Судан: Plus ça change, plus c’est la même chose

Жан Баптист Алфонс Кар во 1849 година напиша: „Колку повеќе се менува, толку повеќе останува исто“. Впрочем стварите, односите, состојбите, политичкото, диктатурите. Судан е во пост-колонијална стварност. Мешањето на странски влади е неподносливо. Клучен играч во Судан беше Англија, такви беа историските прилики, попрецизно колонијални навики, а денес тоа место го преземаат Кина, Саудиска Арабија, Египет, Обединети А. Емирати, Малезија. Околу 70 проценти од приходот од извоз на Судан е нафта. Како тоа се чита?

Во Судан се водеа две граѓански војни, коишто може да ги сопоставиме во пост-колонијален контекст.

Првата граѓанска војна од 1955 до 1972 е поради непомирливите разлики меѓу северот и југот за власт над територија и право на влијание во владата. Во Првата граѓанска војна, победник е Југот. Трагата на пост-колонијална Англија како и целата историја на колонијалните територии низ светот каде што владеела Англија во 19 век е очигледна. Точно е и тоа дека нафтата е на југот, а северот добива не само разграничувачка линија со поголема територија, туку и право да формира влада којашто ќе го претставува и Јужен Судан. Сето тоа се колонијални политики на Британската империја. Северот говори арапски, а југот англиски, а тука е и религиозната поделба којашто носи со себе непомирлив конфликт, а поради директното мешање и интересите на Англија. Јужњаците секогаш го презирале Северот, поради тоа што Северот секогаш имал предност над Југот. Империјална Англија го гранулира Југот со корумпирање на племски водачи, во духот на познатата англиска максима. Во јужните провинции на Судан има над 60 етнички ентитети, племиња и трибални комуни, а од тука доаѓа и гранулацијата и неединството во однос на Северот.

Нафта Јужен Судан. Дневното производство во Судан е околу 500.000 барели, што е половина од дневното производство на Либија или тоа е 0,5 посто од светското дневно производство на сурова нафта. Либија има потврдени резерви од околу 40 милијарди барели нафта. Нигерија има потврдени резерви од околу 35 милијарди барели нафта. Алжир има потврдени 12 милијарди барели, па потоа Ангола со 8 милијарди барели и петти во Африка е Судан, со 5 милијарди барели.

Втората граѓанска војна од 1983 до 2005 е продолжение на претходната војна, но и поради претходните непомирливи позиции и поради непочитувањето на Мировниот договор потпишан во Првата граѓанска војна, но пред се* поради пронаоѓањето на нафта и приходите од нафтата коишто според договорот треба да се споделуваат подеднакво или 51 посто од средствата треба да ги добива Северот, наспроти 49 посто за Југот, затоа што нафтата во најголем дел се наоѓа на територијата на Јужен Судан, а нафтоводот и пристаништето Судан на Црвеното море се наоѓаат во Северен Судан.

Гладта влијае на голем дел од популацијата во цел Судан, а внатрешната миграција и внатрешно раселените се во ред на милиони луѓе, не само поради глад и сиромаштија, туку и поради континуирани конфликти. Овие процеси траат со децении.

Приходите од нафта за Јужен Судан претставуваат 98 проценти од приходите на новата држава. Владата во Картум (Судан Север) ја користи позицијата да ги контролира рутите на нафта и нафтоводите од Југот кон Северот со што ги контролира и парите од производството и продажбата и поради тоа и до ден денешен ситуацијата е тешко помирлива.

Можни рути за нафтата на Јужен Судан низ Кенија или Етиопија се предизвик, ако се види мапата на тој дел од Африка. Ситуацијата во Етиопија не е сјајна, таму се и Еритреја, Џибути и Сомалија, сите во отворена или замрзната конфликтна состојба. Дополнително, има отворен конфликт меѓу Судан, Египет и Етиопија околу контролата на водите коишто се влеваат во Нил. Етиопија

Во јули 2011, Јужен Судан се оддели од северот и формира сопствена држава. Водачите на бунтовничката војска (SPLM Sudan People’s Liberation Movement) формираа влада. SPLM се дели на повеќе фракции, во прв ред SPLM и SPLM-In-Opposition и двете раководени од водачите на спротивставените страни во Јужен Судан. Популацијата во Јужен Судан е над 11 милиони.

Уганда и Северен Судан се вмешуваат на страна на официјалната Влада на Јужен Судан.

Но, постојат и други воени фракции од оригиналната SPLM и тоа SPLM-North како и SPLM Army in Darfur.

