ШТИП, 11.12.2017 – На 15-ти и 16-ти декември во Штип, во организација на здружението на граѓани на текстилните, кожарските и чевларските работници „Гласен Текстилец“, ќе се одржи културна манифестација насловена како Текстилијада. Во текот на овие два дена, посетителите ќе имаат можност да проследат повеќе културни настани како што се, дебати, поетски читања, изложби, проекција на филмови, а фокусот на сите настани се текстилните работници.
Под мотото Култура за, култура со, култура од текстилните работници, следниот викенд во Штип за првпат ќе се одржи дводневниот културен настан „Текстилијада“. Настаните започнуваат во петок, во 14 часот со дебатата насловена како „Со локални сили заедно за иднината на текстилните работници“. Оваа дебата ќе се одржи во седиштето на „Гласен Текстилец“ – КУЦ Текстил. По овој настан следи поетското читање „Животот на текстилните работници“ од страна на ученици во штипската гимназија „Славчо Стојменски“ .
Понатаму следат изложби од студентите на ликовната академија при универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД), проекција на филмови, исто така направени од студенти на УГД, а целокупниот настан ќе заврши со изложбата на плакати на Јана Јакимовска насловена како „Текст, силна, текстилна“, која ќе биде отворена на 16 декември во 21 часот.
Организаторите изразуваат надеж дека, овој културен настан што е посветен на текстилните работници ќе стане традиција во Штип. Нивните активисти деновиве ќе делат летоци пред текстилните фабрики со цел да ги информираат работниците за настанот, за да земат учсество во дебатите, како и да ги посетат другите настани.
Целосната програма за дводневниот настан може да ја видите овде.