, се претвори во големо студентско движење, кое го доведе во прашање севкупниот проект на неолиберална реформа на образованието. Бројни луѓе ја изразија својата солидарност со студентите и бараа од нив да ги продлабочат своите барања и да го заменат постојниот систем, кој почива на врски помеѓу економската олигархија и политичкиот естаблишмент, со нешто ново. Студентските протести и блокадите на факултетите, но уште поважно, солидарноста на народот со тие акции, го покажаа она што отсекогаш можеше да се претпостави: сѐ поголем број граѓани се чувствува сосема отуѓено од политичкиот систем за кого сметаат дека не ги претставува.

Не требаше долго време за главните партии да се обидат да ја искористат и преземат оваа борба. Да го парафразираме францускиот филозоф Жак Рансиер, политиката повеќе не се сведуваше на кавга помеѓу оние што кажуваат бело и оние што кажуваат црно, туку помеѓу две страни кои кажуваат бело, но притоа мислат на сосема спротивни работи. Веќе од почетокот на јануари премиерот Еди Рама, против чии политики и влада протестираа десетици илјади студенти, се обиде да се претстави себеси како автентичен претставник на студентските барања. Всушност, се обиде да игра и некој вид хипер-капиталистички сурогат на Мао Це Тунг и неговиот однос со Црвената гарда, во залуден обид да ги мобилизира студентите против корумпираните професори.

Главните опозициски сили, Демократската партија (ПД) и Социјалистичкото движење за интеграција (ЛСИ), од своја страна веќе со месеци се обидуваат да се претстават како политички носители на поширокото општествено незадоволство и ги имитираат тактиките, симболите и дел од политичкиот говор на студентското движење. Откако не им успеа да го преземат студентското движење преку инфилтрација на членови од своите младински организации, што придонесе за развојот на судирот внатре во движењето, опозициските партии во февруари започнаа свое самостојно движење, кое се претставуваше како антисистемско. Обидувајќи се да го намалат длабокиот јаз што постои помеѓу нив – и другите партии во Албанија – во однос на остатокот од општеството, ПД и ЛСИ направија радикален потег без преседан: трајно се повлекоа од парламентот.

Враќање во минатото?

Повремените бојкоти на работата на парламентот се раширена тактика на опозициските партии во Албанија, но никогаш порано партиите и нивните членови официјално и трајно се немаа повлечено од парламентот. Потегот потсетува на одлуката на италијанската опозиција од средината на 1920-те во раните периоди од воспоставувањето на фашистичкиот режим. Но, одлуката е уште порадикална, зашто вклучува и закана дека опозицијата ќе ги бојкотира и ќе се обиде да ги попречи локалните избори кои треба да се одржат во јуни, во случај премиерот Еди Рама дотогаш не се повлече, не се воспостави преодна влада и не се организираат парламентарни избори заедно со локалните. ПД и ЛСИ изгледа се надеваат дека откажувањето од привилегиите, како што се пратеничките плати, може да им помогне народните маси да ги прифатат како нивни политички претставници.

Во таа насока одат и ветувањата за бескомпромисна војна против олигарсите и организираниот криминал, укинување на школарините и воведување на други социјални права, а сето тоа и со карактеристичната десничарска и неолиберална агенда како единствена даночна стапка од 9% и други фрази во корист на капиталот. Потајно се надеваат дека со повлекувањето од политичкиот систем ќе ја натераат историјата да се повтори и дека веројатните општествени немири ќе ги постават на власт. На изборите 1996 година тогаш опозициската Социјалистичка партија (ПС) ги повлече своите кандидати неколку часа пред отворањето на гласачките места поради насилство и застрашување од страна на државните власти. Веќе следната година, откривањето на голем систем на финансиски измами (т.н. пирамидална шема) поттикна вооружен бунт, кој ја собори власта на ПД и на власт ги постави „социјалистите“. Но тие, се разбира, ги предадоа сиромашните и само ги продлабочија неолибералните политики на структурно прилагодување.

Историјата сепак не се повторува; освен евентуално кога од трагедија се претвора во фарса. Таа 1997 година мнозинството од пратениците во парламентот сѐ уште доаѓаше на седници со велосипеди. Економските разлики кај населението беа многу мали, албанската буржоазија беше слаба, а капиталот беше распореден во рацете на голем број мали претприемачи. Но, по долгото неолиберално преструктуирање – приватизација, јавно-приватни парнерства, комодификација на просторите и јавните услуги со соучество на мафијашкото подземје – денес во Албанија постои силна, но клиентелистичка и компрадорска буржоазија. Нејзините врски со сите политички партии многу се длабоки.

