МЗТ Леарница се уништува, работниците обесправени и чекаат одговор од новата влада

Штрајкот на вработените во Леарница во 2016

Штрајкот на вработените во Леарница во 2016

Работниците на МЗТ Леарница неодамна упатија писмо до премиерот Зоран Заев во кое ги бараат своите права од надлежните институции. МЗТ Леарница од 19 Јануари 2017 официјално е во стечај. Првата стечајна управничка, Илиевска Ленка, која конструктивно ја водела постапката, брзо била сменета после 3 откажани рочишта. Новиот стечаен управник, Васил Марков, за кратко време ја ликвидирал Леарница, но барувањата на вработените не биле прифатени. Марков од работници барал докази за неискористени одмори и неиспалатени плата, едно бизарно барање кое лесно може да се покаже со проверка на официјалната сметка на МЗТ Леарница. Стечајниот управник со еден нечовечки однос пробува да ги заплаши и лиши од работничките права вработените во Леарница.

Работниците на улица и без парче леб

Скоро цела година работниците на Леарница се спротивставуваат на континуираното уништување на фирмата, тоталната девалвација на нивниот труд, како и нарушувањето на основните работничко и човечко достоинство. Борбата започна на 12 август 2016 со генерален штрајк поради неисплатени плати и придонеси од една година. Незадоволството на работниците продолжува да тлее скоро цела година потоа, без никаква разрешница на повидок иако се имаат обратено до сите надлежни институции. На 10 јули оваа година работниците на Леарница упатиле “Барање за прием за разговор на поранешните работници на МЗТ Леарница” до неколку институции меѓу кои и премиерот Зоран Заев. Во писмото работниците бараат средба бидејќи како што велат, сметаат дека нивните права се нарушени од повеќе аспекти:

“не можеме да оствариме стечајни побарувања поради тоа што целокупниот имот бил под хипотека, немаме никакви информации од стечајниот управник како се утврдени/оспорени нашите побарувања, правата по осно на невработеност ни привршуваат, а шансите за ново вработување се минимални. Во меѓувреме продаден е имотот на МЗТ Леарница, а ние повторно немаме никакви информации што значи тоа за поранешните вработени?”

10 дена подоцна, работниците на Леарница сеуште немаат добиено позитивен одговор за прием од ниту една институција. Дали новата влада ќе заземе одговорен пристап одговори на овој проблем, во корист на работниците и јавниот интерес или пак ќе ја продолжи досегашната пракса и ќе застане на страната на корумпираниот инвеститор и приватниот интерес на неколкумина. Работниците на Леарница се решени до крај да продолжат во барањата за своите права и со закана дека истите ќе ги бараат и преку штрајк и блокади како што тоа го направија во 2016.

Леарница работеше успешно

Непродуктивноста на фабриките често се посочува како причина за нивното приватизирање, заминување во стечај, или промената на сопственици. Ова е можеби и првата претпоставка која се добива и за МЗТ Леарница, но работниците кои од прва рака ја познаваат ситуацијата, опишуваат различна слика. Од 1990тите кога многу државни фирми како МЗТ отишле под стечај, МЗТ Леарница продолжила со својата продуктивност, а работата течела непрекинато.

Еден од работниците вели: “МЗТ Леарница е наjпрофитабилниот погон од поранешниот Металски Завод Тито, кој во најкризниот период од 90тите години па се до сега нема прекинато со работа. Со 400 вработени во 2006 и стари машини фирмата успешно опстојуваше, а сега со 200 вработени и нови печки и машини, велат дека не била ликвидна.”

Производниот процес во МЗТ Леарница

Производниот процес во МЗТ Леарница

Според друг работник:

“Од 1998 не се случило да немаме доволно работа, секогаш сме работеле со полн капацитет во три смени. Сме работеле и по две смени прекувремено (16 часа) и шест дена во недела, значи не можело да се постигне. Имало побарувачка и профит.”

Квалитетното производство овозможило континуиран извоз на 95% од пласманот на пазари како Холандија, Германија и Италија. Работниците додават дека со свои очи сведочеле како од Леарница дневно излегуваат камиони натоварени со производи во вредност помеѓу 20,000 и 60,000 евра. Истовремено тие велат дека 70,000 евра се доволни да се исплатат месечните плати за околу 200 работници.

