Теророт со Европското знаменце и стратегијата за успешен референдум

Закони со ЕУ, или закони со НАТО знаменце?

Кршењето на процедурите со цел протнување на непопуларни, ненародни и недемократски закони, стана одлика на едногодишното владеење на двоецот СДСМ – ДУИ. Таквото поведение, власта го оправдува преку тезата дека Македонија нема друга алтернатива, освен експресно, и по секој цена интегрирање во т.н. „евроатлански структури“. Двоецот СДСМ-ДУИ се’ уште северно-атланските интеграции во НАТО воениот сојуз ги поистоветува со европските интеграции во ЕУ економскиот сојуз.

Владата на СДСМ и ДУИ, со сите сили, мимо уставот, мимо законите, ја турка својата НАТО агенда (или агендата наметната од самиот НАТО пакт), додека во јавноста пропагира дека спроведува „евроатланска агенда“ секогаш потенцирајќи ги повеќе придобивките од евентуалното зачленува на Македонија во Европската унија. Дел од таа пропаганда е ставањето на т.н. “европско знаменце“ на законите чија цел е брзата интеграција во НАТО.

Дека се работи за закони со НАТО знаменце (т.е. закони и уставни измени со цел влез на Македонија во НАТО Пактот), а не се работи за закони со европско знаменце, ќе наведам два клучни показатели.

Прв показател е тоа што ниту владата, ниту владејачкото мнозинство не посочија која европска директива се услогласува со сега веќе изгласаните закони. Злоупотребата на процедурата за носење на закони со европско знаменце, со измените на изборниот законик изгласани вчера, е трета по ред злоупотреба. Претходно, Владата до Собранието прати два предлог закони за гласање на кои стави европско знаменце и тоа Законот за употреба на јазиците и Законот за ратификација на Преспанскиот договор. Трет пат по ред, владата  не наведе со која европска директива се усогласуваат горенаведените предлог закони и законски измени.

Уште повеќе, Собранието целосно се стави во служба на владиниот егзибиционизам, затоа што претседателот на Собранието, Талат Џафери, требаше, но ниту помисли,  да ги врати предлог законите и законските измени поради недаденото образложение на владата како одговор на прашањето: „зошто системски закон како законот за употеба на јазиците и билатерален договор кој предвидува целосно уставно редефинирање, се носат со европско знаменце?“. Зошто нема такво образложение? Затоа што истото не може да се најде, ниту во т.н. комунитарно право на ЕУ, ниту во засебните правни системи на државите членки. Имено, не постои држава во Европската унија чиј мултиетнички карактер се загрозува со закон кој воведува бинационална држава. И не постои држава во Европската унија, во која укажувањата на Венецијанската комисија се сметаат за безвредни. Мислењето на оваа комисија е дека  избор и именување на членови на телото задолжено за спроведување избори се прави преку квалификувано мнозинство во парламентот. Колку и да се самите европски држави заробени од бипартизмот или повеќепартизмот на политичкиот естаблишмент, сепак парламентарната опозиција никогаш и никаде не била заобиколувана како во последните месеци во Македонија. Очигледно НАТО наложил толку кратки рокови (роковите од Преспанскиот договор), што дури и самиот Устав на РМ е пречка која мора да падне.

Втор показател дека се работи за закони со НАТО знаменце, е тоа што поканата за влез во ЕУ е далечно ехо и државите членки не делат истоветни размислувања кога е во прашање интеграцијата на земјите од Западен Балкан. Оттука, самото имплементирање во целост на законите протуркани со европско знаменце, не е никаква гаранција дека таквото брзање ќе не доближи поблиску до Унијата. Европската унија очигледно има премногу внатрешни проблеми за да си дозволи проширување со нови веќе презадолжени држави. Истовремено, Европската унија се погласно размислува за напуштање на принципот на едногласност на членките кога се работи за прошируваето на унијата со нови членки, што пак би значело неможност Грција да стави вето за Македонија.

Парламентарниот циркус со европското знаменце, не се одвива само пред очите на домашната јавност, туку и пред очите на НАТО и ЕУ лидерите и комесарите. Никој од нив не застана во одбрана на парламентарната процедура и во одбрана на парламентарната демократија, иако пред македонските граѓани, веќе од поодамна е продадена тезата дека НАТО и ЕУ се гаранти на демократијата и владеењето на правото. Напротив, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг од говорницата на Собранието на РМ даде поддршка на тукушто изгласаниот Закон за употреба на јазиците, и покрај тоа што процедурата за негово носење беше прекршена, а самиот закон уште не беше (ниту е се’ уште) влезен во сила. Сега кога законските измени на Изборниот законик, повторно преку европското знаменце, ја исклучија целосно опозицијата од можноста да влијае врз изборот на Државната изборна комисија, како и на ред други аспекти на кои влијае Изборниот законик, од НАТО-ЕУ централата, ни збор за таквото подразбирање на парламентарната демократија како диктатура на парламентарното мнозинство.