Контролирано насилство

Таа буржоазија се расфрла со парите на сите страни, финансира изборни кампањи и ги нуди услугите на своите медиуми. За замена за сето тоа, очекува партиите, кога ќе дојдат на власт, некако да ѝ се оддолжат. Но, откако на изборите во 2017 година ја потврди својата власт, премиерот Еди Рама и неговата ПС изгледа уживаат несразмерно висока поддршка од компрадорско-клиентелистичко-криминалниот дел од крупната буржоазија, веројатно поради впечатокот дека претставуваат убедливо најсилен политички фактор. Со барањето за оставка на Рама и со изнудувањето предвремени избори, опозициските партии всушност се надеваат на нова распределба на таа поддршка. Со други зборови, се надеваат дека ќе ја преземат поддршката на дел од буржоазијата и така ќе ја освојат власта.

Истовремено, главните претставници на опозицијата, токму како и останатите политичари во Албанија, се бесрамно богати. Повеќето од нив беа министри, градоначалници или локални политички моќници, кои ги прати репутација на корумпираност и кои живеат во луксузни квартови, заедно со своите „социјалистички“ колеги. Поради тоа, малку е веројатно дека нивната вербална и симболичка агресивност ќе предизвика општествен бунт. Да го земеме како пример насилството на опозициските протести. Иако него гласно го осудуваа и истакнуваа членовите на владата, како и претставниците на ЕУ и САД, насилството всушност беше релативно слабо, ако се спореди со она вообичаено за западните земји. Еднаш или двапати неделно, стотина демонстранти се туркаат со десетици полицајци, со повремено фрлање камења кон зградата на парламентот (не на полицијата), на што полицијата одговара со фрлање солзавец.

Цело време масата која е сведок на сето тоа останува релативно индиферентна и не учествува во судирот. Тоа покажува колку е дозирано политичкото насилство под строга контрола на организаторите, кои не сакаат премногу да ги вознемируваат западните дипломати и – уште поважно – не сакаат ширење на насилството како она пред повеќе од дваесет години, кога луѓето ги ограбуваа банките и скапите продавници. ЕУ и САД досега силно ја осудуваа стратегијата на опозицијата и изразуваа поддршка за власта, зашто повлекувањето од парламентот и заканата за бојкот на локалните избори го сметаат за опасен и дестабилизирачки процес, кој би можел да го делегитимира хегемонскиот политички наратив на релативно стабилниот плуралистички политички систем.

Распад на системот

Постоењето на две партии, божем на левиот и десниот центар, кои периодично се заменуваат на власт само за да ги спроведуваат фактички истите структурни политики, е долгорочна инвестиција на претставниците на ЕУ и САД. Новооткриениот „радикализам“ на ПД и ЛСИ ги вознемири. Она од што најмногу се плашат е дека стратегијата на опозицијата ќе поттикне општествени сили кои ќе биде невозможно да се контролираат, а кои, како и во сите револуции, ќе ги турнат настрана лажно радикалните умерени ликови и ќе започнат процес на политички немири кои би можеле да ја дестабилизираат не само Албанија, туку и целиот регион. Токму сметајќи на тој страв, опозицијата ги моли западните влади да извршат притисок врз Рама со цел да се постигне договор за поделба на власта.

Постојат две сценарија за следните месеци. Најверојатното е тоа според кое, преку меѓународниот притисок, двете страни ќе постигнат договор за поделба на власта и ќе спроведат некои формални уставни промени, кои ќе оставаат впечаток на демократизација. Впрочем, со судирот двете страни многу ризикуваат. Ако ПД и ЛСИ ги бојкотираат локалните избори, а претседателот на републиката (од редовите на ЛСИ) поднесе оставка, Рама и ПС ќе ги контролираат сите гранки и сектори на политичкиот систем, без никаква опозиција. Премиерот ќе остава впечаток речиси на деспот без демократски легитимитет, полош од неговиот пријател Ердоган, кој барем мора да победува на изборите против вистинска опозиција. Но, истовремено, опозициските партии поради бојкотот на изборите лесно би можеле и да се распаднат. ‘Рбетот на нивните организации се илјадниците вработени во општините под нивна контрола, кои сега го прават најрадикалниот дел од демонстрантите, но кои наскоро би можеле да останат без работа или барем би морале да ја променат политичката лојалност. Без овој широк слој на политички опортунисти, секоја партија во Албанија практично е мртва.

Втората опција е со западна помош Рама сам да излезе на избори и да успее да убеди некои помали партии да играат улога на опозиција за да осигура некаков легитимитет. Политичкиот распад на ПД и ЛСИ тогаш ќе биде брз, со што Рама ќе остане без тампон зона помеѓу себе и народните маси. Во таква ситуација, најнапредните делови од општеството (студентите, младите квалификувани работници итн…) би можеле да формираат нови и порадикални политички сили. Тие би можеле да претставуваат органски интелектуалци за изградба на новиот историски блок, чии потенцијали би можеле да бидат навистина експлозивни. Економското незадоволство, социјалниот немир и отуѓувањето од политичкиот систем го проникнуваат целото општество. Кој ќе извлече корист од тоа – за постепено да ги задуши или разгори – е прашање кое ќе ја одлучи судбината на Албанија во следните неколку децении.

Автор: Арлинд Ќори

Датум: 05. 04. 2019

Преземено од „Билтен