СКОПЈЕ, 18.08.2017 – Утре во Валандово, ќе се одржи референдум на кој жителите, ќе имаат можност да се изјаснат за стопирање, или продолжување на работата на рударскиот комплекс „Казандол“, како и за тоа, дали да се отворат нови рудници за експлоатација на метални и минерални суровини. Пред две недели, Министерството за економија тврдеше дека, не може да се раскинат договорите за веќе издадените концесии за рудниците, по што имаше бурни реакции во јавноста во насока на тоа дека, успешните референдуми, односно изразената волја на граѓаните на локално ниво, не смее да биде занемарена и невалидна
Во недела, во Валандово ќе се одржи четвртиот по ред референдум од оваа област во врска со отворање на рудници. Жителите на Гевгелија, Богданци и Дојран веќе се изјаснија против отворање на рудници.
Пред околу две недели Министерот за економија, Крешник Бектеши ги девалвираше референдумите, велејќи дека не може да се раскинат договорите за веќе издадени концесии за експлоатација на минерални суровини поради успешен референдум, или граѓанска иницијатива. По неговата изјава следеа бурни реакции во јавноста.
Активистот од граѓанската иницијатива „Спас за Валандово“, Кристијан Балески, во изјава за Гласник вели дека, по разгледувањето на договорот помеѓу инвеститорот и државата за рудникот „Казандол“, утврдиле дека, наспроти тврдењата на Министерот за економија, основи за раскин на овој договор има.
„Во договорот, како услов е предвидено постројката за преработка на бакар да биде изградена во рок од две години, од кога ќе се потпише договорот и после две години да се изгради упте еден рудник (за кој инвеститорот има добиено концесија за проспекциски истражувања). Договорот е склучен во февруари 2015 година, а сега е август 2017 година. Инвеститорот веќе 7 месеци го прекршува договорот, а Министерството за економија не се грижи за спроведување, Државниот градежен инспекторат нема излезено на терен, за да ја провери градбата. Условот како суштествена повреда му дава право на концедентот да го раскине договорот. Прстот е вперен во Владата и во Министерството“, вели Балески.
Тој нагласи дека, бараат итна постапка за ревидирање на дозволите и раскинување на договорот.
Балески посочи дека, предизборниот молк за референдумот кој според законот е 48 часа, бил прекршен од страна на претставници на компанијата „Сардич“.
„Во текот на вчерашниот ден делеа флаери низ нашата општина. За тоа беше известена МВР Валандово и очекуваме спроведување на законот и казни за тие што го нарушија изборниот молк. Правото на слободен избор на граѓанинот е загарантирано со Устав и мора да се почитува од сите страни. Оптимисти сме дека референдумот ќе успее, граѓаните ќе излезат на гласање и ќе успееме заедно против злото што ни’ се заканува“, нагласи Балески.
Дека владата не смее да заобиколи и да замижи пред референдум, на кој граѓаните ја искажуваат својата волја против изградба на рудници на смртта, смета и претседателката на партијата ДОМ и пратеничка во новоформираното собрание, Лилјана Поповска.
„Граѓаните имаат право на здрава животна средина и според нашиот Устав, кадешто тоа е загарантирано. Но, исто така, според Архуската конвенција, којашто Македонија ја има потпиштано, имаат право да бидат информирани за се’ што е во врска со животната средина и имаат право да го искажат своето мислење и нивниот глас да се почитува. Во случајов граѓаните кажуваат дека се свесни што таму се случува и велат „НЕ“, и тоа мора да се почитува.
Во врска со изјавата на Министерот за економија, Поповска рече дека, не знае во кој контекст е кажана, оти не ја слушнала. Таа смета дека, треба да се реагира соодветно, бидејќи како што вели, ниту тие што се претставуваат како странски инвеститори не се тоа и се претставуваат лажно. Исто така, смета дека, документите кои се издавани од различни министерства во минатото за издавање на концесии се половични, или неточни. Според неа, треба да се направи комплетна ревизија на процесот на издавање на концесии, но и луѓето кои се на раководни функции треба еколошки да се освестат. Таа го посочи примерот со градоначалниците на општините, кадешто се одржаа референдуми.
„Тие станаа свесни дека, и нивните деца ќе се трујат и застанаа на страната на граѓаните, односно против изградба на рудници“, вели Поповска.
Политичката партија Левица, исто така, упати поддршка до граѓаните на општина Валандово, на утрешниот референдум да излезат што помасовно.
„Нека ве инспирира светлиот пример на вашите сограѓани од Гевгелија, Богданци и Дојран“, велат од партијата.
Во однос на изјавата на министерот Бектеши, од Левица сметаат дека, ваквото девалвирање на волјата на народот е крајно недозволиво и целосно неосновано.
„Никој нема право да го игнорира гласот на народот! Затоа, нека не ве обесхрабрува овој став на Министерството за економија. Напротив, нека биде тоа уште еден поттик, уште поцврсто да застанете во одбрана на своето здравје и живот, наспроти лудата трка за профит на мултинационалните компании и обидите за обезвреднување на волјата на народот од страна на Министерството за економија“, напишаа тие вчера на својот фејсбук профил.
Утрешниот референдум во Валандово е четврти по ред од овој регион, откако повеќето од жителите на Гевгелија, Богданци и Дојран рекоа „НЕ“ за изградба на нови рудници, и да се прекине работата на „Казандол“.