Северноатланска религија (период на инквизиција во Македонија)

Нова вера нова библија.
Еве долар да изневериш,
и еве долар да заборавиш.

 

НАТО за деца

Како во најдобрите денови на монархофашистичка Шпанија и НД Хрватска, веронауката во школите е впрегната во служба на злосторничка организација.
Имено, во основното училиште Григор Прличев, во општина Гази Баба, вчера на 12 годишни деца им била вршена презентација за НАТО од страна на домашен визитинг презентер и грчки офицер. Училиштето веројатно било почестено од оваа посета, а децата добиле пропаганден матерјал, и ислушале 45-минутно предавање за добриот воен сојуз НАТО.

Како и секоја друга религија,  евроатланската религија најдобро се прима од мали нозе. Децата се пластелин, и првиот кој ќе пристапи е веќе во предност. Заедно со 25 годишната обработка на родителите, оваа религија некои експерти сметаат и дека нема потреба да биде тестирана на референдум.

Поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски, коментирајќи ја преставката на Левица до Уставниот суд, не даде ниеден правен аргумент против но, затоа предвиде црно сценарио, доколку уставните судии ги прифатат неспорните правни аргументи на Левица. Имено, поранешниот уставен судија стравува дека со поставувањето воопшто на самото прашање за разгледување пред Уставниот суд се оди токму на црна нитка, на рушење на темелите на државата.

Така е. Како во сите теократии. Можеш се’ да оспориш но, не и религијата на која почива државата.

Старо-новата религија на империјализмот

Евроатланска религија.
Мнагу мал, за голо око речиси невидлив дел од народот, се посомнева уште на стартот, уште во  доцните 80-ти и раните 90-ти, дека тоа е всушност старата Монархо-фашистичка религија. Значаен дел успокојуваа, дека на последните сеимперијалистички собори, религијата се трансформирала, инквизиција нема, само случајно истите сили се во позадина.

Сепак битни беа оние што спроведуваа: НАТО-ЕУ кардиналите и парохијалните свештеници. Светите книги се чуваа во Вол Стрит и Брисел, а пресветото оружје беше управувано од Пентагон. Волјата на кардиналите се спроведуваше и од македонската света и световна власт. Световната власт беше најекспонирана. Реформа за реформа, глоба за глоба, индулгенција… Македонија како антифашистичка држава, мораше да го откупи својот првороден грев со тешки репарации. Оваа религија се покажа мошне сурова кон работниците, агностиците и неверниците.

Транзиција, распродажба на демонтираната индустрија, зеленаштво, див слободен пазар на луѓе труд и стока. Транзицијата агностиците ги држеше на сламка, а неверниците ги држеше во немилост. Верниците де паѓаа во немилост, во гревовен сон, де се враќаа на правиот пат.

Светите книги беа избледени, нив можеа да ги читаат изворно само првосвештениците.
Парохијалните свештеници нижеа успех за успех. Реформа за реформа, Договор за договор. Иако не ја пишува во преамбулата во Уставот, евроаталанската религија е најмоќна државна религија.

И на помесните парохијални свештеници добри им беа надоместите. Тие никогаш не ни посакаа лично да ги прочитаат торите. Нивната верба беше мотивирана од среброљубие и властољубие. Заглавени во своите удобства, тие речиси и да не забележаа дека ги губат верниците. И покрај последниот фанатичен тренд за себекамшикување, евроатланската религија доживеа драматичен губиток на верници. Евроатланските свештеници се ставени на маки. Како ли да го испорачаат ветеното на последниот НАТО самит. Толку многу направија да им удоволат на евроатланските великодостојници и кардинали (или „Меџународната“ според свештениците и подредените питропи). Кардиналите почнаа и засилено да ја посетуваат македонската парохија. Кардиналите едноставно не можеа да го остават одржувањето на крвничките иригациони системи, целосно во рацете на парохиските свештеници.

Евроатланските свештеници во Македонија

Кардиналите и парохијалните свештеници на евроатланската религија, цигла по цигла ја рушеа Асномска Македонија (Социјалистичка Република Македонија и Република Македонија до 1993). Република Македонија после 1993 беше транзициска Македонија, со одлука на Собранието од 1993 и Северно-атланска Македонија.

СДСМ – ВМРО – ДПА – ДУИ беа инкубатори за проповедници, коишто самите не веруваа во тоа што го зборуваа, но затоа успешно ја празнеа државната каса и нашите џебови.
Главните проповеди се одвиваа на секои 2 години. Во клучни моменти проповеди имаше и на 10-тина месеци. Верниот народ во Евроатланската религија секогаш даваше свој добороволен прилог, а често и знаеше толку да биде исплашен од проповедта, што и апсолутно даваше се’ што имаше.
Проповедаа за слободната волја. Но, како добри проповедници со микрофони во големи сали, по потреба ветуваа царство небесно, рај на спржената земја, а по потреба застрашуваа со војна.

Кардиналите и парохијалните свештеници против народот

Натоизмот е последно прибежиште на транзициските политичари. Тие навистина се искрени кога велат дека им е неопходен НАТО. Да ги штити од народот. Зошто тој трпи но, и трпението има крај. Во редица држави во светот НАТО и државниот апарат за репресија на секоја земја членка ја штити домашната олигархија и бирократија од гневот на народот. Во мас-медиумите нема место за масовните протести и полициската бруталност во редица земји НАТО членки. Се протестира секојдневно и во земјите од Центарот на капитализмот и во земјите колонии.

Како ќе се одржи економијата што работи во интерес на 1%, а ги угнетува секојдневно 99%? Со пропаганда, пендреци, солзавец и шок бомби во центарот, со вистински бомби, гумени куршуми, вистински куршуми и паравоени структури во колониите. Со платени новинари, аналитичари, политичари и комичари. Со секојдневна пропаганда која заплашува со војна.

Историјата се повтурува. Народната побуна се ближи… Таа почнува со БОЈКОТ!

О, трајте, трајте, тирани недни!
Доста се тија лаги и злоба —
пакосен глас од устите гадни
над мојот народ у секоја доба.

Па нека сега сам да си реши
со своја волја судба и сева,
в животот еднаш сам да се теши,
д’издигне славно свој род без врева.

Автор : Зоран Василески, член на Президиумот на Левица

|2018-09-19T08:57:13+00:0019 септември 2018|Актуелно, Економија, Свет, Став|