Роденденската забава на Нимиц и Могерини ќе заврши со неуспешен референдум

Приватна журка во Отешево, полициска бруталност во Скопје

17 јуни, 2018 година. Денот почна мирно и идилично. Премиерот за една употреба Зоран Заев, не’ почести со утринско селфи на кое во позадина се кезеа министерката за непостоечка одбрана, Радмила Шеќеринска, министерот за надворешни трговии со името, Никола Димитров, и претставникот на коалициониот партнер на СДСМ – ДПМНЕ, Бујар Османи ДУИ, кој ја имаше улогата на батлер во Отешево, пратен директно од кетеринг службата на НАТО/САД корпорацијата. Очите на насмеаниот премиер за една употреба сами зборуваа:  „Вие не можете толку да побарате, колку што ние можеме да се согласиме“. На погледите полни сомнежи дали ќе може испорачаното да го реализира, тој прати нова тура насмевки, најавувајќи дека целиот мандат ќе го потроши на дословно исполнување на секоја точка и запирка од договорот. Во знак на покорност, подари вратоврска, на што остро реагираше Јоханес Хан, кој запазувајќи ја регулативата 4056835, вратоврската ја претвори во украсно шамивче за левиот џеб на Ципрас. Оваа интервенција беше неопходна и за запазување на духот на договорот, каде втората страна не е еднаква со првата страна, па оттаму и не може да подарува било што и било кому кога ќе и текне. Еврокомесарот за натовски прашања, оправдано го укори премиерот за една употреба: „мали, доволно подари, башка денес роденден слават Нимиц и Могерини, а не Ципрас…“.

Но секоја прослава знае да застрани. Крајот на забавата беше крвав. Граѓаните кои излегоа на протест пред Собранието, се соочија со бруталноста на македонската полиција, приватното обезбедување на ЕУ/НАТО корпорацијата и домашната експозиура на чие чело се менуваат чиновници од редовите на ВМРО или СДСМ. Истата онаа полиција која на денот на демонстрацијата на оружјето на американската армија (29 јули 2017г.), брутално приведе (или ако повеќе милуваме „лиши од слобода“) мирни протестирачи од Левица и левичарските организации Ленка и Солидарност. Дека кога се во прашање вековните идели за влез во НАТО(?!) полицијата знае да напаѓа луѓе со шок бомби и гумени куршуми, се уверивме таа вечер. И дека може да апсат новинари во името на слободата на говор и демократија… исто така видовме. Тоа е пораката која корпорацијата преку своите експозитури во периферијата на светот сака да ја прати. Пораката е: покори се, или пати! Ќути или ќе бидеш замолкнат со шок бомби или вистински бомби, зависи од пружениот отпор…

Како стигнавме до тука?

Уште пред половина година, мајката на славеникот и маќеа за европските народи и работници, Ангела Меркел, повика журката да се одвива „зад затворени врати“. За втората договорна страна поинаку и не можеше да биде. Оваа страна имаше премногу за „давање“, нешто што мораше да биде скриено од јавноста до последен момент.

Официјалната верзија на она што се случи вчера од двете страни на границата, е дека балканските држави Грција и Македонија, под покровителство на ЕУ склучиле договор за конечно решавање на спорот за името на втората „договорна страна“. Сепак неофицијалната верзија е точната верзија. Имено во Преспа, Федерика (Могерини) и Метју (Нимиц),  славеа заеднички роденден на кој поканети беа другарчињата Јоханес, Алексис, Зоран, Никола, Никос, Радмила, Бујар и уште некој.

Помеѓу славјето и роденденските подароци, министрите и премиерите, ставија потпис на договорот кој очигледно им го напишаа менторите-старатели од Вашингтон, Лондон, Берлин и Брисел, под видно силно влијание на првата преговарачка страна, а под никакво влијание на втората преговарачка страна. Дека се работи за документ сработен од трета страна, говори самиот факт што двата преговарачки тима со месеци преговараа за името, за на крај само во неколку дена да „договорат“ текст распослан на двоцифрен број страници, со редица точки, потточки, алинеи и фусноти групирани во 20 члена.

Двајцата социјалдемократи во служба на корпорацијата НАТО/ЕУ беа ставени во непријатна позиција како да го обзнанат договореното. Кај првата договорна страна, договорот можеше да значи промена на покривот (смена на државната власт), додека за втората договорна страна, договорот значи рушење на државните темели, поставени во АСНОМ.

 Бојкот на референдумот е најефикасен начин на отпор

Има уште многу правни/уставни пречки до распишување на референдумот. Потписот на претседателот Иванов, негово вето, мнозинство (просто или квалификувано) во парламентот, преставки до уставниот суд и.т.н. Но, не ќе е прв пат да се прекршат процедурите и уставот. Затоа референдумот е се’ поизвесен и речиси сигурен.

