За надежта, демократијата, народот и пак надежта

Пандора смело итајќи на брановите од надежта, како да ја подзаборави кутијата на изворот на сите зла, а некако разобличениот homo ludens, продолжи да си игра со нив не сфаќајќи го квази бенефитот од бескрајното надевање. Декартовот „Мислам значи сум“ (Cogito ergo sum), е претворено во најрудиментираната, повторувана до гадење фраза – „Може и полошо“. Всушност, таа има и друг облик, кој и не остава толку песимистички впечаток – „Надежта последна умира.“ – а есенцијата е идентична, само кажано со насмевка. Постоењето ми е, ни е во надежта кон подобро. И така еве… веќе 30 години.

Автократијата, која и црвените и сините (сега последно саркастично и иронично облечени во различни бои) сакаат да ни ја презентираат како најнов, најважен, дури и единствено прифатлив облик на демократија, самите се судираат со основното и суштинско значење на зборот во буквален превод – „владеење на (од страна на) народот“. Само сега имаме и нова терминологија со невидени консеквенции при нејзина херменевтичка перцепција. „Народ“.

Ајде прво со демократијава… полни се устите со „недемократскиот“ нивен начин и „демократскиов“ ни наш пристап. Штом некој нешто направи врз основа на надгласување – не е демократски! Треба да нѐ послуша нас, кои сме помалку. Или не?! Мнозинството одлучуваше, нели?! Едноставно, ќе кренеме рака, ќе се пребројме, ќе потпишеме потоа, согласно демократските принципи… Кој што има поразлично да каже, не нѐ интересира. Дури не заслужува ни да го ислушаме. Кога сме мнозинство. Но, штом сме помалку, тогаш кај нас е вистината, идеалот, вредноста етичка која како ореол си ја носиме. Колку и да се повеќе другите, немаат шанси со нашето ексклузивно право на поседување на вистината. Што значи, не ли ги прифатат нашите укажувања, прстот кон калимерово на криминалциве. И така, се оддалечуваме од суштината на значењето на демократијата, прелеана низ секојдневниве шизофренични полтрони и настани, кои во жедта за власт и моќ, намерно забораваат да помислат на секојдневието на обичниот смртник, кој во оснава им е работодавец, а тие се работниците. Само однесувањево е спротивно на тоа.

А херменевтичка перцепција на народот?! Уф! Кој е тој? Синиот или црвениот? А ако го облекол дресот од претходниот натпревар?! Ја испомешал работава. Не е проблем. Мноштвото ќе се најдат и ваму и таму. Да капнува само по нешто. Е, токму капките се тие што го разликуваат оној што спаѓа во народот и оној кој само зборува за народ, не ставајќи се себе си во тоа множество.

Кога капките се солзи солени, кои ако не ги спречи некоја моментална радост, ќе создадат нов океан, за жал тогаш можеме да зборуваме за народ. Но, од друга страна токму тој профил на народ е потребен, бидејќи ставен на работ на егзистенција, повторно за жал, лесно се „мотивира“. Другите капки се од оние полни со нектар и амброзија, слатки, божествени. За кои многумина се спремни неверојатни работи да направат за да ги вкусат. Само, тука нема место за народот. Има подоцна, во говорите нивни исполнети со грижа кон народот, секако повторно изземајќи се од него, бидејќи секогаш го кажуваат во трето лице множина, а не во прво.

Димитар Даскалов

|2021-09-08T08:19:06+00:008 септември 2021|Актуелно, Став|