Да, многу мачна стана темата со рудниците за сите, а најмногу за нас кои сме директно вклучени. Но, како што и порано спомнав – немаме избор и ќе тераме до крај. Јавноста е делумно информирана за најновите трикови на концесионерот Еуромакс Рисорсис. Претходно, во текот на есента и зимата, по референдумите и очигледниот масовен отпор, нараснатата свест за опасноста и воопшто по нивниот неуспех, го сменија раководството, вклучително и оние со криминални опашки. (Како што повеќепати е потспомнато, правени се фалсификати и прикривање на факти за опасностите). Имале „нов инвеститор“, повторно некакви канадски експлоататори, ги отпуштија работниците, ја продадоа механизацијата, и се иселија од седиштето.
Но, уште „лобираат“, преку препознатливи канали. По одлуката за затворање на Казандол, работите повторно се усложнија. Пред три недели, владата даде рок од седум дена да се разгледаат можностите за раскинување на договорот со Еуромакс. Ништо од тоа. Наместо раскинување, по две недели одненадеж на дневен ред беше ставена точка со Предлог-одлука за спојување на двете концесии на Еуромакс во една. Откако реагиравме, Ноќниот Дух веднаш ја отстранил од владиниот информацијата за оваа Предлог-одлука како да не постоела. Но усвоена е. Следниот ден, на прес-конференција Зоран Заев рече дека морале законски да постапат по таквото барање на Еуромакс, и дека строго ќе ги почитувале законите. И плус рече дека, ете, Еуромакс со новиот инвеститор се откажале од употребата на цијанид, итн.
Од тој миг, алармот е повторно вклучен. Никому не веруваме. Ништо не ни’ значи тоа што Еуромакс тврдат дека нема да користат цијанид. Прво, затоа што не им веруваме, а нема право да им верува ниту владата, со оглед на манипулациите и измамите на оваа компанија наназад десетина години. Дури, мислам дека овие безобзирни профитери се подготвени да користат цијанид, а да тврдат дека не користат. Тоа се подмолни измамници подготвени на сѐ, за што лани се уверивме во текот на кампањите – обични мршојади, дојдени тука да ископаат злато и да си заминат, оставајќи не’ истровени. Второ, ископување злато и бакар без цијанид не им се исплати, со оглед на количината и квалитетот на рудата. Затоа се сомневаме дека повторно лажат. Трето, немаат објавено никаква студија со која ја образложуваат новата ситуација, ниту свикале јавна расправа, туку само кажале дека ќе нема цијанид, надевајќи се неупатените да поверуваат дека опасностите од рудникот престанале.
Четврто, ниту престанале, ниту се намалиле. Цијанидот е само еден од лепезата смртоносни дарови кои Еуромакс ни’ ги нуди, кои од Струмичката Котлина ќе направат постапокалиптична пустелија. Да се потсетиме на другите смртоносници: Тешки метали и хемиски супстанци ќе ги загадат возухот, водата и почвата; водите ќе имаат намалена pH вредност и зголемени концентрации на цинк, алуминиум, арсен, бакар, железо, нитрати, сулфат, сулфурна киселина, комплекси од метали, цијанид, селен, манган, кадмиум и други, сите смртоносни; воздухот ќе биде загаден од отровна прашина од експлозиите, смртоносна; при ископувањата ќе избијат радиоактивните стронциум и ураниум, смртоносни, од кои прво ќе изумрат вработените; ќе биде изградена 6-та највисока брана во светот од чудовишни 276 метри, со 210 милиони тони смртоносен отпад, четирикратно поголема од браната Турија, за која и во студијата на Еуромакс стои дека не е безбедна (пред некој ден во Босна пукна хидројаловишна брана од само 18 метри и предизвика еколошка катастрофа); ќе биде ископана една од најголемите дупки на планетата, отворен коп длабок 700 метри, која еден ден ќе прелие ; секојдневно минирање и експлозии со 52 тони амфо-експлозив; од отровната прашина и од хемиските испарувања од хидројаловиштето ќе врнат кисели дождови кои ќе попарат сѐ живо; по 4-5 години ќе започнат масовни смртни случаи, ќе започне масовно иселување, ќе дојде до културолошка и национална деградација.
Всушност, ние ќе бидеме испоразболени уште со првичните ископувања и без цијанид, а потоа ќе нѐ докрајчуваат хемиите и гасовите, при што разликата дали ќе умреме од цијанид или да речеме од фенси коктел од арсен, кадмиум и сулфурна киселина ќе биде во тоа што во првиот случај душите ќе ни’ излегуваат низ нос, а во вториот низ задник. Од стронциум и ураниум, не знам од каде ќе ни’ излезат.
Не сакам ни да помислам што ќе се случува доколку со еден единствен потпис Струмичката Котлина биде буквално осудена на смрт. Јас сѐ уште верувам дека договорот со Еуромакс ќе биде раскинат до крајот на мај, и дека тие само одолговлекуваат. Во владата има лоби кое е за рудникот, ги знаеме сите по ред (вклучително и оние од претходната власт), има и разноразни притисоци и дезинформации, но има и народ кој веќе знае сѐ. Нека си видат, но да им кажеме јасно дека веќе е навистина доста и дека времето за одолговлекување, забушавање и дефокусирање заврши.
Лани ова време го напишав текстот „Предупредување“ и немам што да ѝ додадам или одземам на реалноста на проклетиот рудник вака соголена до коска: „Прво и најосновно: Сите вие кои сте ЗА отворање на рудникот во Иловица сте потенцијални поддржувачи на масовно убиство со одложување, со или без предумисла. На одложен геноцид и екоцид. Тоа е крајниот исход, ви се допаѓало тоа или не. Работата на рудникот меѓу останатото ќе предизвика рапидно зголемување на заболени од најразлични видови рак, млади луѓе ќе умираат во најтешки маки, ќе се раѓаат новороденчиња со деформитети и мутации за какви што не сте сонувале ни во кошмари. И вие ќе бидете (ин)директно одговорни за тоа (…).
Ние се бориме за гол живот, дали ви е јасно?
Размислете малку: каков е тој развој со 400 вработени во рудникот? Што е со останатите 70-тина живи села во струмичко? (…)Мислите ли дека иднината на една од најплодородните земјоделски котлини во светот е во рударството? Ќе купите ли „чушка“ или “френка“ од струмички земјоделец? Или, откако ќе пропадне земјоделието од затровената почва, ќе сугерирате да се отворат уште рудници, па сите да станеме рудари? Како тоа така, драги наши? Вие таков развој ли поддржувате? Вие да се развивате, а ние да развиваме канцери…“ Со или без цијанид, сеедно.
И уште нешто: практично сите потписи врз клучните документи за по сѐ изгледа не толку лудачкиот колку дијаболично осмислен проект со огромен број концесии за рудници исклучиво во Источна Македонија се на министри на ДУИ. Случајно, секако, бидејќи стручњаци тврдат дека во западниот дел има побогати металично-минералични рудни наоѓалишта. Толку.
Па, да го видиме тој македонски маж што ќе ни’ ја потпише смртната пресуда.
Автор: Крум Велков
Текстот првично е објавен од страна на авторот на неговиот фејсбук профил, а Гласник го презема со негова дозвола.