Агапи Тофиловска: „Јас си ги барам работничките права, а институциите го штитат газдата на Макпетрол“

Агапи Тофиловска е работник на пупма во бензинските на Макпетрол уште од 1999 година. Таа е една од ретките жени, коишто ја работат оваа работа, бидејќи како што вели самата, жените не ја прифаќаат, или ја оставаат оваа работа, затоа што навистина е тешка и физички и психички.

Работната голгота и лавиринтот од институционални неправди низ кој поминува Агапи, започнал со промените на работните услови од страна на газдите на компанијата во 2012 година.

„Во 2012 година донесоа одлука да ги скратат храната и превозот. Кога владата донесе одлука да се стават тие во бруто плата, од Макпетрол никако не изреагираа, туку ги оставија како посебни ставки храна и превоз на листата за плата. И во 2012 година донесоа одлука да ги скратат овие надомести, затоа што ’фирмата била многу во загуба’. Наеднаш од платата во наредниот месец на сите нас работниците ни’ скратија по 6.000 денари“, вели Тофиловска.

Освен кратењето на платата, газдите во компанијата направиле и кратење на работните места, така што, освен што повеќе работници го изгубиле своето работно место, а со тоа и изворот на егзистенција, истовремено еден работник бил задолжен со повеќе работни функции.

„Јас работев на „Орце Николов“, сама на смена, јас точам, јас примам гориво, јас наплаќам на муштерии, јас ја редам робата, јас гледам рокови на артикли, јас се’ правев, една бев на смена“, објаснува Агапи.

Паралелно со овие случувања во компанијата започнале да се одржуваат обуки, кои биле спроведувани од страна на приватна агенција за обука на кадри, „Мотива“, а се однесувале на унапредувањето во продажбата. На овие обуки присуствувале околу шеесетина вработени. Според Тофиловска, овие обуки биле непотребни, бидејќи се учеле работи од типот, како да се однесуваат со муштериите, односно како што вели таа, „работи кои ги знаеме, бидејќи сме со огромно работно искуство“.

За време на овие обуки, кадешто присутни биле и претставници од високото раководство на компанијата, односно дел од газдите, Агапи ја искористила приликата да го истакне кршењето на работничките права од страна на компанијата.

„Им кажав на газдите, односно на ќерката на газдата, пред сите шеесетина вработени што бевме на обукава. Им реков, луѓе вака не може. Законот за работни односи, колективните договори вас не ви дозволуваат ова да го направите. Не може вие да кратите храна и превоз на работниците. Ќе си скратите од телефоните, од автомобилите што ги возите и од други средства што беспотребно ги расфрлате, а не од платата на работникот“, раскажува таа.

Тофиловска вели дека, ова било причина за понатамошниот лавиринт од кој не може да излезе веќе пет години, а во кој била втурната од страна на компанијата преку државните институции.

Неоснован отказ, добиен судски спор и институционален лавиринт

По два месеци Тофиловска добила отказ од работа, со образложение дека, не се јавила три дена последователно на работното место. Таа вели дека, вакво нешто не се случило.

„Тие ми дадоа решение за одмор, јас отидов на одмор. Кога се вратив продолжив на работа, меѓутоа заради пореметените односи, зашто јавно бевме буквално во војна, јас отидов на боледување. Едноставно доживеав нервен слом, кога ми дојде шефот и ми се закануваше дека ќе ме преместат во Сингелич и оти, ќе ми го направеле неподнослив животот, така што јас самата ќе сум си дала отказ. Така што земав боледување, за што беа уредно извесетени. Додека бев на боледување ми се јави еден колега и ми рече дека ми дале отказ“, вели Агапи.

По овие случувања таа покренала судска постапка против компанијата. Таа го добила спорот во сите постапки се’ до врховен суд. Постапките траеле се’ до 2013 година, кога Тофиловска добила правосилна пресуда од судот дека, треба да биде вратена на работа и да добие надокнада за неисплатените плати во меѓувреме.

„Откако ја земав пресудата, отидов во просториите на Макпетрол, кадешто ми понудија да потпишам нов договор. Јас реков дека веќе имам договор и оти нема потреба од нов. Не го потпишав договорот. По консултациите со мојот адвокат им пратив писмено соопштение дека треба да го спроведат договорот, којшто е на сила и да ме вратат на моето работно место, согласно пресудата“, нагласува таа.