Прашањето е: Зошто Јужен Судан не се одлучува на градење на нафтовод низ Кенија, до Момбаса? Стратешка грешката на Југот е да преговара со Северот за нафтоводот, а при тоа да не ги има во предвид последиците од таквата одлука. Но, ако нешто е сигурно, тоа е дека, ако има нафта уште долго време, можно е да се пушти и линија преку Кенија.

На линија на конфликти за ресурси, Судан е меѓузона во десетгодишната „расправа“ за водите на реката Нил, помеѓу Етиопија и Египет. Етиопија ја гради најголемата хидроелектрична централа во Африка, на самата граница со Судан, по течение на Синиот Нил којшто во Судан се влева во Белиот Нил, и којшто ги насочува сите води кон Египет. Зоната на Нил влијае на животите на 280 милиони луѓе.

Околина на Уганда

Своевремено, и Јужен и Северен Судан беа британска колонии. Сепак, кога се работи за нафта, ниту Јужен Судан не може да оддолее на повикот за војна и нова поделба, овој пат на источен Јужен Суден и западен Јужен Судан. Повторно, тоа индуцира насилство коешто сѐ уште трае. Дури и Папата Франциск се вклучи во помирувањето на фракциите на Југот, со невообичаена практика да им ги бакнува нозете на непомирените коишто седеа во иста соба.[1]

Војна во Јужен Судан меѓу шеесетина племенски и африкански фракции обединети во два лика, Риек Машар и Салвар Киир

Но, се враќаме на Север. 30 години од владеењето на Омар ал Башир. Се повлекува со болест на себе на 75 години, имено, со канцер на грло и „контролирана“ ситуација на терен по четиримесечни протести на суданскиот народ од северот и силни притисоци од „надвор“ за промена на власта. Владее од 1989 од позадина, а од 1993 од кога е официјално Претседател на Судан, Омар ал Башир иницира процеси коишто радикално ја менуваат најголемата земја по територија во Африка, со 39 милиони луѓе, со мозаик од народи, религии, племиња и интереси на надворешни играчи за продажба на оружје, нафтени ресурси и религиозна политидеологија.

Од август лани, шеф на преодниот Совет, транзицискиот совет од цивилни и воени лица, е Абдел Фатах ал-Бурхан. Поставен како решение на војската и полицискиот апарат, како наследник на ал-Башир.

Судан до 2005

Во време на ал Башир се процесираат:

  1. сунитска исламизација на Судан со поддршка од Саудиска Арабија,
  2. краткотрајно стабилизирање на суданската економија со вклучување на Судан на мапа како играч со нафта со сериозни резерви поради зголемените цени на нафта во деведесетите,
  3. повторно стабилизирање од 2000 година до пред распадот на Wallstreet во 2008,
  4. војна со христијанскиот југ поради нееднаква распределба на парите од нафта,
  5. поделба на Северот (арапски сунитски муслимани) и Југот (африкански христијани) и
  6. злосторствата во Дарфур (афроарапи).

И покрај сето ова, Омар ал Башир продолжува да се одржува на власт преку воена диктатура. Мала група исламисти блиска на Омар ал Башир ги контролира финасиските текови, државниот апарат, медиумите, нафтата, државата во целост.

Север Југ идеолошка поделба

Судан беше под санкции од САД, но и од останатите земји групирани во НАТО и во Европа, а пред санкциите, 2 судански фунти вредеа колку 1 долар, а денес за 1 долар можат да се добијат 300 фунти. Впрочем, санкциите функционираат на подолги периоди со исцрпување на земјите.

Цените на лебот растат, се удвојуваат, утројуваат, учетворостручуваат, беснеат војни, класните разлики се сѐ поизразени, насекаде сиромаштија, а апаратот на богатите продолжува со тортура. Платите се на исто ниво, а се водат војни до истребување во Дарфур и на југот. Избликот на незадоволство и протестите имаат класен карактер и започнаа во декември 2018, а се дел од поголемиот проект за рушење на ал Башир, нешто како „одложена“ Арапска пролет специјално за Судан.

Во 2019 се отвори и алжирското прашање во паралела со либиската нестабилност со две влади во отворен воен конфликт и се активира меѓународната позиција на Ел Сиси како регионален играч којшто е во блиска соработка и сојузник на Судан.

Египет е дел од големата четворка на земји во арапскиот свет којашто сака да влијае и да им биде водач на Арапите. Другите три се Турција, Саудиска Арабија, Иран.

Кина сигурно не стои зад рушењето на ал Башир затоа што во време на санкции, Кина ѝ продава оружје на диктатурата, за да си овозможи сигурна испорака на нафта. И Малезија има бизнис релации со Северен Судан, главно со нафта на линија на исламот. Во играта е вклучена и Индија, со свој интерес и инвестирање во долгот на Судан преку кредитни линии. Русија ги остварува своите интереси исто така како контратежна на американските санкции за ембарго на оружје.