Работниците прашуваат зошто при една ваква профитабилна дејност токму на оние кои се заслужни за создавање на оваа огромна финансиска придобивка и тоа при изложеност на крајно штетни материи на работното место и катастрофални услови за работа, не им се исплатени по 12, а на некои дури и по 15 плати и придонеси?

Исто така тие прашуваат зошто сметката на фирма со толку голем профит, а мали трошоци, беше блокирана поради неподмирени трошоци подолг период изминатата година? Се поставува и прашањето зошто во стечајната постапка стои дека фирмата 10 години работела во загуба?

Наместо одговор на овие прашања да бараат институциите, работниците се оставени сами на себе. Без пристап до институционална, правна, советодавна, материјална, или пак симболичка поддршка, тие со месеци лутаат од состанок во една институција до друга, без никаков напредок.

Дополнително загрижува и фактот што во време кога синдикалната организација на МЗТ Леарница е најпотребна за заштита на работниците, според закон во случај на стечај синдикалната организација треба да се угаси со цел синдикалниот лидер да може да се пријави во агенција за вработување и да ги оствари своите права како и сите останати работници. Во ваква ситуација синдикалната организација е пред колапс. Работници се оставени сами да ги покренуваат прашањата за нивните работнички права и тоа во услови кога во МЗТ Леарница како што тврдат “не постои закон кој таму не бил прекршен”.

Работниците апелираат да се вклучат надлежните институции

Веќе изминуваат 8 месеци откако „Леарница“ отиде во стечај и една цела година после првиот генерален штрајк, а сеуште нема никаков ангажман од страна на следните институции: Финансиска Полиција, Управа за Јавни Приходи, Катастар, Инспекторат за Труд, Министерство за Труд и Социјална Политика. Работниците ги поставуваат следниве прашања и упатуваат повик до јавноста и институциите со цел да се одговори на следните прашања:

Каков е односот помеѓу Комерцијална Банка и Леарница, со оглед на сомнежите за конфликт на интереси помеѓу двете во интерес на приватен капитал, однос кој за работниците е сомнителен уште од деведесетите години кога ги изгубиле своите акции под сомнителни околности?

Зошто во 2012, во Комерцијална Банка во 1:14 мин по полноќ е направен документ за хипотека на имот на Леарница во вредност од 14,968,634 милиони евра, документ кој официјално постои во Катастар? Која била причината, и дали е тоа законски?

Во 2006 Леарница била продадена за 430,000 евра, на МЗТ Енергетика, фирма блиска со Комерцијална Банка. Зошто МЗТ Леарница е продадена за толку ниска цена кога само залихите вредат толку?

Зошто биле земани огромни кредити од Комерцијална Банка кои не биле враќани и покрај високите нивоа на профит остварувани од фирмата?

Во октомври 2016 била започната стечајна постапка од 2 фирми на кои МЗТ Леарница им должела средства. Зошто таа постапка не била отворена од Управата за Јавни Приходи, иако тоа им е законска обврска?

Под кои услови фирмата е повторно продадена ( на фирма со 5 000 евра капитал за неофицијална сума од 4 милион и 200 илјади евра пред 4 недели )?

На крајот на изминатата година од УЈП им гарантирала на работниците дека бил одземен имот во сопственост на претходниот газда којшто би ги покрил трошоците и побарувањата од работниците. Зошто 9 месеци подоцна нема напредок по ова прашање?

Примерот на МЗТ Леарница ја доведува во прашање рационалноста на економската политика изминативе години која им дава приоритет на странски директни инвестиции, во ситуација кога постоечките домашни продуктивни капацитети се оставаат да пропаднат, а нивните работници остануваат на улица. Се поставува и прашањето дали приватизацијата на Леарница и исклучувањето на работниците од нејзиното управување донесе до зголемена продуктивност? Ставањето на Леарница под стечај се чини дека е резултат на сѐ уште докрај неразјаснети криминални дејства помеѓу поранешните сопственици, банки и корумпирани политичари. Дали можеби случајот со Леарница укажува на тоа дека ваквите индустриски капацитети кои беа високо профитабилни треба со поддршка на државните институции да се вратат во рацете на работниците и да продолжат со својата работа?

Писмото на вработените во Леарница упатено до премиерот Зоран Заев на 10 Јули 2017

Писмото на вработените во Леарница упатено до премиерот Зоран Заев на 10 Јули 2017

| 2017-07-21T13:27:41+00:00 21 јули 2017|Актуелно, Вести, Економија|