Диктатурата се спрема да спроведе референдум и избори по сопствен терк

НАТО пактот отсекогаш најдобро соработувал со диктатури кои самиот ги поставувал или чие завземање на власта несебично го помагал. Правната држава што подразбира почитување и постапување согласно Уставот и законите, овојпат е пречка за НАТО да постави воени бази и во Македонија. Очигледно за НАТО пактот, Грција била и се’ уште ќе биде клучен сојузник, поради кој, малата и безначајна Македонија, мора да биде водена од вазалска НАТО власт, која е спремна да направи се’ за Македонија да го спроведе потпишаното во Нивици и Отешево. И доколку оваа власт не се осигура во целост дека најавениот референдум ќе има барем приближно шанси за цензус (над 800.000 граѓани да излезат да гласаат), виси во воздух и самото спроведување на референдумот, или виси во воздух неговиот обврзувачки карактер.

Затоа, засилени се контактите со парламентарните партии и засилено е силувањето на јавното мислење, преку изјавите на еврокомесарите, евроамбасадорите, и амбасадорите на САД, Велика Британија и Германија. ВМРО ДПМНЕ бара предвремени избори, а СДСМ бара „кооперативност“ на опозицијата, кога е во прашање референдумот. Со истегнати уши од „меѓународната“ за очекување е и СДСМ и ВМРО да попуштат.

На СДСМ не му одговараат предвремени избори, затоа што начинот на кој владеат една година ја ситни нивната поддршка, особено кај десетиците илјади неопределени кои го дадоа гласот за нив на последните парламентарни избори. Но, предвремени избори ќе овозможат (доколку истите се одржат на денот на одржувањето на референдумот) успешност на истиот, нешто што го имаат во аманет од  „меѓународната“. Таквата разврска му оди во прилог и на ВМРО ДПМНЕ, кое во моментот се тетерави меѓу истеганите уши (да повикаат на гласање на референдумот) и војлата на гласачкото тело (да се бојкотира референдумот). Насилничкото поведение на парламентарното мнозинство при носењето на измените во Изборниот законик, го принуди раководството на ВМРО ДПМНЕ да ја напушти вчерашната лидерската средба. Сепак ненаситната желба за власт која може да се  задоволи и со предвремени избори кои ќе се одржат на денот на референдумот, сепак се’ уште остава простор за кооперативност на ВМРО ДПМНЕ во целиот процес. Доколку ја прифатат фрлената ракавица „предвремени и референдум во пакет“, тогаш се поизвесно е дека пред народот ќе почнат да градат победничка атмосфера околу погубната стратегија „на референдумот да се гласа ПРОТИВ“.

Сума сумарум, веќе јасно се наѕира стратегијата на петорката НАТО-ЕУ-СДСМ-ДПМНЕ- ДУИ. Предвремени избори заедно со референдумот за промена на уставното име. Дали ќе се врати ВМРО или ќе остане СДСМ на власт, за „меѓународната“ не е од суштинско значење, затоа што за владејачките партии во Македонија, најбитно е да си најсилниот на меѓународна сцена, во желбата непречени од никого однадвор, да можат да владеат и грабаат внатре. Праксата покажа дека парламентарни избори во Македонија може да се одржуваат секоја година. Оттука, загубите на СДСМ или ДПМНЕ ќе бидат само од времен карактер.

Извлекувањето на гласачите да изберат едно од двете крила на партијата СДСМ – ДПМНЕ, која четврт век владее со Македонија, на предвремени избори во ист момент со референдумот за промена на името, ќе ја отвори вратата за исполнување на цензусот, што пак ќе резултира со успешен референдум за себепреименување.

Навистина паметно одиграно! “Одличен проект“ ДПМНЕ. Навистина имате „план за живот“ СДСМ. Bashkë vendosim („заедно одлучуваме“) ДУИ…

Автор: Зоран Василески, член на Президиумот на Левица.

|2018-07-19T12:24:21+00:0019 јули 2018|Актуелно, Став|