Во солидарност со палестинскиот народ – протестен собир

Од иницијативата „Гласни идеи“ и колективот на социјалниот центар „Дуња“ најавија дека во недела со почеток од 12:00 часот ќе се одржи протестен собир на плоштадот Македонија, во солидарност со палестинскиот народ, против систематското насилство и угнетувањето на палестинскиот народ од страна на фашистичката власт во Израел.

Во целост го пренесуваме нивното соопштение од настанот за протестот на социјалната мрежа Фејсбук:

Палестинскиот народ во окупираниот источен Ерусалим се соочува со етничко чистење од државата Израел. Како резултат на нападите и насилството што ги користеа израелските власти, само оваа недела, беа убиени над 30 Палестинци, од кои 14 деца, оставајќи стотици повредени.
Покрај тоа, систематското насилство прераснува во иселување и узурпација на палестинските домови во Ерусалим.
Постојаното угнетување и притворање на палестинскиот народ од страна на фашистичката власт во Израел е кршење на основните права и слободи на народите насекаде, и затоа треба интернационално да се спротиставиме на ова угнетување.
Во знак на солидарност со палестинскиот народ и нивниот отпор, во недела во 12 часoт ќе се одржи протестен собир на плоштад Македонија.
Потсетуваме на почитување на здравствените мерки и протоколи предвидени според комисијата за заразни болести и Министерството за здравство.