Да сумирам што се случи во Судан во 2019 година.

Војската го руши ал-Башир во април 2019 и воспоставува контрола во Транзицискиот воен совет, составен од воени лица, со надеж дека тензијата од уличните протести ќе сопре, но гневната маса не е задоволна од таквиот развој, иако од страна на војската се ветени избори по две години и предавање на власта на цивили. По рушењето на ал-Башир, на чело на Транзицискиот воен совет беше поставен Генерал Авад Абнер Абу. Демонстрантите сметаа дека војската мора да ја предаде власта во раце на цивили при што се случи пресврт, имено, еден ден по формирањето на Советот, Генерал Авад Абнер Абу поднесе изнудена оставка по масовните протести и реакции на гневната маса како и на надворешните играчи, а на негово место дојде Генералот Абдел Фатах Абделрахман ал-Бурхан. По раскршување на ситуацијата, на чело на Транзицискиот воен совет дојде ал-Бурхан. Протестната маса ниту тоа не го прифаќа и прави своја коалиција, наречена, Сили на Слободата и Промената и бара цивилни лица да го водат Судан, а не воени лица, олицетворени во ал-Бурхан. Предлогот означи дека мнозинството во Советот ќе бидат цивили. Коалицијата на Силите на Слободата и Променатаго предлага како Премиер, Абдала Хамдок, а Транзицискиот воен совет мораше да се трансформира и да стане, едноставно Преоден совет, со мандат во наредните три години да организира избори и власта да се предаде на цивилни лица. [1] [2]

Сепак, имаме двоглава ситуација моментално во Судан, опресивниот апарат и разузнавачките структури не дозволуваат, на министерските места во полицијата и војската да има нецивилни лица, па така, во договорот за формирање на Влада на чело со Абдала Хамдок како цивилно лице, Министерството за војска и Министерството за полиција, остануваат во рацете и се под директна контрола на Генерал ал-Бурхан.

Абдала Хамдок има докторат од Манчестер и од 1981 до 1987 година учествува на високи позиции во Судан, во Министерството за финансии.

Назад во диктатурата. Власта на ал Башир се држеше на два столба, имено, на војската и на разузнавачките служби со помош на исламската идеологија. Апсењето на Омар ал Башир од страна на водачот на Преодниот воен совет, Генерал Авад Абнер Абу дојде како превентива, за да не се случи линчување на разјарената маса како во случајот со Гадафи. Во Судан, разузнавачките служби секогаш имале појаки позиции од позициите на поединци во војската и генералштабот, затоа што разузнавачките служби се поставени директно да одговараат пред Претседателот, што значи биле на страната на ал Башир. Но и покрај тоа, рушењето на ал Башир е воен удар во рамки на војската, бидејќи ал Башир има титула Маршал, а беше уапсен од Генерали од фракција на војската.

Демонстрантите во следните месеци се тепани, затварани и брутално убивани од апаратот. Како и со секоја диктатура, најголем дел од ресурсите се пренасочувани во полицискиот и воениот апарат, наместо за цивилни потреби.

За воените диктатури, апаратот е како осигурителна полиса.

Нема да зачуди ако демонстрантите разочарани од исходот од протестирањето после една година земат оружје и се организираат во некаква нова SPLM, со тоа што, тоа ќе значи нова војна со локални размери којашто ќе донесе нови играчи на сцена, а апаратот иако е во предност, сепак го нема „духот“ потребен за слобода и ослободување. Но, консолидација на новата ситуација ќе биде водена пред сѐ од интересот на надворешните фактори во врската со ресурсите на Судан.

Прашање е дали протестите во Судан ги инспирирале протестите во Алжир или пак е обратно, но според тоа што се случува, ситуацијата се римува во двете земји по однос на опозицијата и демонстрациите по улиците во однос на диктатурите, бидејќи и во Алжир владеат исламисти, нафтената индустрија ја формира главната политичка конфигурација внатре, а воено-полицискиот апарат владее со земјата со помош на земјите од надвор, коишто ја поддржуваат диктатурата инвестирајќи и поддржувајќи ја власта на сите начини поради заемен интерес.

Абдел Фатахал-Бурхан е воено лице, на 60-годишна возраст, којшто е назначен своевремено како воено аташе во Кина, според тоа има директно врски со Кина. Абдел Фатах е „избран“ од виша сила затоа што неговото досие не е поврзано со геноцидите во Дарфур и изгледа чисто, но предложен е од странци, затоа што се сретнал со демонстрантите од протестите и разговарал за нивните барања.