Договорот, којшто Макпетрол и’ го понудил на Тофиловска гласел со датум од 12.09.2013 година, што значи дека, со тој нов договор таа ги губи сите претходни права, бидејќи започнува нов работен однос, а и износот на платата кој и’ бил понуден, бил дупло помал од оној кој таа претходно го примила. Тофиловска не го прифатила овој договор, барајќи да биде вратена на своето работно место согласно добиената пресуда, меѓутоа од компанијата и’ одговориле дека, ако не го потпише договорот, ќе се смета дека тие постапиле, а таа не прифатила.

Сепак Тофиловска го продолжила случајот по правна постапка, верувајќи и’ на правдата и на институциите, по што го искористила правото да ја даде судската пресуда на извршител, за тој понатаму да постапи. Таа го покренала извршувањето пред истекот на рокот од 6 месеци, односно во март 2014. Бидејќи, во меѓувреме компанијата не постапила по налогот на извршителот, односно не ја вратиле на работно место, извршителот покренал прекршочна постапка до судот, да постапи во врска со неизвршениот налог. Како што тврди Тофиловска, наместо претседателот на судот да ја одреди висината на казната која треба Макпетрол да и’ ја исплати, постапката била ставена во процедура на првостепен судија, којшто пак донел одлука, дека Макпетрол не постапил според пресудата и оти се казнува со 200.000 денари глоба кон државата и се задолжува да постапи по налогот, односно да ја врати на работното место.

Во меѓувреме, од компанијата Макпетрол ја платиле казната, по што поднеле жалба до апелационен суд против Тофиловска, за тоа, дека наводно тие постапиле по налогот, но оти, Тофиловска не ја прифатила понудата за наводно враќање на работното место.

„Кривецот не е Макпетрол, туку судскиот систем и корумпираните државни институции, зашто му дозволуваат да ги крши законите“

Според Тофиловска, кривецот, односно оној кој ја втурнал во овој лавиринт, не е компанијата, туку токму судскиот систем, затоа што, како што вели таа, „не функционира и не си ги извршува должностите според законот“.

Институционалната голгота низ која поминува Тофиловска станува пострашна, откако таа дознава дека, Макпетрол во јуни 2015 година извршил пријава за нејзин работен однос во Агенцијата за вработување со дата од септември 2012 година, односно од денот на отказот и во истиот ден извршил одјава со дата од 2013 година. Таа вели дека, компанијата лажно извршила пријава и одјава, со цел да го оправда наводното постапување по судската пресуда, за нејзино враќање на работното место. Но, овде не е само во прашање лажното пријавување од страна на Макпетрол, туку, како што истакнува Тофиловска, уште поголем проблем е што Агенцијата за вработување дозволила вакво противзаконско пријавување и одјавување.

„Последната потврда од Агенција за вработување мене ми е извадена на 09.06.2015 година. Оваа потрвда покажува дека, не сум пријавена како вработена, а само 20 дена подоцна Макпетрол ја извршил пријавата и одјавата во ист ден“, забележува таа.

Тофиловска се обратила до надлежните државни институции, со цел да постапат и да ја утврдат нерегуларната работа на Агенцијата за вработување, но, како што вели самата, ниту една институција не постапила. Откако не наишла на слух од државните институции, таа се обратила до извршителската канцеларија, кадешто исто така била одбиена за постапување во однос на овие нерегуларности, со изговор дека тоа не е нивна надлежност. По ова, Тофиловска се обратила и до сектор за надзор на извршители од кадешто пак, со изговор дека не е нивна надлежност утврдувањето на работата на извршителите, ја упатиле во комора на извршители. Од комората на извршители после два месеци, таа добила одговор дека, „се’ е во ред со работата на извршителот“.

 

Опкружена со стотици документи, Агапи сама ги учи законите и своите права, испраќа писма и дописи до институциите, со цел да ја добие борбата и уште повеќе да не биде измамена

Институционалната голгота на Агапи продолжува и по смената на власта

Ситуацијата на Агапи станува се’ по заплеткана и се одолговлекува, кога таа дознала дека, извршителот, кој претходно се оградувал од правото на постапување, овојпат во август 2015 го известил судот оти, „должникот (Макпетрол) постапил по налогот за извршување“. Тофиловска ова и многу други работи, кои според неа се направени незаконски, а во корист на работодавецот ги дознава покасно, откако веќе се направени.

Долгогодишниот лавиринт низ кој таа се врти со години се’ уште трае, па продолжува и сега откако дојде до смена на функционери во судовите и другите институции со смената на власта.