Но дали граѓаните ќе бидат оставени на раат самостојно да одлучат? Никако. Дури и еврокомесарот Хан се понуди да оди од град во град, од село во село, од врата до врата, да ги убедува луѓето колку е добро, и колку МОРА да излезат и да гласаат ЗА промена на уставното име.

Македонските граѓани се поделени, етнички и партиски. Албанските политички партии го сработија теренот со речиси 100% учинок и нив не им е потребен Хан. Тие создадоа етнички ѕидови, кои невозможно е за брзо време да се пробијат. Солидарноста на албанците со македонците загрозени од грчкиот шовинизам, благодарение на овие партии, за жал, речиси и не постои.

Но за ВМРО ДПМНЕ и особено за СДСМ, еврокомесарот е неопходен.

Во СДСМ има членство кое јавно кажува дека се срами од договорот Ципрас – Заев. Малку се на број, засега еден на илјада.  Членството кое пак јавно не зборува (но кое длабоко во себе знае дека ова е штетен договор), засега никој не може да знае колкаво е, но сигурно не е во занемарлив процент на статистичка грешка.

ВМРО ДПМНЕ располага со поголемо членство, над кое веќе сериозно губат контрола. ВМРО ДПМНЕ во опозиција, досега не било исправено пред тестот да брани непопуларни политики пред своето членство. Од позиција на власт, кога ги амнестираше хашките случаи за злосторства против човештвото, не се сеќавам колку нивни членови јавно критикуваа или напишаа нешто во знак на осуда, па макар и во завиена форма. Не се сеќавам очигледно затоа што немало такви… Но сега, кога се опозиција, евентуалниот повик „да се гласа ПРОТИВ“ на референдумот, а на барање на корпорацијата, нема така лесно да помине кај поголемиот дел од членството на ВМРО ДПМНЕ.

Она што СДСМ-ДПМНЕ не го контролира, тоа е народот кој ги одлучува сите избори, а тоа се неопределените. Тие, или не излегуваат да гласаат, или гласот го даваат за партија различна од СДСМ – ДПМНЕ. На последните избори дел од неопределените гласаа за СДСМ, давајќи им бланко доверба дека власта ја бараат за справување со социо-економските, здравствени, образовни и еколошки проблеми.  Едниот дел од тој народ можеби и натаму верува во бајките кои 25 години ги слушаме дека НАТО/ЕУ е решението за се’. Оттаму, и мал дел можеби веруваат дека „животот за сите“ ќе започне со официјалниот влез во НАТО „Цевките мед и млеко само што не се пуштени. Решете го името, и ги пуштаме на максимум!“.

Сепак, најголемиот дел од неопределените е оној дел од членството на СДСМ ДПМНЕ кој и натаму го задржал „лукзузот“ да размислува со своја глава… Тој мнозински дел не верува во тие бајки, и на крај памет нема да му биде да да гласа понизно за промена на уставното име, затоа што знае дека договорот е изнуден, договорот е штетен, или непотребен. Тоа ја плаши корпорацијата и нивната експозитура кај нас, СДСМ – ДПМНЕ. И во периодот кој претстои ќе се засили пропагандата, ред охрабрување, ред заплашување, ред рајски градини, ред катаклизми и закани од разните зависни новинари и зависни експерти.

Приватната журка во Отешево македонските граѓани ја проследија преку ТВ екраните. Незадоволни од проследената трагикомедија, мнозинството граѓани очигледно посакуваат пред ТВ екраните да останат и на денот на најавениот референдум. Тоа е и најефикасниот отпор против наметнатиот договор. Бојкот на референдумот!!!

„Некои прашања не заслужуваат одговор“!  Одговор заслужува прашањето зошто е волку висока стапката на сиромаштија, невработеност, задолженост, стапката на годишно иселување на младите, стапката на ПМ честички во воздухот, стапката на најнискиот и рамен корпоративен данок, стапката на профитите кои се изнесуваат од државата благодарение на тој данок… Наместо одговор на овие прашања, во периодот кој следи, полицијата ќе тепа, претседателот, исто како и за амнестијата, може да се премислува. Ако не се премисли, извршната власт ќе продолжи вон процедури, како и со изборот за спикер на Собранието. Уставниот суд сето тоа поверојатно е дека ќе го аминува, но масовниот бојкот на референдумот, не може да се лажира, референдумот кој ќе го мониторираме, а на кој нема да гласаме, не може да биде успешен!

Автор: Зоран Василески, член на Президиумот на Левица.

|2018-06-18T09:40:33+00:0018 јуни 2018|Актуелно, Став|