По најавата на Трамп за договорот на векот помеѓу Израел и Палестина, Нетанјаху е растрчан по регионот и бара отворена поддршка за договорот којшто го предложи Трамп. И наместо да оди на средба со Премиерот на Судан, Абдела Хамдок, Нетанјаху, си дозволува да оди на средба со Генералот ал-Бурхан којшто ја контролира ситуацијата на теренот во Судан. По овој излет, јасно е дека во Судан имаме двоглава власт и како тоа ќе заврши, ќе видиме, но не е баш пријатно ова да се случува зад грбот на новиот владин кабинет, којшто ја има поддршката од протестантите и гневната маса којашто протестираше во 2019 година. [4]

Конечно, веќе има апсења по сите линии од власта на Омар ал Башир, а лојалистите на Омар ал Башир тешко дека ќе се откажат од позициите така што ќе има тензии со потенцијал за отворен судир меѓу воените фракции. Постои и јавно невидлив конфликт меѓу фракции во војската со разузнавачкиот апарат. Моментално ситуацијата е нестабилна со ризични линии на повеќе нивоа од релациите на воено-полицискиот апарат со нафтените бизниси на разни групи во и вон земјата. Контрола на нафтоводите и пристаништето е клучно како во случајот со Либија, но и Алжир.

Сала Гош, шефот на разузнавачките служи близок до ал Башир, во 1990-тите ќе каже: „На секој којшто ќе ја оспори власта на ал Башир ќе му ја исечам раката“, но и Сала Гош исто како и други поднесе оставка на 19 април 2019, на денот на апсењето. Очигледно е дека по 30 години диктатура, ќе мора да има „некакви“ промени. Самото менување на Омар ал Башир е како инјекција на доза оптимизам, иако протестантите на се откажуваат од протестите, затоа што сметаат дека воената команда или воениот совет е само вртење на истата паричка од другата страна. Во право се!

Меѓународната заедница ќе бара испорачување на Омар Ал Башир на Меѓународниот суд во Хаг за злосторства против човештвото во Дарфур. [5]

Но, Судан и било која наредна власт нема да дозволи да биде испорачан, поради тоа што, главата на еден, значи главите на сите, а Омар ал Башир веројатно ќе добие азил од Саудиска Арабија, каде ќе живее мирно, по принципот на Груевски, а ВМРО за време на Хорти. Но, да видиме.

Да не заборавиме на младата дваесетгодишна Суданка којашто беше дел од репертоарот на јавни личности којашто доби меѓународна видливост на социјалните мрежи, којашто ги претставува младите и супресираните маси на жени коишто немаат никакви права, особено во јавниот живот, но не само нив. Северен Судан е исламска земја и правата на жените се стереотипизирани како за целиот исламски свет, но сепак правата не се такви какви што треба да бидат. Девојката којашто доби видливост на социјалните мрежи беше испочитувана и од млади и од повозрасни жени, според јавните улични протестни настапи, но и од сите други протестанти по улиците, но сепак, тешко дека девојка од дваесет години може да добие политичко репрезентирање во Судан освен на социјалните мрежи. Власта на Судан е брутална сила којашто не бира средства за да остане на власт. Дали ќе има промени во насока на почитување на правата на жените? Тешко замисливо во земја како Судан, но да видиме.

Суданците не го сакаат „западот“, затоа што секогаш биле губитници од колонијалните игри на странците. Така било во време на Англија, така е и денес во однос на Европа и Америка. Во Судан владее антизападна идеологија и можеби логичко е вртењето на Северен Судан кон Истокот и Исламот.

[1] https://youtu.be/LeTKWAgObXQ папа Франциск во мировна операција за Јужен Судан

[2] https://www.aljazeera.com/news/2019/08/abdalla-hamdok-sudan-prime-minister-190821104935717.html За Абдала Хамдок

[3] https://www.aljazeera.com/news/2019/08/general-al-burhan-sworn-head-sudan-ruling-body-190821093838455.html 21 август 2019 Формирана Влада на Судан со Транзицијскиот Совет составен во мнозинство од цивилни лица

[4] https://www.timesofisrael.com/sudanese-leader-says-he-felt-comfortable-with-netanyahu-during-meeting/ ал-Бурхан и Натанјаху на средба во Уганда, без знаење на новата Влада на Судан на Абдала Хамдок

[5] https://www.slobodnaevropa.mk/a/30429125.html?fbclid=IwAR0v5lASIpBPFkIE1LU4t07ssgXatjwSzWY4JvSx3UY95Fv42m0-IRCcHG4 Испорачување на ал Башир на Хаг

Автор: Минанов Кирил

|2020-02-21T11:53:51+00:0021 февруари 2020|Актуелно, Вести, Свет, Став|