Агапи се’ уште ја бара правдата, за која вели:„ниту новите назначени вработени во институциите немаат слух и се обидуваат да ме вртат во тој лавирит, за на крај сама да се откажам, но јас не се откажувам“.

„Државата е се’ уште заробена. Нема никакво помрднување во работата на трудов инспектор, Агенција за вработување, Министерство за труд…

Од денешен аспект не сум сигурна дека повторно би се впуштила во институционалните лавиринти, кои наместо да го штитат законот и Уставот, целосно се ставаат на услуга на големите корпорации, а на штета на работниците.

За да ги остварам своите права поведов повеќе спорови,  кои поради корумпирана работа на судиите  ги губам, па сега не само што не можам да ги земам моите пари, туку и сум задолжена со илјадници евра кои треба јас да ги платам на име такси и судски трошоци.

Практично, работникот го начекуваат на кондиција. Без средства за живот, без “грб“,  со разни социјални и здравствени проблеми ( исклучена струја, парно, немање пари за храна и лекови) овој корумпиран систем очекува дека работникот ќе се откаже , и тие така ќе успеат да ги приграбат парите што се должни да му ги платат.

Животот за мене како да е застанат, заглавен меѓу многуте закони, правилници , поднесоци, жалби…учам и пишувам сама зошто прво немам средства за да обезбедам адвокат, а второ зошто за овие 5 години  тројца адвокати ја злоупотребија мојата мака и работеа договорени со работодавачот во негова корист. Јас не можам никогаш да платам колку што може Макпетрол.

Но, не се откажувам. Знам дека е нужно да се средат работите во правосудството каде ќе дојдат луѓе способни и спремни да ПРАВОРАЗДАВААТ без да ги девалвираат работничките права“, потенцира таа.

Тофиловска упатува апел до работниците, укажувајќи на нивната сила и моќ, без која како што вели, не може ниту еден газда да оствари профит.

„Станете свесни за силата која ја носите во себе – без вашата сила ниту еден газда не може да оствари профит. Научете ги вашите права и залагајте се за нив – ова општество има насушна потреба да го смени начинот на распределба на профитот. За да може угнетениот и обесправен работник да крене глава и да живее подостоинствено, како што заслужува“, порачува Агапи.

Таа додава дека, цврсто е уверена оти, ќе го добие овој петгодишен спор и дека, деновите во иднина, ќе ги поминува во прошетки и радости со нејзините внуци, а не низ корумпирани државни иснтитуции. Таа верува дека, сепак правдата и доброто победуваат и продолжува во својата борба.

„Примерот на Агапи го отсликува (не)функционирањето и (не)ефикасноста на македонскиот судски систем“

Во однос на спорот во којшто е заглавена оваа работничка, побаравме мислење од адвокат, којшто е запознат со овој случај. Зоран Василески смета дека, случајот на Агапи е пример за тоа како функционира и колку е ефективен македонскиот судски систем во целина.

„Правната голгота на Агапи која трае веќе пет години, е доволен пример за функционирањето и ефективноста на македонскиот судски систем во целина. Впрочем, извршителите се дел од тој систем, како повереници на судовите за извршување на нивните одлуки. Овие приватни канцеларии, не секогаш, и не против секоја компанија можат да ги извршат судските одлуки. Макпетрол, е условно речено, поразената страна во судскиот спор. Но, Агапи се’ уште не е вратена на работа, извршителот изнаоѓа оправдување во потврда од АВРМ (Државната агенција за вработување), која пак незаконски дозволила измени во плаќањето придонеси, за време во кое Агапи не е вратена на работа, согласно клучната судска одлука. Понатаму, Агапи се соочува и со незаинтересираност за потемелно и попрофесионално однесување од страна на Комората на извршители и останатите судски органи. Низа приговори и жалби и’ се отфрлени, или топката се префрла на друг орган.

Конечно, не само одредени реформи се доволни за заштита на оштетените странки. Измените во Законот за парнична постапка го скратија рокот за одлучување на судовите, со што се забрза постапката во интерес на работниците. Но, како во случајот со Агапи, извршна и правосилна пресуда се покажува како недоволна за заштита на нејзините права и интереси. Треба особено да се обрне внимание на извршувањето на судските одлуки“, заклучува Василески.

| 2017-11-03T13:18:12+00:00 3 ноември 2017|Актуелно, Вести, Економија, Скопје|